Речиси секој човек во светот е домаќин на микроскопски грини кои живеат во фоликулите на влакната, најчесто на лицето.
Овие суштества, познати како Demodex folliculorum, станале толку зависни од луѓето што научниците сметаат дека постепено еволуираат од паразити во симбионти – организми кои живеат во заемно поврзана заедница со човекот и веќе не можат самостојно да преживеат.
Нивниот цел животен циклус – од раѓање до смрт – се одвива на нашата кожа, каде што се хранат со мртви клетки. Истражувањето е објавено во научното списание Molecular Biology and Evolution, а за него пишува и ScienceAlert.
Прилагодени за живот на човечката кожа
Научниците го секвенционирале геномот на овие широко распространети грини за подобро да ја разберат нивната еволуција.
Резултатите покажуваат дека заштитениот живот во човечките пори довел до генетски промени кои не се забележани кај нивните сродни видови.
„Откривме дека овие грини имаат поинаков распоред на гените одговорни за градбата на телото во споредба со другите сродни видови. Тоа е последица на нивната адаптација на заштитениот живот во порите на човечката кожа“, објаснува биологот за безрбетници Алехандра Пероти од Универзитетот во Рединг.
Таа додава дека овие промени во нивната ДНК резултирале со необични телесни карактеристики и специфично однесување.
Минимален геном и необично однесување
Грините Demodex folliculorum се долги околу една третина од милиметар. Нивното издолжено тело со нозе и уста на едниот крај е совршено приспособено за движење низ фоликулите на влакната, каде што се хранат со мртви клетки од кожата.
Активни се исклучиво ноќе. Тогаш излегуваат на површината на кожата за да пронајдат партнер за парење, а потоа повторно се враќаат во фоликулите.
Генетската анализа, предводена од научниците Гилберт Смит од Универзитетот во Бангор и Алехандро Манзано-Марин од Универзитетот во Виена, покажала дека нивниот геном е сведен на минимум.
Бидејќи живеат во средина со малку закани и конкуренција, тие задржале само гени неопходни за преживување. Тоа е најмалиот геном досега забележан кај сродни членконоги. На пример, секоја нивна нога ја придвижуваат само три мускулни клетки.
Не произведуваат ни мелатонин
Овој генетски минимализам објаснува и дел од нивното однесување.
Тие се ноќни суштества затоа што ги изгубиле гените што ги штитат од ултравиолетовото зрачење, како и гените кои ја поттикнуваат дневната активност.
Дополнително, тие не можат самостојно да произведуваат мелатонин – хормон кој кај многу мали безрбетници го регулира движењето и размножувањето. Истражувачите претпоставуваат дека тоа не претставува проблем бидејќи го користат мелатонинот што човечката кожа природно го ослободува во самрак.
Научниците забележале уште еден интересен знак дека овие грини се движат кон симбиотски начин на живот.
Во фазата на нимфа тие имаат најголем број клетки, но кога стануваат возрасни дел од нив ги губат. Истражувачите сметаат дека ова може да претставува прв еволутивен чекор кон целосна симбиоза со човекот.
Иако многумина не се свесни за нивното постоење, овие микроскопски жители на нашето лице најверојатно не ни штетат. Напротив, научниците сè повеќе веруваат дека тие можеби имаат улога во одржувањето на чистотата на порите и претставуваат пример за тоа како еден поранешен паразит постепено може да стане корисен симбиотски организам.
А.Н.

