Излезе од печат поетската книга „Во самракот на мислите“ од бугарската авторка Елка Димитрова во издание на Здружението за развој на културата и уметноста „ФУСНОТА“ од Скопје.
Насловот на книгата е особено интересен: самракот е токму таква средна состојба, во која се губат контурите и границите меѓу реалното и имагинарното, а сетилата, мислите и сеќавањата се преплетуваат со интуициите, визиите, имагинарниот свет и универзумот на соништата. Поетскиот стил се чувствува во зборовите и празнината меѓу меморијата и спиењето, меѓу надежта и верата, меѓу присуството и осаменоста, меѓу свежината на детството и горчината на староста, меѓу животот и смртта, се вели во соопштението од издавачот.
– Токму затоа, „Во самракот на мислите“ воопшто не е идилична книга, напротив, ова е збирка од песни каде што старецот и детето се движат рака под рака, но тие се истиот човек и тој човек не чекори на друго место, туку на тротоарот на стравот, покрај смртта во сите нејзини необични улоги – затоа што низ призмата на стравот се кријат сите маски во карневалот наречен живот. Истовремено, ова е книга со молитви, каде што интимно и интуитивно песните се доживуваат како лична верзија на секој од читателите. Спиритуалната трансформација на духот е нè принудува да поминеме низ болка и сеприсутното чувство на распаѓање, со цел да се оддалечиме од нашите стравови на поискрен и вистински начин – се додава.
Преку песните на Елка Димитрова може многу повеќе да се напише, размисли и почувствува. Како и секоја добра поезија, таа е предмет на различни толкувања и содржи бројни фази на расудување и хоризонти на имагинација. Поезијата е полна со суптилна чувствителност и истовремено со моќно еротско чувство кон самиот живот – кон сопственото нежно и горко, но неповратно јадро, а истовремено со непогрешливо чувство на пукнатини и состојби во кои ништо не е како што изгледа на прв поглед – и токму овие пукнатини и состојби се живеалиштата на поезијата.
Преводот од бугарски на македонски јазик е на Борче Георгиев, а дизајнот на корица на Мартин Ѓеорѓиевски.
Книгата е поддржана од Фондот за Национална култура на Република Бугарија. А.Н.