Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на денешната прес-конференција информира дека е дадена наредба до сите училишта планираните патувања и екскурзии во Република Италија да ги откажат или одложат на неопределено време.
Тој информира дека во 23 средни училишта што се наоѓат на територија на Скопје учат 21.600 ученици и заштитата на нивното здравје претставува сериозна обврска и одговорност за градот како надлежна институција и за директорите кои раководат со училиштата.
-Согласно задолженијата добиени од Владата на Република Северна Македонија сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија треба да ги откажат или одложат на неопределено време. До крајот на оваа недела ќе биде одржан и едукативен час за превенција од вирусот согласно со препораките на Светската здравствена организација и Владата на Република Северна Македонија, истакна Шилегов.
Тој нагласи дека денеска до директорите на средните училишта издал наредба раководните органи во училиштата внимателно да ги следат и целосно да се придржуваат на препораките за превенција и справување со корона вирусот кои ги даваат надлежните институции. Шилегов апелира и да не се крева паника и да се почитуваат упатствата кои ги издава Министерството за здравство во однос на превенција од корона вирусот.
– Ако добиеме некакви дополнителни насоки во кој што организираниот превоз во јавниот транспорт во Скопје ќе треба да презеде соодветни мерки, Градот Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие веднаш ќе одговорат на таа обврска, рече Шилегов.
Претпладнево, и Министерството за образование и наука излезе со препораки со кои на образовните институции им е наложено да ги одложат планираните екскурзии во Италија, а во најкус можен рок по телефонски или електронски пат да обезбедат информации од сите свои вработени, ученици и студенти дали во последните две недели патувале или живеат со некој кој патувал во Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур и Тајван.