петок, декември 20, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Швалерката се сака повеќе од сопругата, сопругата се тепа!

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Швалерката се сака повеќе од сопругата, сопругата се тепа!

Беше голема смеа низ зградата онаа сабота кога младите решија запуштениот влез да го обојат заедно со лифтот. Една недела пред тоа одеа од врата во врата и ги убедуваа раскараните соседи да платат по 100 денари, и откако ја релаксираа ситуацијата сакаа да им земат уште барем по 50 денари на станарите од сите 35 станови. Со собраните пари прво купија мрсна боја да го “освежат” лифтот и за  околу 800 денари пластична патека за подот на лифтот. Како што беа се договориле, таа сабота решија да не ја искористат својата привилегија како млади и разгалени да спијат до пладне, туку се собраа во 9 часот, се распоредија кој што ќе прави и секој се зафати со исполнување на својата задача. Некаде кај 11.30 часот седнаа да одморат на скалите меѓу петтиот и шестиот кат, а добрата сосетка им свари кафе. Си запалија и цигара, мераклиски, оние пушачите. Некои од изморените млади соседи побрзаа да ја напуштат екипата, во која веќе од дваесеттина, останаа во бројка да се бројат на прсти.

Пиењето кафе беше засладено со смешни муабети и добро расположение, се до кај 12 часот, кога некој почна упорно да чука на приземје за да му го пуштат лифтот. Најтемпераментната Ива се затрча по гелендерите и на непознатиот глас му одговори: “Качете се по скалите, лифтот е бојосан и се суши”. Се појави мала нервоза и коментари од типот: “Од каде сега вака реагираат, кога сите соседи беа уредно известени дека денес попладне се работи и да не го чекаат лифтот!” Додека тие коментираа од долу во ехо се испреплетуваа два весели гласови, машки и женски кои чекореа по скалите нагоре. Се приближија и стана јасно дека не се соседите.

-Ајде ви се молам, каков е овој неред, лифтот заглавен да не може да се качиме, искоментира убавиот висок околу триесетгодишен човек, облечен деловно и со акт чанта, додека и даваше предност во качувањето на многу убавата и секси девојка со припиен бел фустан, високи нозе и пуштена долга коса.

-Извинете комшија, ние денес сме молери, дообјасни еден од оние кои фарбаа, оној кој најупорно фарбаше, чиниш се правда за неправдата нанесена на господинот, што со дамата весело и заитано се качуваа нагоре.

Ива, која беше во улога на благајничка, и која за време на кафе паузата го имаше отворено тефтерчето со евиденција кој платил, а кој не, се разлути што овие двајцата и пречекорија одозгора тефтерот, наместо да го заобиколат. Само што заминаа таа почна да ги озборува, и лута на невнимателниот гест се пофали дека надолу нема да ги пушти и дека ќе ги чека. Упорноста се исплатеше, по речиси 90-тина минути се симнува двојката надолу, сега веќе исцедени, уморни, а девојката со растресена и полубушава коса.

-Се извинувам, вие во стан број 35 ли бевте?

– Да, да! – одговири затечено господинот.

-А вие сте сопственикот? – се испречи пред нив.

-Јас сум, јас – збунето, несигурно одговори момчето и се вцрви.

-Баш убаво што ве најдовме. Станот беше затворен, немаше никој. Еве да видам. Вие должите 3.000 денари за цела година и сега треба да ни платите! – му рече таа.

Тој се збуни уште повеќе, се избезуми ја погледна девојката со него, но немаше каде, ја отвори актовката, извади пари и и даде. „Потпишете овде“, му рече. А тој избега и во од одговори “Не мора, ете на вас оставам вие потпишете”. Задоволни од собраните пари децата почнаа да му се фалат на сите што се качуваа на горе, дека на соседот чиј стан е празен му извлекле пари. Само Антонија се бунеше дека многу пари му зеле, колку сите заедно што платиле.

-Но тој сосед е починат, некој друг бил сигурно, кажа сосетката од шести кат.

Набрзо потоа помина соседот кој имаше стан токму под тој стан и дискретно ја повлече Антонија, која живееше над нив и и рече: “Не знам што се случува во тој стан, но од нивните средби мене долу ми се тресе лустерот и ај што се плашам дека земјотрес фатил, кога ќе сфатам дека не е тоа ме фаќа срам на мојот син да му кажам, а секогаш ме прашува, зошто откако ќе се слушне глас кај соседите дека некој влегол потоа лустерот во спалната се тресе”.

-Ха,ха, стави си плафониерка и реши го проблемот, му одговори шеретата Антонија.

Не поминаа неколку месеци, “забавата” се префрли во нејзината спална. Зимата, изгледа им беше ладно да ја користат едната соба па љубовниците од стан број 35 се префрлија во спалната, залепена до нејзината. А ѕидот, тенок и без звучна изолација. Сега веќе во нејзиниот стан допираше се што се случуваше таму. Средбите станаа секојдневни и освен оној телесен дел, се повеќе станаа разговорни. Еден викенд се случи да останат два дена, а љубовницата му свари гравче кое тој толку го испофали, што било каде-каде подобро од тоа на сопругата. Таа се смееше нападно, злобно и задоволно, и му кажа дека тоа го направила само за него и никој друг. Според нивните разговори се откриваше профил на директор или бизнисмен со добра позиција во врска со млада и лукава девојка, за око навистина неодолива. Таа раскажуваше за своите доживувања на работното место и ја исмејуваше колешката од провинција. Подоцна се утврди дека тоа не било случајно. Откако профилот на девојка од провинција го сведе на безвреден, почна да му ги раскажува своите планови за брак, дека тоа не треба да постои како форма, дека таа никогаш не би се омажила и никого не би развела.

-Знаеш ти како да живееш, паметна си, модерна девојка – задоволен констатираше директорот.

Не се плашеа ни срамеа да си муабетат по цели денови и ноќи, после “онаа работа”, а за нив не значеа ништо ни опомените изразени со чукање на ѕид од другиот стан. Неколкупати им беше оставано ливче со порака да бидат потивки, што воопшто не ги промени. Осудени да ги слушаат нивните разговори во тие месеци, и во станот на Антонија, се откриваше подмолна намера на љубовницата, на слободната девојка која демек не сакала да се врзува. Најпрво му зборуваше за нејзината скапа гардероба и фетиш-собирање на чанти, а неретко му ги фалеше дека тие што и ги донел од службено патување токму тој и се најубави и најфенси и такви кај нас нема. Му се одушевуваше на вкусот кој го покажувал при изборот, а и го прашуваше како точно знаел каде да оди за да купи таква чанта. Тивко и неусетно му го нафрлуваше визијата дека неговата сопруга, по потекло од провинција, не е вредна за него, дека тој со неа мора да живее поради малите деца, но што со тоа, само си го упропастува животот. Поттикнуваше насилство, раздор, семејна пропаст.

-Во право си, не можам ни да ја гледам. Како велат, знаеш зошто мажот се здебелил? Навечер кога оди во кревет и кога ќе види што му останува да секса, станува и вели “пудатибам” пак ли оваа и оди до фрижидерот и посегнува по храна – кажуваше виц, а таа се смееше хистерично.

-Со тебе ми е милина, рај, бајка. Ваква женска никој нема, па ми е мерак да и купам и најскапа чанта и најскапи обетки. Некни малиот кога ги извади од актовката, сум заборавил да ги префрлам, кога виде таа знаеш ли каква караница изби? Па ја смирував дека Бети колешката ми ги нарачала по каталог. А бе, ќе ја утепав како ме изнервира, за малку не ја истепав, и на крај и ги дадов обетките – се фалеше љубовникот.

-Е тоа ти е, знам во каков брак живееш, колку ти е тешко. Не би сакала јас да ти речам ама сам си знаеш си одбрал провинцијалка и сега ќе ти го контролира животот – разочаранот љубовник сега беше во рацете на младата љубовница која го тешеше, односно “обработуваше”.

-Важно те имам тебе маче, мвац. Кај те давам јас тебе, бонбоно моја. Кој ја врти неа?

-Швалерката се сака повеќе од сопругата, се пази и мази, а сопругата се тепа, ако заслужива, старо правило – љубезно и итро како лисица му одговори таа.

Почна пролетта, па соседите мораа да сменат соба за престој, зотоа што веќе стануваа неиздржливи разговорите на незаузданите љубовници и од ден на ден се почестите негови фалења како ја тепа сопругата. Таа го  сожалуваше и и бодреше во исто време. Му даваше насоки и инструкции, дека е во право и дека треба да ја вразуми со по некој шамар. Го подведуваше на семејно насилство. Откако сосетката ги ислуша сите тие разговори, и сакаше што поскоро да ги заборави, зошто и беше доволно од она што го слушаше од нејзината колешка од фалкултет, како нејзиниот брак од совршен се распаѓа откако нејзиниот сопруг добил напредување и се почесто отсуствува од дома, а се правда дека работата го бара тоа од него.

-Знам дека има некоја.

-Нема, нема, си станала параноична. Ако има нема да те тепа, ќе е релаксиран – ја тешеше Антонија и додаваше: Не измислувај!

-Ама, си го познавам сопругот. Постојано друга му е во глава, мисли на неа.

-Не верувам, со толкави бизниси нема време за тоа, тебе ти се увртело во глава.

-А сакаш да ти кажам дека еднаш само што се врати од службен пат Дејан чепкаше по акт ташната и му најде скапоцени обетки за кои прво велеше не знаел од каде се нашле кај него, а потоа демек Бети колешката му ги нарачала? Јас се јавив кај неа, таа се збуни и прво рече не, а потоа потврди дека наводно таа му ги нарачала. Ама несигурно. Оп!

Антонија тогаш се сети дека оној што доаѓа со љубовницата во станот до нив ја кажа истата приказна. Побара да го запознае сопругот и за таа цел им отиде на кафе. Него го немаше, но по фотографиите се увери дека станува збор за истиот кому му зедоа пари по скалите. Ха.

-Ива, извини, требаше да му земеш повеќе пари на оној што чукаше по лифтот, и се извини на Ива,  по еден месец.

-Ха,ха, што ти текна на нив – ја праша Ива на скалите.

– Не знам, онака, смешно беше, уште се смеам – и одговори.

Потоа, ја најде сопственичката на станот, веројатно издаден за добра сума, и рече дека соседите реагираат што тука и доаѓаат љубовници. На својата колешка од факултет не и кажа ништо, подоцна дозна дека бракот им се распаднал, а тој останал и без љубовницата, која откако дознала дека станот не е негов, како и други работи за кои и зборуваше и откако снема пари по сменувањето од директор, заминала со друг во Франција. Колку е светот мал!

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ