Откако потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири на својот фејсбук профил објави дека тој, сопругата и тромесечната ќерка се позитивни на корона вирусот, сите кои што биле во контакт со него, како и колегите од СДСМ се огласија во врска со позитивниот тест на Зекири.
Од СДСМ информираа дека од почеток на глобалната пандемија во седиштето на партијата се преземаат сите мерки и протоколи пропишани од здравствените и надлежните институции за заштита на здравјето на секој поединец.
„Во седиштето на СДСМ обезбеден е протокол и услови за лична дезинфекција, поставени се соодветни средства за оваа намена секаде, се прави редовна дезинфекција на сите простории, се почитува физичката дистанца како и насоките за носење заштитна опрема како маска или марама. Состаноците се одржуваат согласно сите мерки за заштита, во големи простории, на соодветна дистанца, со заштитни маски и обезбедени средства за претходна лична дезинфекција. Доколку постои одлука или задолжение од некоја надлежна институција за самоизолација, или пак други мерки кои здравствените власти оценат дека треба да се преземат, СДСМ ќе ја информира јавноста„, велат од партијата.
По објавата на Зекири официјално соопштение објави и ТВ24, каде Зекири гостуваше заедно со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во емисијата „Отворено студио“ на ТВ24. Од ТВ24 велат дека новинарката Мрѓа која беше домаќин во емисијата се чувствува добро, но дека сепак ќе биде во домашна самоизолација 14 дена, по препорака на епидемиолозите. Од телевизијата укажуваат дека во текот на реализацијата на дебатата и при доаѓањето на гостите, испочитувани биле сите неопходни протоколи за физичка дистанца меѓу присутните, а соодветно студиото каде бил присутен Зекири е дезинфицирано.
„Во комуникација со епидемиолозите преземени се дополнителни мерки, за да се превенира било каков ризик“, нагласуваат од ТВ24.
Откако денеска Зекири објави дека неговиот тест е позитивен, со коментар на социјалните мрежи се огласи и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. Тој вели дека се тестирал и ги очекува резултатите, меѓутоа се чувствува добро.
„Засега сум во добра здравствена состојба и ги чекам резултатите од направеното тестирање. Во очекување на исходот ќе ги превземам сите мерки кои ќе ги препорачаат здравствените власти“, напиша Јанушев на социјалните мрежи.
Во меѓувреме тој ги добил резултатите од тестот и напиша дека бил негативен на корона вирусот.
Зекири соопшти дека немал симптоми, но дека тестот е позитивен и кај него и кај неговата сопруга и кај неговата ќерка.
Н.С.