сабота, јануари 11, 2025
домаЖивотСцена ЗЛАТКО КАЧАНИКЛИЌ, “ЏЕНТЛМЕН МАГАЗИН”: Ќе седнам со сите претседатели на нашата држава!

 ЗЛАТКО КАЧАНИКЛИЌ, “ЏЕНТЛМЕН МАГАЗИН”: Ќе седнам со сите претседатели на нашата држава!

Разговараше:Валентина Ѓоргиевска Парго

*Нов лик на Тв екранот, на Македонската телевизија, одненадеж и без “најава”, изненадување, откритие, со интересно презиме и интересна харизматична појава. За кого станува збор, се прашува телевизиската публика, гледајќи го господинот Златко Качаниклиќ.

-Златко е сосема нормален семеен човек кој за прв пат се појави на ТВ екраните. Љубител на природата, човек кој сака да ужива во убави работи. Моите почетоци беа токму со изборот на “Мажи на годината” кога се појавив во промотивното видео во 2019 година. Една сосема случајна средба со продукцијата “Фрајдеј Комуникации“ потоа ми го отвори патот кон ТВ екраните и можноста да бидам ТВ водител. Предизвик на кој сум особено посветен.

*Тв лицето е всушност, инструмент кој треба на јавноста да ја претстави својата емисија, својата приказна, својот концепт и секако и себе си. Повелете.

-Емисијата има за цел да промовира добри навики кај мажите во Македонија, и да ги претстави џентлмените во вистинска смисла на зборот. Добрата гардероба, добрите навики, убавиот збор и успехот во едно општество на секој поединец или маж. Во емисијата промовираме и успешни жени кои дале придонес во одреден сегмент на живеењето, а и зборуваме што за нив претставува зборот џентлмен.

*Раскажете ми ја вашата пилот емисија. Кој Ве повика за овој ангажман?

-Како што кажав претходно, соработката со “Фрајдеј Комуникации” кои се продуценти на овој магазин, датира од изборот на “Мажи на годината”. Довербата која тие ми ја дадоа беше огромна и буквално со нивна поддршка направивме веќе 15 емисии. Свесни беа за моето непознавање во водителството, но мојот карактер да учам и да се надоградувам во она што го сакам беше пресудно во целата приказна. Да сум искрен, пилот емисијата беше првата емисија која се појави, со доктор Владимир Чадиковски. Тој е одличен соговорник и човек кој некако ме олабави во целата приказна и ми даде огромен поттик дополнително.

*Ни го претставивте и Бобо Јанковски и многу други, настапивте со една прилична комоција на вистински џентлмен, а тоа не се стекнува преку ноќ. Каков печат сакате да оставате во вашите емисии?

-Во изминатиот период снимивме околу 15 епизоди од “Џентлмен Магазин”, и како гости поминаа навистина докажани џентлмени кои негуваат посебен начин на живот. Покрај Божидар Јанковски – Бобо Дајнерс, гости во “Џентлмен Магазин “ беа и Џијан Емин, Драган Б. Костиќ, др. Владимир Чадиковски, Радован Витошевиќ, Енвер Малиќи,  Пеџа-Тренд, архитект Пако Радовановиќ, селекторот на фудбалската репрезентација Игор Ангеловски- Мрме, Томе-Корнер и други.  Што се однесува до мојата комоција, како што велите вие, е мојот начин на живот. Јас така живеам буквално. Мирно, кротко, умерено.

*Тв е машинерија која може да те издигне и секако, во која тешко се влегува, но мора да се биде внимателен. Треба да се внимава секој искажан збор. Постои сценарио или спонтани  се вашите разговори? Изгледате како актер.

-Сценариото е неизбежна работа од нашето работење и буквално секоја емисија е со различно сценарио. Ништо нема случајно во тој поглед. Целиот тим кој работи на проектот е исклучително професионален и докажан во она што го прави. Внимаваме многу на деталите, внимаваме на секој сегмент, и токму тоа не прави различни и ќе не прави уште повеќе впечатливи во иднина. Со секоја емисија стекнуваме дополнително искуство и дополнителна самодоверба.

*Јас би рекла имате пристоен термин на емитување, но обично владее мислење дека такви емисии се вметливи и како ноќни шоуа каде би имале поголема гледаност.

-Гледаноста доаѓа сама по себе, без разлика дали во кој термин се наоѓате. Ако проектот е интересен, а “Џентлмен Магазин“ е интересен проект кој и тоа како допре до јавноста, гледаноста си доаѓа сама по себе. Тука е и фактот дека поддршката доаѓа и од социјалните медиуми каде нашите емисии може да се гледаат и онлајн.

*Во емисии од ваков формат задолжителна е и доза на сериозност. Архаичниот изглед “а ла” интелектуален македонски револуционер, е случаен или внимателно изработен?

-Мојот изглед не би го поистоветил на македонски револуционер, но не би го ни негирал, многумина ги поистоветувам со тоа. Мојот изглед е природен и модерен во насока на светските и веќе докажани ликови во професионалниот свет. Брадата и брковите се симболика на модерните мажи, покрај револуционерните.

*Кога сме кај оваа тема, во кратки црти да споменеме некои изреки или моменти од тие историски личности кои ви ја држат главата исправена.

-Интересно прашање, кое црпи и едно подлабоко размислување. Да сум искрен немам некоја реченица која ми ја држи главата, освен љубовта кон татковината која ја имам. Можеби зборовите на Александар Македонски на кои постојано во текот на животот се присетувам кога сум пред некоја одлука, па така и за овој момент како водител на “Џентлмен Магазин” : ”Ништо не е невозможно за оној кој има волја да се обиде “– Александар Македонски.  Честопати овие зборови ги кажував на мојата ќерка кога почнуваше со џудо, која подоцна стана државен првак. Моите реченици би ги поистоветил со оние пораки кои ги давам во емисијата, а тоа се оние кои не мотивираат за едно подобро утре, за едно поубаво општество каде сите ќе имаме една култура на завидно ниво, и нема да царува зависта и љубомората, туку успехот.

*Французите имаат една добра изрека “Крем де ла крем”, за она  што вие  се определивте со својата работа, да го селектирање најдоброто. Но, ќе најдете ли доволно гости за вашиот список?

-Не не плаши нас моментот на гости, Македонија има изобилие на успешни и докажани мажи кои се различни во карактерот и начин на живот, различни во она што го прават, различни во успехот. Во групата на џентлмени спаѓаат многу луѓе кај нас, кои оставаат трага или белег во нивното опкружување.

*Телевизијата во секој миг ја открива секоја “тајна” на тв ликот, секое и најмало движење, најмалата грешка. Но, за соочување со публика потребно е лична одлука. Станувате и препознатлив за јавноста и мета и интересен во секој сегмент од живеењето. Ве плаши ли малку целиот тој предизвик што ве очекува понатаму?

-Нема зошто нешто да ме плаши кога тоа го работите искрено и со љубов. Можеби од моја страна ова малку звучи наивно и неискусно, но така е кога искрено влегувате во некој проект. Јас како што кажав сум нов во целата приказна на ТВ водителството, и среќен сум со секој предизвик кој е пред мене, но искрено од емисија во емисија учам и се чувствувам се подобар. Околу метата и препознатливоста сакам да додадам дека стигнуваат до мене сите коментари, има и позитивни и негативни. Оние негативните ги сфаќам како критика која ми е ветар во грб, а позитивните  дека сум на добар пат.

* Се надевам на нашите телевизии го надминавме тој стил на водители,  брзи, гласни и во центар на внимание, ќе се вратат ли џентлмените на Тв екраните? Кого вие планирате да седнете спроти себе во овој циклус емисии?

-Мојот стил и начин на живеење е таков, а и концептот на целата емисија е таков. Џентлменски. Не секоја емисија трпи ваков стил, но џентлменството како навика и начин на живеење е еден вид на бон- тон, што мора да го практикуваме сите. Во емисиите ќе видите многу интересни ликови, ликови кои не би ги откривале сега, но имам желба да седнам со сите претседатели на нашата држава кои се меѓу нас.

*Ед Саливен, Коби О Брајан, Џони Карсон, Џеј Лено…. Што велите? Се чувствувате ли дека сте таму каде што треба да бидете и припаѓате, среќен ли сте?

-Јас сум среќен човек. Човек кој поминал многу во своите години. Во животот секогаш мора да владее динамика и да ја барате среќата и мотивот низ него. Предизвиците се оние кои не водат и мотивираат за едно подобро утре. Денеска чувствувам дека сум на вистинско  место, на добар пат.

*Ние не сме имуни на политиката, која сега веќе не ни врви пред очи, ами и во коски. И засега кај нас нема ни имунизација, ни вакцина за тоа. Мала земја, многу луѓе со амбиции. Но, што доколку тимот одлучи во улога на џентлмен да претставите некој политичар, особено оној со кој чии политички појавувања во јавност ви ги дразнат ганглиите? Како би ја извеле таа задача?

-Најнапред сакам да кажам дека постојат политичари кои имаат добро “поведение” и уживаат некои добри навики. Можеби денеска има помалку, но во минатото некако како да ги имаше повеќе. Како да постоеше некој џентлменски однос и култура на едно повисоко ниво. Брзата трка на информации си го прави своето. Не се плашам од нив. И тие се нормални луѓе, но има некои прашања на пример кои би им ги поставил, не од политички карактер, туку за животот и навиките и баш ме интересира што би одговориле.

*Се изнагледавме водители или во улога на напаѓачи или во подредена улога да треба да се бранат од гостите напаѓачи. Може ли да се смени малку бранувањата на нашите тв програми? Ако ги следите, што ви се допаѓа, какви се вашите очекувања, каков е вашиот досегашен заклучок?

-Не сум компетентен да зборувам од аспект на водител, се уште влегувам во тој свет. Но, можам да зборувам како обичен гледач на ТВ. Некако, многу застанавме во годините и никако не прогресираме напред кон една поубава енергија која треба да зрачи. Како што кажавте во претходното прашање, политиката можеби ни е влезена премногу во нашето секојдневие, и не дозволува да се размислува во развој. Многу сме тешки на промени, некако како да е изгубен оној момент на желба за нешто ново, за докажување. Тие се креатори на јавното мислење и мора да работат на подобра содржина.

*На кој вид на притисок сте изложен како нов лик кој сега се здобива со искуство пред камерите? Велите, секогаш може подобро.

-Немам некој посебно изразен притисок, и да ви кажам од емисија во емисија се повеќе притисокот се намалува . Екипата и тимот зад оваа емисија е млад, ентузијастички и знае што сака и мене тоа ми претставува олеснување во секојдневните обврски кон емисијата. Да, секогаш и секој може подобро, не постои совршен човек .

*Настрана од тв екраните, кој е вашиот животен стил?

-Скромен, повлечен, авантуристички настроен. Времето мое го поминувам најчесто со моето семејство и уживањето на планините. Сакам да шетам по природа, сакам да посетувам и истражувам нови места и да уживам во убавините кои ги нуди енергијата на спојот со природата.

*Додека го пиете својот скап пијалок, во скап костум на некој бар, во најекслузивно место би се чувствувале ли поголем џентлмен отколку облечен во евтина облека, со излитени патики и впуштен во некоја помагателна или хуманитарна акција, ако е непотребно, на пример?

-Парите или материјалното не го прават човекот џентлмен. Добрите навики и културата на живеење го прават. Многу пати од почетокот на емисијата ги потенцираме тие работи, и преку нашите гости, дека и да имаш многу, можеш да бидеш нормален и културен. Една порака од еден гостин некако даде најубав коментар околу хедонизмот, кој многумина го сметаат за луксуз на богатите. Хедонизам е и она време поминато само со себе, седејќи на сонце и го пиете вашето утринско кафе додека се полните со енергија.

*Доколку добиете улога да се најдете на двете места и на вашето и на соговорникот, што би се си прашале себе си? Кое би било генералното прашање што сакате да си го поставите?

– Ќе тргне ли човекот по патот кон себе си, кон себеспознавањето? Ги губиме ли, човечките вредности во оваа магла од љубомора, завист, злоба, омраза…

*Доброто џентлменски однесување никогаш не излегува од мода. Во тој контекст денес е тешко да си пристоен или не? Ќе ни тргне ли на подобро?

-Сакам да не биде. Сакам да се вратат оние добро познати навики кои ги имале луѓето во минатите години. Да се врати еснафлукот, да се врати позитивната енергија и да се развиваме во една убава и здрава средина за сите нас. Да се тргне љубомората и да шириме љубов. Се е до нас самите. Колку ние сакаме да се промениме. Ако секој од нас го сфати тоа како индивидуа и тргне со промени, ќе не биде.

Фото: Иван Наунов

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ