вторник, октомври 22, 2024
домаДали „М“ е дистописка приказна или дистописки филм

Дали „М“ е дистописка приказна или дистописки филм

Македонската кинематографија сè уште не може да излезе од својата маѓепсана шума и сè уште удира во истиот ѕид

Пишува: Сунчица Уневска

Што да се пишува за филмот „М“ на Вардан Тозија? И дали да се пишува, од една страна, затоа што и организацијата е многу погрешна, ако направите премиера филмот треба да игра, инаку зошто рецензија ако публиката нема каде да го види, а од друга страна, ова е филм за кој навистина не знам што би напишала (и дали треба).

Единственото прашање што ми се наметнуваше кога почна филмот, а и за време на целото негово траење (со оглед на тоа што не можев да си отидам, бидејќи нели, ред е да се види филмот до крајот), беше – зошто правиме вакви филмови? Зошто и за кого? Филм што нема никакво значење, филм што во суштина и нема приказна, филм кој има толку општи места и стереотипи, кои не претставуваат ништо, филм кој копира некои работи за кои нема контекст или жанр, филм кој е „амбициозно“ направен, а всушност нема што да каже. Зошто нѝ е потребна дистописка приказна за дете кое талка низ шумата, додека неговиот татко го штити од смртоносниот вирус и од луѓето што веднаш би го убиле ако биде заразен, зошто нѝ е потребна приказна која не е важно каде е сместена, бидејќи така ќе биде „поуниверзална“?? Зошто нѝ се потребни некакви алузии на зомби или луѓе облечени во долги футуристички наметки, кои единствено што може да ги поколеба е присуството на децата, што одамна ги нема и надежта која со нив доаѓа или освестувањето кое мора да следи???

Што да се напише за некаква си бајка за возрасни, која треба да нè предупреди на апокалипсата и на тоа каде светот оди? А всушност, така е направена што може да нè предупреди единствено на бесмислата од постоењето на вакви приказни, кои не водат никаде, кои не содржат ништо, кои се изгубени во просторот и во времето, кои се претенциозни, а празни, кои имитираат место да ја бараат својата оригиналност, кои се плашат од вистински приказни затоа што не умеат да ги раскажат.

Кому му е потребен ваков филм, кој се гледа и во истиот миг се заборава? Кому му е потребно да гледа фантазии покрај толку горливи прашања со кои сме опкружени. Се потсетив на арапскиот, поточно мароканскиот филм „Синиот кафтан“, за кој пишувам токму во овој број или за тунискиот „Харка“ за Арапската пролет, се потсетив на либанскиот „Капернаум“, сместен во бејрутските сламови, а моментално читам за приказните кои победиле во Карлови Вари, какви теми, колку значајни прашања, какви содржини, каква болка, каква тага, каква борба, какви судбини, чија универзалност ја носи токму нивната единственост, низ која зборуваат за човекот и за сето она со кое тој се соочува без оглед на која страна од Земјината топка се наоѓа. Какви неверојатни филмови, како алжирскиот документарец „Нарџес“, или филмот „Тврдината Европа“, кои зборуваат толку силно за проблемите во своите земји или за обидот да најдат спас токму бегајќи од нив. Приказни кои остануваат долго потоа, кои не ви даваат да спиете, кои ве погодуваат, ве болат, ве тераат да ја сфатите страшната неправда со која луѓето се соочуваат.

Имаше еден период кога навистина поверувавме дека македонскиот филм оди во добра насока. Покрај успесите што ни ги донесоа „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и филмот на Ѓорче Ставрески, „Исцелител“, бевме во Кан, каде што Елеонора Венинова со својот краток филм „Знак“ беше дел од омнибусот кој ја отвори програмата „Кензен“, а потоа влеговме во Кан и во официјалниот натпреварувачки дел со краткиот филм на Марија Апчевска,

„Северен пол“… Поверувавме дека сме на добар пат и не само затоа што бевме на фестивали и освоивме награди (бидејќи факт е дека фестивалите секогаш и не се репер), туку затоа што авторите покажаа одредена зрелост, покажаа знаење и мерка и на крајот, направија квалитетни дела. Меѓутоа, набрзо после таа еуфорија која траеше еден период, се спуштивме на земја соочени со поновата продукција, покажувајќи дека сепак се работи само за исклучоци (факт што не го менува ни претстојното учество во Венеција)…

Зошто? Зошто Македонија и нејзините филмски автори (особено образувани на ФДУ), со ретки исклучоци, постојано удираат во истиот ѕид, зошто не можат да излезат од некакви небулозни уверувања, зошто и понатаму мислат дека се добри и покрај фактите кои се поразителни и многу очигледни, зошто не можеме да ја научиме лекцијата, ако не подалеку, гледајќи ги барем филмовите во регионот. Но, не, ние и понатаму веруваме дека знаеме повеќе од другите. Голема штета, поминаа години и генерации, малку што се измени, и покрај некои поединечни успеси, а веќе и нема смисла за истото да се пишува. Ако они не се уморија, ние сме веќе уморни, а и навистина нема некоја поента.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ