петок, ноември 15, 2024
домаЖивотЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Свекрвата ме заштити, но, кога беше предоцна!

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Свекрвата ме заштити, но, кога беше предоцна!

Пишува: Валентина Георгиевска Парго

Неподдржувањето и неукажување поддршка и женска солидарност навреме, во моментот кога една жена има потреба од тоа, може да доведе до продлабочување на нејзиниот проблем. Млада скопјанка се присетува ми дека нејзиниот брак пропаднал затоа што не била сфатена од најблиските, навреме, тогаш кога ја барала поддршката, а и се јавил проблем со неверство од сопругот.

– Љубовта и кусата врска беа пресудни да стапам во брак со мојот поранешен сопруг. Направивме голема свадба и веднаш се преселив кај него. Живееше во стан со родителите негови, и баба од страна на мајка си. Прифатив да живеам со неговите, и од финансиска гледна точка, но и поради подобри семејни релации. Всушност, тоа прашање не го ни поставив како услов иако живеењето во пошироко семејство е лимитиран. Раѓањето на детето не ме стави во дилема дали треба да размислувам за одвоен живот, останав под заедничкиот покрив. На почеток мојот сопруг инсистираше да земеме стан и да живееме сами, потоа стивна. Јас работев деноноќно и прекувремено, за екстра пари, во долг период и го издржував. По неколку години работите се променија. Неколку пати бев интимно инфекцирана од мојот сопруг, а кога ќе му споменев дека се среќава и со друга жена полудуваше. Ме набедуваше дека јас го правам тоа со друг маж, но јас бев сигурна во себе и знаев што правам. Се додека немаше докази дека има друга, го голтав тој факт премолчувачки. Станавме и родители. Дента кога го фатив со другата, за која подолго ми зборуваа дека му е љубовница, разведена и распуштена жена, и изгубив контрола во викање и плачење, прво бев нападната од свекрвата. Таа застана во целосна одбрана на синот. Таа не најде разбирање за мене ни кога сопругот брутално ме претепа и завршив на болница. Освен физичкиот напад од неа, неверувањето на моите докази силно ме погодија и вербалните напади и навреди. Многу беше болно за мене сето тоа, ја сакав и почитував како мајка. Таа, во вистински момент не ме поддржа да го решам тоа и да го спасам бракот. По разводот, откако се увери дека синот ме изневерувал и откако ја запозна неговата нова избраничка, која воопшто не и се допадна, се откажа од него и ми рече-“ти ми си ќерка, тој не ми е син”, но предоцна, се потсетува вознемирена, скопјанката, која по неочекуваниот развод поради физичкиот напад, се уште е трауматизирана.

***

Друг случај во кој жената била изложена на психичко омаловажување е со млада жена од богато градско семејство. Семејството се откажало од неа кога таа наместо да ги продолжи студиите, се омажила ненадејно за седум години постар сопруг и отишла да живее со него и неговата мајка. Релацијата снаа свекрва набргу добила патолошки облик, особено што и двете биле невработени и по цел ден низ дома го чекале нејзиниот сопруг да се врати од работа.                                                                        – Имаше еден наратив пред мене кога бевме насамо, груб и недоличен, а сосема друг, помек, кога ќе бевме заедно сите тројца.  Кога ја запознав беше љубезна и се се вртеше околу мене и моите желби. Потоа, кога при првата брачна криза моите родители не ме поддржаа, а и ден денес имаат полуладен однос кон мене, таа ја превзеде улогата на “шериф” во куќата. Нејзиниот син, а мој сорпуг, бидејќи растел само со мајка си, беше доста приврзан за неа. Секогаш наоѓаше начин да ја оправда за се. Таа секогаш се повикуваше на болката што нема сопруг. Набргу, старата итрица ги испроба границите до каде може да оди во нашиот брак, и почна многу сила да покажува на мене, незаштитена и финансиски зависна вљубена жена. По неколку години од бракот, кризата си го направи своето, мојот сопруг притиснат од безработицата понатаму, ми ги врза првите шамари. Дигнав голема паника  поради тоа одесување, се додека не сфатив дека нема бегање-веќе бев мајка на две деца. Неосетното изигрување на мојата свекрва траеше до последниот ден. Се одморив кога веќе станав баба, а неа веќе ја немаше, но беше предоцна, се потсетува една над 50 годишна жена, која денес, како последица на тие трпења со години, неартикулурано плаче  и прима терапија за нарушени нерви.

***

Желбата и борбата за доминација над домот и мажот за кој и двете подеднакво мислат дека го владеат, мајката и сопругата, е тема која во некоја варијанта се повторува во многу семејства. Но, проблеми кои самите сопружници навреме не ги ставиле во “рамка” има и во семејства без свекрва.                                                                    Тој е професор, таа правник. Имаат малолетно дете. Доста заработуваат. Живеат во урбана скопска населба, во населена зграда. Речиси секој ден за мали ситници сопругот почнува караница и кршење на предмети, жената вреска, а се вклчува и нивото дете. А потоа, тие двајцата завршуваат во спална и на висок тон и со силна вознемирувачка галама ги извршуваат итимните работи. Ја малтретира сопругата, која го прифаќа тоа, а тоа е и малтретирање на соседите, ни раскажа со вчудоневиденост поранешна медиумска личност.

***

Дека не сите жени се жртви на насилство зборуваат доста други примери, каде малтретирањето е во обратна насока. Средовечна жена која се ближи до климакс, постојано извикува и се дере по својот сопруг, врсник,  било дома, на работа или на улица. Сами или пред луѓе. Не наведува причина поради која е незадоволна од својот брак и својот мирен и синчатичен избраник, но таа вели дека на својот сопруг му ја искинала венчаницата уште најпрво кога се земале, како непотребен лист хартија.

– Јас му викам постојано, му наредувам, а тој се слуша. Ако му е добро во ред, ако не,  нека си оди, како да се фали со овие свои одлики агресивната жена која има заеднички бизнис со својот сопруг (кој некогаш одел добро) и се родители на возрасно машко дете.

 

Текстот е дел од проектот „Не молчи, пријави насилство“ на Новинари за човекови права и WWDP
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ