Милиони Американци останаа без надоместоци за невработеност по оваа сабота поради политичкиот конфликт, поврзан со пакетот државна помош од скоро 900 милијарди долари.
Сè уште актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, одби да го потпише законот за новиот пакет помош ако не се промени, но неговите предлози беа блокирани и од републиканците и од демократите.
Двете страни се согласија за споменатиот пакет економско олеснување, меѓутоа, Трамп бара зголемување на износот на еднократна помош за населението од 600 на 2.000 долари и намалување на средствата за странска помош.
Републиканците го отфрлија барањето за зголемување на еднократната помош за граѓаните, додека демократите ги блокираа републиканските напори за укинување на странската помош во федералниот закон за трошење.
Освен заканата од губење на бенефиции, невработените имаат уште поголем проблем со мораториумот за иселување, односно присилно иселување од станови, што не може да се продолжи доколку законот не биде донесен до 26 декември на полноќ.
Престанокот на плаќање надоместоци за невработеност и изостанок на новата еднократна помош влијаат на околу 14 милиони Американци. Додека продолжува „ценкањето“ на Капитол Хил, Трамп ги поминува празниците во своето одморалиште во Палм Бич, Флорида.
Во соопштението на Белата куќа се вели дека тој работел „неуморно на многубројни состаноци и повици“, но, пред некој ден бил виден на теренот за голф. Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, демократ, рече дека долниот дом повторно ќе се состане во понеделник за да гласа за финансиска помош за граѓаните.
„Би-Би-Си“ забележува дека токму главниот економски советник на Трамп, министерот за финансии Стивен Мнучин, предложи 600 долари помош за граѓаните на почетокот на овој месец и дека многумина се прашуваат зошто претседателот досега чекаше да се спротивстави на тоа. А.Р.

