Кога е ладно, дождливо или доаѓа ненадејна промена на времето, дали зглобовите одеднаш ве болат многу? Се прашувате зошто и со што се поврзани времето и зглобовите?
Иако точните причини за оваа состојба не се познати, се верува дека можните виновници можат да бидат:
-висока влажност на воздухот
-ненадејни промени на времето
– низок воздушен притисок (тогаш зглобовите често отекуваат)
-ниска температура (зглобовите тогаш се уште поболни затоа што студот влијае на „подмачкувањето“ на зглобовите)
Според студија спроведена во 2014 година, која е објавена во „BMC Musculoskeletal Disorders“, дури 67% од луѓето кои страдаат од остеоартритис се чувствителни на промените на времето. Таквите луѓе почесто од другите страдаат од болни и вкочанети зглобови.
Можни причини за болни зглобови кога времето се менува:
- Низок воздушен притисок или ненадејна промена на притисокот
Течноста што ги подмачкува зглобовите е чувствителна на ненадејни промени во воздушниот притисок. При тоа се мисли особено на падот на притисокот. Со намален притисок на воздухот, течноста во зглобовите добива помал притисок и може да создаде оток и воспалителни процеси во околните ткива и зглобови.
Со ненадејни промени во воздушниот притисок, тетивите, ткивата и мускулите се собираат или се шират. Тоа влијае на вашите зглобови, кои како резултат стануваат болни.
- Студ
На ниски температури, течноста во зглобовите станува погуста и помалку подвижна. Како резултат, тие стануваат крути и нефлексибилни, што го отежнува секое движење. Зглобовите се најболни во моментот на ненадеен пад на температурата на воздухот.
- Лоша циркулација на крвта во екстремитетите
Според научниците, во постудените денови, крвта тече кон виталните органи, како што се срцето и белите дробови. Ова исто така значи дека протокот на крв во екстремитетите и зглобовите е намален. И тоа може да биде едно од објаснувањата за поголема болка во зглобовите.
- Пасивен начин на живот (неактивност)
Кога е ладно или има многу влага во воздухот, дали имате тенденција да останете дома, да не се движите и само да седите? Заради неподвижност, зглобовите стануваат крути и нефлексибилни, па со тоа и се болни.
- Лошо расположение
Големиот студ, а особено дождливите денови, некако ве вовлекуваат во лошо расположение и негативни емоции? Кога сте во таква емотивна состојба, сте склони поинтензивно да чувствувате и непријатност и болка.
Како да си помогнете со артритис и болни зглобови:
- Не заборавајте на физичката активност – дури и во зима!
Без оглед на вашата возраст, многу е важно да се движите секој ден и да бидете активни, а тоа важи и за време на студените денови. Сите истражувања покажаа дека физичката активност значително ја ублажува болката во артритисот. Ако надвор врне или паѓа снег, секогаш можете да ја ставите прекривка на подот и да направите вежби за истегнување или да возите домашен велосипед. Студот и дождот не се оправдување да седите пред ТВ и да останете така цел ден, со евентуална пауза за ручек. Можете исто така да побарате и некој затворен базен и да започнете да пливате рекреативно. Пливањето е одлично за здравјето на зглобовите!
- Загрејте се пред излегување и облечете се во слоеви
Ако надвор е многу студено, стоплете се (носете топли чорапи и ракавици затоа што стапалата и рацете ви се особено чувствителни) и облечете се во слоеви. Ако работите физичка активност на отворено, секогаш облечете се топло, но така да можете да соблечете вишок облека во секое време.
- Јадете храна што го намалува воспалението во вашето тело
Ако страдате од болни зглобови, внимавајте на изборот на храна. Консумирајте антиинфламаторна храна – природни намирници како што се свежо овошје и зеленчук богати со хранливи материи и антиоксиданти. Зголемете го внесувањето лук, кромид, куркума и ѓумбир.
- Пружете си доволно часови квалитетен сон
Добриот сон е клучен за вашите здрави коски и зглобови. Во текот на ноќта, додека спиете цврсто, вашите коски и зглобови се обновуваат и се формираат нови клетки. Ако ви недостасува сон, овој процес е значително нарушен. Затоа, почестете се со 7-8 часа квалитетен сон секоја вечер. А.Н.