Високата смртност на КОВИД19 е поради ненавремен третман на пациентите

0
1221

Пишува: Наташа Доковска

Сакале ние да си признаеме или не, Македонија е високо на листата по смртност од КОВИД19. Во држава со помалку од два милиони жители има над 768 починати, а бројот на новозаразени се повеќе расте! Со 40тина заразени имавме карантин, се затворија училишта и градинки! Сега со по 300 новозаразени и по 7-8 мртви дневно имаме отворање на се и сешто, освен угостителските објекти нели! Од  една страна здравствените работници не потсетуваат дека не чека жешка есен, а од друга стегање на мерки нема. А, нема ни дополнителни капацитети за ублажување на ширењето на заразата, и што е уште поважно за третманот на заразените.

Кога велам нема доволно капацитети пред се мислам на оние кои ги земаат брисевите и ланецот на информирање за резултатите од истиот. Ако одите во некои од центрите на јавно здравје, чекате резултатот да го испратат на матичниот доктор, а тој дури наредниот ден во зависност од тоа кога е на работа ќе ве контактира и ќе ве информира дали сте позитивни или негативни на вирусот. Во тој период, нормално сте без терапија, а веќе имате температура и симптоми кои стануваат се поинтензивни…

Да не говорам за психолошките последици од чекањето!

Од кога ќе ве контактира матичниот, пак, особено ако е втора смена, и тој ден немате терапија, бидејќи треба да се организирате кој да оди да ги земе лековите, да не заборавам, вие имате морална обврска да останете дома, решение за изолација ќе добиете другиот ден…итн!

Но, нејсе! Немам намера да ги критикувам здравствените работници, тие одлично ја вршат работат, јас како паталец можам да потврдам дека редовно ме контактираат и советуваат, но за мене проблем е периодот од добивањето на резултатот до терапијата! Поминаа неколку дена, за време на викенд матичните не работат! За оние, пак, кои се најдоа на епидемиолошката карта, требаше неколку дена да им се најде термин за брис, а станува збор за ризична група на лица во сериозни седумдесетти години!

Оттука јасно е зошто пациентите доцна се јавуваат во болница!

Само не ми е јасно како мислат од Минситерството за здравство на време да се јават сите оние кои имаат симптоми кога нема термини, нема навремен третман на заразените,  нема соодветни мерки…

И не дека нема желба, едноставно нема капацитет!

Не знам што го чини министерството да анагажира волонтери, а верувам дека ќе се јават, да им помагаат во центрите за јавно здравје и да ги информираат новозаразените истиот ден или да го испраќаат резултатот по маил веднаш штом ќе го добијат до матичниот доктор! Тој пак да има обврска истиот ден да го инфромира заболениот! Многу едноставно, нели? Ама, треба да се сака!