петок, декември 20, 2024
домаНасловнаЖенски приказни: Селската учителка која го раздели селото на две

Женски приказни: Селската учителка која го раздели селото на две

Валентина Ѓоргиевска Парго

Ако се зборува за женско насилство, заведувањето од страна на една жена е една суптилна форма, која може многу да се одрази врз бракот и животот на друга жена. За еден таков пример повеќе од деценија се зборува во едно познато македонско село и околината.

Недостаток на наставен кадар во селото, во кое мнозинството луѓе се беа отселиле, кој на привремена работа во странство поради безработица, кој во други градови, ги натерало мештани што останале да побараат учителка од градот, затоа што во околните села, учителки до четврто одделение, едноставно немало.

Таа, убавата Мирјана, во тој период само што ги дозавршила сите педагошки испити кои и биле ставени во мирување, заради тоа што во меѓувреме од студиите станала мајка на две деца и се грижела за нивното подигнување. Дома веќе и беше здодеало да ги поминува деновите во четири ѕида, речиси десет години како живеела  во изолација од светот, посветена на домашните обврски и на сопругот, со мал приватен бизнис.

Предизвикот да патува секој ден по 20 километри со селски автобус, и да се буди рано наутро, го прифатила само колку еднаш да влезе во „шемата“, да се вработи, а потоа ќе проба да направи рокада ако се ослободи работно место, или во градот или во некое поблиско село.

На почеток, бидејќи страдала од комплекс на повисока вредност затоа што била од градско семејство, се срамувала да каже дека работи во село, дури и кога и честитале одговарала со одговор дека ова е привремено, ете, ја замолиле самите селани да им ги учи децата, но за некој месец ќе се врати во градот. Така и планирала и го притискала својот, посветен сопруг, во меѓувреме да следи и да појачува врски во локалниот партиски огранок, на партијата  на власт, да ја префрлат.

Сето тоа можеби и ќе добиело таков тек, доколку во меѓувреме не се сплеткала во љубовна игра со симпатичниот ерген, на нејзина возраст, кој немајќи работа, постојано седел пред селската продавница, со пивото во раце, каде таа пристигнуваал и чекала автобус за враќање. Автобускот кој бил редок и доаѓал на четири часа.

Ден по ден воспоставила блискост со него, и за нецели два месеци, веќе се наоѓале на зборно место во училиштето, во една неупотреблива училница, во која порано учеле деца, кога селото било понаселено. Љубовниот занес не можел долго да се сокрие, селаните веќе забележале и почнале да зборуваат, а на заклучена врата наишла и училишната домарка, кога еден ден се вратила да го земе весникот со наградна игра, за сопругот, што го  заборавила, а од градот и го донела учителката.

Таа прва ги видела и кажала на најблиските. Но,  итрата учителка веднаш сфатила дека некој сепак нешто знае,  а и за да не се забележи зошто е толку весела кога оди во селото, пробала да воспостави пријателски однос со селаните, најпрво со мајките и бабите на децата кои ги изучувала, а и да ги посетувала во домовите. Особено зимата, за да се згрее додека дојде  автобусот за враќање.

Почнала да ги посетува и нивните слава, а нејзиниот шарм и „градско однесување“ се повеќе ги привлекувало и како да се бореле кој ќе ја има на гости. Им носела и се што им е неопходно од градот- рецепти, лекарства, намирници. За сите секогаш била на располагање. Со добар збор и блага насмевка, пријатна, тивка, љубезна, полна со разбирање, и мил лик чиниш, „ангел“.

Така, пристигнала и до куќата на љубовникот каде набзрзо, по добро оставениот впечаток, станала омилена во потесното и поширокото семејсто. Без да се посомневаат какви се нејзините скриени намери.

-Ти си за мерак, ваква жена да ни дојде во селово, среќа сме имале, се крстеле постарите баби, одушевени од неа.

-А, да, мајче, Јас сум сега селска учителка. Градска мома, градска невеста, ама селска учителка и со гордост тоа го кажувам, ги купувала симпатиите на селаните.

Откако поминала зимата и нејзиниот сопруг почнал да и кажува дека дознал дека за некој месец ќе се отвори шанса за префрлување во градот, на замена на учителка на породлно отсуство, учителката одбила со зборовите дека децата во селото не можат без неа, и само да ја изучи оваа генерација, да не ги остави да се почувствуваат обезвреднети и напуштени. Затоа уште повеќе се доближувала до децата и нивните најблиски.

Пролетта, за да не се забележи блискоста со ергенот го натерала да  учствува на акцијата  за средување на училиштето и дворот, градината, и така да испадне како дека нивните средби се за доброто на селото. Во момент на невнимание се забележувале нивните искри во очите кога си се обраќале еден на друг, а за  љубовниот акт зад затворени врати домарката на училиштето, се погласно шепотела низ селото.

За да се покрие муабетот кој го обиколил селото и ги искарал селаните- едни тврделе дека е вистина, други дека се измислуваат муабети за инает, ергенот по неколку средби набрзина се оженил со постара сама мома од другото село, доста богата и имашна. Неговата намера била брзо осуетена и од неа, и таа се почувствувала навредена. Тој секој ден одел во родното село, да ја види и сретне учителката, занесен бил, отсутен, постојано со мислите некаде лутал. Почнале караици и тензии, а се смириле откога им се родило првото дете.

Од друга страна тој воопшто не ја прекинал врската со својата љубовница- селската учителка. Напротив. Станала поцврста и сега не се ни криеле, слободно застанувале пред продавницата, ко божем пријатели и муабетеле. Не ретко ја враќал со својот автомобил, поточно со автомобилот на својата богата сопруга. Кога еден ден таа го видела дека ја враќа кон градот, и го пречекала нервозна,  тој физички ја нападнал, и тоа пред нејзиниот чичко и тетка, дојдени на гости, го грабал детето и заминал. Два дена го немало.Сопругата, целата во солзи и вознемиреност била принудена да јави во полиција.

Се вратил и сега морале  да го „крпат“ нарушениот брак, и углед пред соселаните. Малку по малку работите си зеле свој тек. И кога ги послушал убедувањата од другарите и блиските дека треба да се сврти кон сопругата и семејството, да ја остави учителката, тој дефинитивно и раскинал. Но, следувал вистински хорор  Не сакајќи да го изгуби и да попушти, му праќала вознемирувачки пораки, постојано му ѕвонела од разни броеви,  што го натерало повремено да замине на привремена работа во соседните земји за да се оддалечи од неа, ситуација која неговата сопруга многу тешко ја поминувала.

Учителката, преку добро разработена тактика, се обидувала најголемите озборувачки во селото да ја гледаат во близина на неговата куќа, како се поздравува со неговата мајка, тетка, како се гушка и бакнува пријателски, за да веднаш и пренесат на неговата сопруга. Иако љубовната врска била прекината.

Повторно се разбранувало селото кога се разболела мајката на љубовникот и тој морал да се врати од странство и секој ден да оди да ја гледа. Веднаш тие чести посети ги поврзувале со желбата да ја среќава учителката. Некои, на кои таа им била мила тврделе дека тоа е голема љубов и дека учителката е многу убава а сопругата на нејзиниот љубовник е мошне грда жена и во ред е да ја изневерува. Другите пак, ја бранеле сопругата на љубовникот и тврделе дека сега е престап сега учителката да им се меша во бракот.

Учителката, која никогаш не ја променила сликата за себе на „ангел“, секојдневно го поткопувала бракот на својот поранешен љубовник. Не можела да се помири со фактот дека тој веќе има свој живот и не може да ја прави среќна, како порано.

Неговата сопруга се чувствувала се подепресивно, и срам и било да оди во селото, каде веќе биле топ тема и селаните ја гледале со сожалување, и и потспомнувале дека ја жалат за тоа што и се случува. По неколку години на семејна разнебитеност,  кога снемало мали деца во селото за изучување, и учителката морала да биде префрлена ,  малку по малку се смирила и семејната криза во семејството на нејзиниот љубовник, иако трагите од поранешните караници и несогласување, и ден денес ја трауматизираат и депримираат неговата разочарана сопруга.

(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ