Концерт на Македонската филхармонија со студентите од државните факултети за музика, насловен „Звукот на идната генерација“ ќе се одржи в четврток со почеток во 20 часот. Диригент е маестро Сашо Татарчевски, а како солисти ќе настапат Итан Георгиев, контрабас (III година, доц. м-р Александар Поп-Христов), Кирил Тасев, флејта (II година, проф. м-р Златка Митева), Христијана Матеска, хармоника (IV година, проф. м-р Зорица Каракутовска), Кристијан Колев, кларинет (III година, доц. м-р Игор Бакревски), Бојана Митковска, виолина (проф. м-р Олег Кондратенко), : Михаил Јагуриноски, пијано (III година, вон. проф. м-р Дино Имери) и Давид Павиќ, пијано (II година, вон. проф. д-р Елена Атанасовска-Ивановска).
На програмата се дела од Кусевицки, Девиен, Бете Илин, Шо, П. И. Чајковски, Сен-Санс и Рахмањинов.
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде се здобива со основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ Скопје на катедрите за хорско и оркестарско диригирање а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.
Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.
Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на Македонска музика, Есенски музички свечености и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Турција, Австрија, Романија, Полска и Русија. Татарчевски е редовен член на неколку жири комисии на интернационални хорски натпревари како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.

