недела, декември 22, 2024
домаСкици од животот

Скици од животот

Совршено место за лопови
Полни десет години на власт беа луѓе со деловни успеси втемелени на тендери. Нивните имотни листови, на почетокот на мандатот и десет години подоцна, покажуваат дека нивното богатство се зголемило неколкукратно. Ова не е пример само со потесното раководство на ВМРО туку пошироко: многумина од градоначалниците припадници на партијата и претседателите на општинските комитети, понатаму локалните олигарси и поддржувачи на партијата. Тендерите како начин на јавна набавка се одлични, но измените во законот овозможија при нивно отварање најскапиот понудувач да си ја симне цената колку што сака и повторно да стане најповолен.

За изгласување на вакви закони потребни се лица помлади од 30 години, кои го почнуваат работниот век на висока функција. Луѓето со стекнати знаења во поранешното уредување и со докажани успеси од минатото ја напуштија земјата и побараа спас во странство.

Храна и лекови со сомнително потекло
Според податоците на Фондот за здравствено осигурување од 2010 до 2013 потрошувачката на лекови за смирување и антидепресиви се зголемила за 30%. При ова не се сметани лековите земени без рецепт. Ова говори за состојбата во општеството која имплицира несигурност, стрес при работењето и стимулации за пензионери наместо за издржани вработувања.

Распнати меѓу закажувањето на „мој термин – прегледот“ и турските серии кои преовладуваат во прајм тајм на националните телевизии, граѓаните со недоверба пристапуваат кон гласање на редовни и предвремени избори организирани од власта предводена од автократи. Тоа што им се нуди на гласачките ливчиња е кредит за продолжување на агонијата. Турските серии синхронизирани на македонски јазик овозможија медиумите да набилдаат гледаност која е важен елемент за пропагандната машинерија на власта – застапник на едноумието. Преку нив влегоа во секој дом и го инфицираа крефкото уво на чесниот и неук македонски гласач. За возврат гласачите добија слободни економски зони и младите кои немаат каде да се вработат: или прифаќаат студентски статус или вработување во економските развојни зони. За плата слична на платата на лон работниците во текстилната индустрија и топол оброк од кој неретко се завршува во болница, работат и враќаат кредити за живот во поголем град и подобри услови (вода струја, парно греење…). А зоните, тие се светло во тунелот наречен „дојдете и инвестирајте во државава – таа ќе ви плати се“.

Секојдневие обвиткано во загадување
Се будам од сонот за поубаво утро. Полека, со полуотворени очи, од балконот на дванаесеттиот кат вдишувам совршено чист воздух. Сонувам. Старите возила увезени од Европа убаво прилегаат на старите патишта полни со дупки. И покрај „чистиот воздух“ кој го дишат граѓаните на метрополата градоначалникот го забрани сообраќајот низ планината Водно. Метрополата во која живеам дише најзагаден воздух во Европа! Со неа се натпреваруваат уште два града од земјава: Тетово и Битола. Првиот поради комбинатот Југохром кој загадува и кога не работат печките и поради депониите за кои нема трајно и издржано решение, а се наоѓаат во програмите на партиите сите избори (локални и парламентарни). Во Битола загадувањето го предизвикува јаловината од РЕК Битола. Таа е главен причинител на зголемениот број на белодробни заболувања. Во истражувањата наа експерти (пр. Професор Стафилов) се даваат податоци кои се доволни за ставање на клуч на причинителот. Но, прашање е дали побрзо ќе се умре од рак или од немање стредства за живот доколку се отпуштат вработените, или доколку не се произведува енергија потребна за животно функционирање.

Бебиња и пензионери
Прирастот на новороденчиња е негативен! Смртноста кај нив е во пораст. Тоа говори за тешко болното здравство за кое не се доволни резови и зафати во раководството. Неопходна е дезинфекција во сите агли, обнова на руинираните згради (Болницата во Штип, Клинички центар Скопје) и кадровско екипирање, вработување на технички персонал и комплетирање со инкубатори, апарати и техника. Недостатокот на услови за природен прираст на населението се компензира со перфектна социјална политика во однос на пензионерите. Линеарното зголемување на пензиите ги обесправува оние кои имале поголеми плати заради образованието и работното искуство. Процентуалното зголемување на пензиите би било вистински правичен модел.

Пензионерите двапати годишно имаат платен седумдневен одмор и три пати неделно платен превоз во автобус. Имаат и платен билет на жичницата и многу лекови за достапна цена. Нивна единствена задача е да гласаат за овие поволности, за овие бенефити понудени од власта.

Малку математика за збир на гласачи и нерелевантен буџет
Бројот на пензионерите е малку поголем од бројот на вработените во јавната администрација, а заедно се колку што изнесува бројот на исселените лица од државата во последните десетина години, според Светска банка. Тоа е солидна бројка на гласачка машинерија со оглед на двомилионското население, според Државниот завод за статистика. А попис не е направен од 2002 година. Поради ова сите донесени буџети од 2012 наваму се сомнителни или поточно нерелевантни. Со оглед на сомнежите во работата на судството, стапката на морталитет во здравството, скинатите униформи во војската и полицијата, медиумската магла и потрошените пари за скапи ручеци, вечери и останати баханалии на власта, може слободно да заклучиме дека се работи за заробена држава со огромен потенцијал, епска трпеливост на граѓаните, изгладнети политичари и недоволно едуцирани граѓани.

Дојде животот
Но, ова не е крајот! Животот дојде! Дојдоа некои нови непрокопсани пикачи на црвени светла на семафорите со некои нови автомобили со затемнети стакла. За момент новите не ги разликувам од старите. Или поточно навикнав на старите па овие новиве ми се неко нови, нереални… Не можам да верувам дека промените што се случија беа толку големи што не можеме јасно да ги видиме поради нивната големина. А навикнати сме на помали – чекор по чекор – промени. За почеток: влечење за врат на досегашните узурпатори на државните автомобили и исфрлање надвор заедно со канцелариските глувци – штеточини. Потоа, забрана на фејсбукување на работно место како мерка која ќе помогне за самоотпуштање на „посветените работници срфачи“ во државната, јавна администрација. Следно, секој вработен да подлежи на основен тест за писменост и да прераскаже зададена книга со повеќе од 100 страни. А здравствениот и психолошкиот тест да го прави независна институција по можност од Јапонија или од Норвешка. Повеќето од домашните контролни механизми се подложни на корупција.

Пу, пу не важи!
За одучувањето од луксузот кој го нуди власта и бенефициите кои ги нуди државната функција добар пример е новопоставениот шеф на Агенцијата за туризам. Возењето во бизнис класа до Аргентина за важен состанок за алтренативен – екстремен туризам ги надминува границите на пристојното стручно и домаќинско работење. Прво, затоа што науката вели: алтернативниот т.е. екстремен туризам следи откако ќе се развие масовниот туризам и второ, бизнис класата иако е дозволена со посебна уредба за некои патувања, зрачи негативно и е против заложбите за домаќинско и одговорно работење на функционерот во предизборието.

Државната изборна комисија (ДИК) е уште еден пример за земи – врати принципот. Поделените стотици илјади евра за премии, како да само тие работат во државава, ќе ги враќаат пишманети од нападите на јавноста и во страв од судството кое пак повампирено ги ослободува доживотно осудените „монструми“ и го враќа судењето од почеток.

Проекти, проекти
Продажбата на тенк-мерцедесот т.е. негова замена за возила за итна медицинска помош се уште не е реализирана. Колку и да звучи популистички, факт е недостигот на болнички возила за транспорт на пациенти во примарната здравствена заштита визави екстремната вредност на возилото наменето за многу важни гости.

Оградата окулу владата остана. Ќе се оштети од времето како што се оштетија од дождот зградите на театарот, музејот, архивот… Препораките дека се потребни длабоки анализи да се види кој е виновен: изведувачот или инвеститорот личат на народната кој е постар: јајцето или кокошката. Треба да се кажат со име и презиме одговорните. Треба постојано да се посочуваат додека не одговараат, додека не се казнат… Со санирање на штетите, со подобрување на условите во здравството и со правични социјални промени, со конкретни акции против загадувањето да се покаже дали новите се способни и можат да променат или ќе бидат уште една изборна илузија.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ