Силувањето, или извршен насилен полов напад врз жена, е исклучително осетлива и дискутабилна тема, особено кај нас. Станува збор за едно од најтешките насилства, кое остава силни и трајни последици, како физички дотолку повеќе и психички. За голема жал, жената жртва во најчести случаи става лепак на уста и за тоа не прозборува никогаш, освен со најблиските, можеби. А, влијанието од насилниот сексуален акт врз психата е огромно, тоа остава трајни последици.
Многу тешко ќе најдете жена којашто била силувана и која за тоа има храброст да зборува отворено, а во медиум пак, никако нема да проговори.
Четири случаи, за кои имаме информации, се насилни полови акти за кои се молчи и се молчи. Во едниот станува збор за силување за време на конфликтот, извршено врз една убава жена, односно девојка. Таа, и покрај тоа што понекогаш се осврнува на тој момент, не е подготвена да зборува во детали, а пред се сеуште трпи одредени психички последици.
Вториот случај се случил пред неколку децении во едно село, кога еден постар имашен човек извршил насилно дефлорирање на невиноста на девојка со ограничени ментални способности. За да е трагедијата уште поголема, тој продолжил редовно да се гледа со неа, со амин на мајка и, на која и давал извесни пари, за со тие средства таа да подмири дел од трошоците за живеењето со синот и ќерката, и обајцата со извесни ментални пречки. Сите тие одамна не се меѓу живите.
Третиот случај за кој се раскажува, е своевременото силување од двајца колеги на тогаш млада девојка, која потоа стана тежок психички случај, и по неколку децении животот го загуби за време на лекување во психијатриска клиника.
Четвртиот случај е многу тешко дело. За него се зборува дека се случил некаде во село во централна Македонија, кога група од 11 момци од друга етничка припадност силувале девојка Македонка. Таа колабирала, а за да ја освестат ја капеле во ладната река. За тоа и ден-денес таа не зборува, има семејство, мајка е и сопруга, но се разбира со огромни последици.
Личност која е силувана најчесто не открива, затоа што не само што за навек е обележана како силувана, туку и на некој начин добива етикета, при што се повеќе владее оној страв од етикетирање и љубопитни погледи од сите страни. Жртвите се решаваат да молчат и за да не се стекнат со негативна и непосакувана репутација на неморална жена. Тоа и ги запира да одат да побараат психијатриска и психолошка помош по насилниот акт. Подоцна се јавува и депресија, каење, односно жртвата може да не биде и воопшто способна за нормално водење љубов, понатаму. Не дај боже, во многу случаи фрустрацијата може да заврши фатално.
Многу горливи прашања и простор за дискусија има на оваа мошне болна тема, но во секој случај вреди да се позборува јавно, со стручњаци од таа област, и најмногу психијатри треба да зборуваат како да се заштити жртвата од понатамошни психички руинирања внатре во себе.
Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP