Зошто „Џган“ не беше во Солун?

0
420

Дебитантскиот игран филм на Вардан Тозија „Џган“ оваа година не беше вклучен во програмата „Балкански преглед“ на Солунскиот фестивал затоа што македонската Агенција за филм не била заинтересирана за тоа. На трите писма на селекторот на оваа програма Димитрис Керкинос Агенцијата за филм не одговорила ниту еднаш.

Неверојатно, нели? Вака да го слушне некој ова ќе си помисли дека е новинарска патка. Особено со оглед на заложбите на нашата Влада и на Агенцијата за филм да се прикаже дека македонската кинематографија е во подем и дека не има и таму каде што не нема. Тогаш си викате, зошто не би не имало таму каде што може да не има и тоа на фестивал кој од година во година е се поголем, кој има значајно место на Балканот, но и на меѓународно ниво? Но, не, интерес за тоа немало и ова, дефинитивно, не е новинарска патка.

Оваа година Балканската програма беше и најсилната програма на фестивалот во Солун. Главната програма, како што веќе пишувавме, го немаше оној квалитет од претходните години, но одлични филмови можеа да се видат во програмите „Хоризонти“, „Специјалните проекции“, а особено во „Балканскиот преглед“. Тука беше хрватскиот филм „Од другата страна“ на Зринко Огреста, кој во Македонија го отвори годинешниот Охридски филмски фестивал, инаку добитник на 12 „Златни арени“ и Специјална награда во Берлин, потоа романскиот „Кучиња“ на Богдан Мирица, награден во Кан и во Сараево, па „Сиераневада“ на Кристи Пуиу, српскиот „Добра жена“ на Мирјана Карановиќ, победникот од Сараево, турскиот „Албум“ на Мехмет Џан Мертоглу и уште еден преубав турски филм „Рауф“. Токму затоа го прашавме селекторот, со оглед на тоа што Македонија годинава има дури четири нови долгометражни продукции, зошто нема македонски филм. Одговорот беше дека биле испратени три писма со барање за „Амок“ („Џган“) на Вардан Тозија до Агенцијата за филм, од каде што не добил одговор.

Веќе пишувавме дека е многу интересен тој феномен од страна на Агенцијата за филм која не ги спомнува успесите на Македонците ако не станува збор за филм кој таа го финансирала или каде што таа не е копродуцент. Така беше со црногорскиот „Игла под прагот“ на Иван Мариновиќ, чија премиера во главната програма во Сараево помина одлично, а особено добар прием имаше за Никола Ристановски, кој ја игра главната улога и за Тони Китановски, кој ја потпишува музиката во овој филм. Инаку, во „Игла под прагот“ одлична улога има и Митко Апостоловски. Но, иако директорката на Агенцијата, Мими Ѓорѓоска – Илиевска беше цело време во Сараево, ова во ниту еден момент не беше спомнато од страна на Агенцијата. Како што ни сега не се споменува дека Никола Ристановски ја доби наградата за најдобар актер на Босфорскиот филмски фестивал. Токму затоа и се прашувавме, кого поддржува Агенцијата за филм, дали македонскиот филм или само она што го поддржува нашата Влада. Тогаш мора да кажеме дека тоа е далеку од вистинска грижа за македонскиот филм, туку пред се, е грижа за сопствената самопромоција и за онаа позната флоскула, дека се тргнува од нас.

Но, за жал или за среќа не е така. Такво беше однесувањето и за филмот на Милчо Манчевски „Мајки“, кога иако тој филм беше финансиран од Владата, тие се повлекоа и беа незаинтересирани за патот на овој филм, кој не беше тоа што од него се очекуваше. Дали тоа е причина и сега? И „Џган“ доби поддршка од Агенцијата за филм, зошто не би и било во интерес овој филм да оди на фестивали? Дали бидејќи ова е филм кој зборува за нашата реалност, за коруптивното и криминално општество, а не за нашите фантазии и нашите заложби да правиме историски филмови и да ја покажеме големината и балгосостојбата во нашата земја. Тоа, секако, е претпоставка, но не гледаме друга причина зошто Македонија не би била дел од оваа престижна програма на Солунскиот фестивал, особено кога Агенцијата се фалеше со копродукции каде што нашето учество е едвај десет проценти, а не и со филм кој е македонска продукција.

Како и да е, овде најоштетен е токму Вардан Тозија и неговото деби, кое не е совршено, но секако е солиден прв игран филм на овој автор кој имаше повеќе награди и успешни претставувања со своите претходни краткометражни филмови. „Џган“ има свои недостатоци, но секако е филм кој покажува дека Тозија го владее филмскиот јазик и добро ја детектира реалноста фатена во еден извонреден урбан пејзаж, во кој е сместена приказната за маргиналците. Сосема доволно за да биде претставен на овој и на многу други фестивали, што едно вакво учество секако би му го овозможило. На страницата на Агенцијата за филм ќе најдете дека „Џган“ бил претставен на фестивали во Визбаден, Брунсвик, Хаг, но Солунскиот фестивал е нешто друго и по големина и по значење. Голема штета и срамота. Но, ова секако не треба да биде разочарување, напротив, треба да биде уште поголем поттик за нашите автори, да продолжат да го работат она во кое што веруваат, бидејќи само квалитетот и упорноста може да ја победи небулозата и тесноградоста, а особено искривените партиски интереси.

Сунчица Уневска