Заврши 60. јубилејно издание на Солунскиот филмски фестивал, кое се одржа од 31 октомври до 10 ноември. Главната награда „Златен Александар“ ја освои шпанскиот филм „Огнот ќе дојде“ на Оливер Лаксе. Оваа награда го носи и дополнителното име на реномираниот грчки режисер „Тео Ангелопулос“, а инаку е и парична во вредност од 15.000 евра. Оливер Лаксе, кој е роден во Париз, но неговиот татко е имигрант од Галиција, својот филм го сместува во овој прекрасен шпански регион, навраќајќи се на некој свој начин на корените, на онаа вонземска убавина, на сето она што изворно е впишано во оваа земја и во нејзиното наследство. Неговиот главен лик излегува од затвор, каде што бил затоа што е обвинет како пироман, и решава да се врати дома, во Галиција каде што е неговата болна мајка. Успева Лаксе во целата таа тегобност да ја најде и наслика убавината, убавината на очекувањето, убавината на животот, на љубовта на мајката спрема синот, успева да фати прекрасни мигови кои само природата умее да ги долови, за на крајот низ огнот да проговори за сето она што тлее, за сиот гнев и тага, за сите разрушени соништа, за сето она што можеби мора да мине низ трагедијата, за да ја препознае светлината.
Петчленото жири, кое оваа година беше составено од четири жени и само еден маж, селекторот од Берлин, Виланд Спек, го предводеше литванската режисерка и уметница, Ругиле Барзжиукаите. Специјалната награда на жирито „Сребрениот Александар“, кој носи 8.000 евра, ѝ беше доделена на Маја Да-рин за бразилскиот филм „Треска“. За овој филм веќе пишувавме, бидејќи годинава фестивалот навистина го одликуваа многу семејни приказни, многу социјални трагедии, но и еден медитативен пристап, преполн со фантазии и соништа. Таков беше и „Треска“, во чиј фокус е приказната за таткото Јустино, кој работи како чувар и живее со својата ќерка, медицинска сестра. И иако тој ја поддржува својата ќерка во желбата да направи нешто повеќе, да оди и да студира медицина, сепак јанѕата и стравот се вовлекуваат во него, плашејќи се од самотијата и од сето она непознато што го носи неизвесноста, што го носат годините.
Специјалната награда на жирито, „Бронзен Алаксандар“ за најдобар режисер, ја доби младата Мелина Леон од Перу за нејзиниот црно-бел филм „Песна без име“, кој се базира на вистински настани. Станува збор за случајот со трговија со бебиња од 1980-тите години, за кој пишува и го разоткрива новинарот, кој всушност и е татко на режисерката. Приказната ја следи девојката Џорџина, млада девојка од Андите, на која ќе ѝ биде одземено детето. Таа не се помирува со тоа и ќе тргне во потрага, во која единствен сојузник и е репортерот, а околностите се уште потешки бидејќи станува збор за земја која е политички непријателска спрема малцинствата. Овој филм ја доби и Специјалната награда во поглед на ЛГБТ темите.
Некако се чини годинава доминираше Шпанија, со оглед на тоа што и двете награди за улоги отидоа за шпански филмови. Наградата за главна машка улога ја доби Амадор Ариас, кој ја игра главната улога во победничкиот филм „Огнот ќе дојде“, додека Грета Фернандез беше прогласена за најдобра актерка. Грета беше исклучително автентична во филмот на Белен Фунес, „Ќерката на крадецот“, донесувајќи го со силни емоции и со разорувачка болка. Грета Фернандез за истата улога освои и награда на фестивалот во Сан Себастијан, која ја делеше со германската актерка Нина Хос.
Во новата програма, што беше воведена годинава, „Запознај ги соседите“, беа вклучени десет филма, а наградата „Златен Александар“ од 5.000 евра ја доби тунискиот филм „Тламес“ во режија на Ала Един Слим. И „Тламес“ е еден од оние филмови кој гравитира меѓу реалното и нереалното, кој користи многу митолошки елементи и се обидува да ги спои реалноста и поетската елегија.
Меѓународната федерација на критичари, чие жири на фестивалот во Солун имаше тројца членови, реномираната награда „Фипресци“ му ја додели на норвешкиот филм „Внимавај на децата“ на Дан Јохан Хаугеруд. Додека, во компетицијата на грчки филмови, наградата отиде кај филмот „Опсада на улицата Липерти“ на Ставрос Памбалис. Инаку, „Внимавај на децата“ ја доби и Наградата за човечки вредности, а филмот на Памбалис ја освои и наградата на Грчкото здружение на критичари. На Солунскиот фестивал веќе неколку години се доделува и Награда за најдобар виртуелен филм, која ја доби австралискиот „Патник“, како и наградата „Сирена“ за филмовите со ЛГБТ тема, која му припадна на јужноафричкиот „Мофи“.
Во програмата „Балкански преглед“, во која годинава беше прикажан и македонскиот филм „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, наградата на публиката отиде кај хрватскиот „Каква земја!“ на Винко Брешан.