домаКУЛТУРАТеатар и Филм„Страв и надеж“ на МНТ - најдобра претстава, „Црнила“ со пет награди...

„Страв и надеж“ на МНТ – најдобра претстава, „Црнила“ со пет награди на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“

Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат е најдобрата претстава на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, одлучи тричленото жири на фестивалот. Наградата за најдобра режија ја доби Дејан Пројковски за „Црнила“ според Коле Чашуле, на Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Од 15-те награди, четири не се доделени. Наградите на лауреатите ќе им бидат врачени вечерва во 19 часот во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Точно во 20 часот, во нивна чест ќе настапи Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ.

Жирито беше во состав: Снежана Коневски Руси, претседател и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ. Не се доделени следните награди: за рекламен материјал, за кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и адаптација и за современ драмски текст.

-За мене комплетна претстава е „Страв и надеж“. Сите актери се подеднакво влучени во проектот заедно сосе музичарите. Едноставно видовме целокупна претстава. Како традиционалист, имам око и уво да видам што е тоа што ме допира и секој член од публиката и затоа го одделуваш од другите – рече Коневски-Руси, а Лукиќ додаде:

-Гледавме на компактност на сите сегменти, изборот на текстот, односот на режијата кон елементите на претставата, употребата на сценографијата и костимографијата во контекст на претставата. Претставата на МНТ беше највпечатлива.

Ова се сите награди на фестивалот:

1. Награда за рекламен материјал не се доделува.

2. Награда за кореографија и сценски движења не се доделува.

3. Награда за музика „Филип Стевановски“ се доделува на Ирена Поповиќ Драговиќ за музиката во претставата „Страв и надеж“ во изведба на НУ МНТ Скопје.

4. Награда за костимографија се доделува на Марија Пупучевска за костимите во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

5. Награда за сценографија се доделува на Валентин Светозарев за сценографија во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

6. Награда за современа сценска драматизација и адаптација не се доделува.

7. Награда за современ драмски текст не се доделува.

8. Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ се доделува на Јеткин Сезеир за улогата на Амадеус во претставата „Амадеус“ во изведба на НУ Турски театар Скопје.

9. Награда за млада актерка се доделува на Сара Спиркоска за улогата на Неда во претставата „Црнила“ на во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

10. Награда за женска епизодна улога се доделува на Биљана Драгиќевиќ Пројковска за улогата на Марија во претставата „Мачкина глава“ во изведба на НУ Драмски театар Скопје.

11. Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ се доделува на Александар Степанулески за улогата на Симон во претставата „Мачкина глава“ во изведба на НУ Драмски театар Скопје

12. Награда за главна женска улога се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата на Констанца во претставата „Амадеус“ во изведба на НУ Турски театар Скопје.

13. Награда за главна машка улога „Кирил Ристоски“ се доделува на Димитар Ѓорѓиевски за улогата на Фезлиев во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

14. Награда за режија се доделува на Дејан Пројковски за режијата на претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

15. Награда за уметничко остварување на претставата во целина се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „Страв и надеж“ според Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат.

На прашањето зошто не се доделени четирите награди, меѓу кои и за драмски текст, Дарко Лукиќ истакна дека „смислата на фестивалот е да работи на промоцијата на македонската драма е таа култура и традиција. Сугерирам на театрите да се занимаваат со македонските автори многу повеќе.

Коневски-Руси додаде дека со програмата „Драмолетање“, фестивалот веќе прави чекор напред за објавување драмски дела.

Во чест на наградените, вечерва ќе имаме ексклузивна можност да ја гледаме последната претстава и особено актуена претстава на Балканот периодов, токму од Дејан Дуковски, автор во фокус на фестивалот. Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот истакна дека ова е голем чекор и подарок од фестивалот за публиката.

На прес-конференција можевме да ги запознаеме актерите: Милутин Милошевиќ, Наташа Марковиќ, Ања Ќурчиќ, Јана Милосављевиќ, Милан Зариќ, Амар Ќоровиќ, Бојана Стојковиќ и Љубомир Булајиќ.Вечерва тие по десетти пат ќе ја изведат претставата чија премиера беше на 14 март годинава, а гостувањето во Прилеп им е прво надвор од Србија.

За соработката со Дејан Дуковски тие споделија дека била со многу почит кон нив и на суптилен начин давал насоки.

Наташа Марковиќ која игра мајка во семејството истакна дека Дуковски и бил позитивна провокација. Таа посочи дека проектот се работел долго, односно со прекини и поради протестите во Србија, но и дека тоа позитивно влијаело на проектот.

Посебно е задоволството кога во театарот се отвораат теми кои не нудат готови одговори, туку поттикнуваат на размислување.

-Оливер Фрлиќ е прекрасна за соработка, отворен, искрен, тоа е режисер што ги сака актерите и не се плаши да ги покаже своите несигурности, а со тоа им влева и доверба.

За Ања Ќурќиќ, која игра трансродово лице, на прашањето што е најхрабро за неа во претставата, таа вели дека оваа претстава е храбра поради воведувањето на трансродовоста како тема, нешто што прв пат се обработува во Србија, но и поради нејзиниот специфичен концептуален и жанровски пристап.

-Важно е да допреме до публика, која можеби и не оди толку многу во театар. Моите родители, на пример. Тие беа на премиера и имаа многу прашања за мојата улога како Ангел. Мајка ми и виски пиеше отпосле – се пошегува актерката Ќурќиќ.

Милутин Милошевиќ го толкува Димитрија, таткото на семејството кое се распаѓа под притисокот на транзициите, но тој истовремено е и луциден лик. Милошевиќ истакна дека јубилејот на фестивалот и годината посветена на Дуковски им дава дополнителна одговорност и трема пред вечерашната изведба.

Покровители на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп се: Претседател на РС Македонија, Министерство за култура и туризам на РСМ и Општина Прилеп. Спонзори се: Комфи Ангел, Прилепска пиварница, Витаминка, Пакомак, продукциски партнери – Микросам, Кули, поддржувачи: Комерцијална банка, Стопанска банка, МАКЕДОНИЈА осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп. Официјална вода на фестивалот е „Ладна“ (Магрони ДОО, Скопје). Соработници: Јавен Простор Прилеп, НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градска библиотека „Борка Талески“, Умно.мк, Урбан Ера, Стопанска комора на Северна Македонија – Прилеп, Биткрафт.

Медиумски покровители: МТВ, Телма, МИА, Слободен печат, Портрет, Трн.мк, Култура 24, Нова Македонија, Cultural Chat, ОРО, Екран, Вечер, Радио Холидеј, Jazz FM, Okno.mk, Независен, Лице в лице, Република, Клуб Деница, Инфо компас, Е-Магазин, Канал 77, Музика 24, Радио Пела, Маркукуле, Текст.мк, Сакам да кажам, ОТВ.мк, Зенит, Публикум и др.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ