четврток, декември 26, 2024
домаНасловнаАЛЕКСАНДАР ПЕЈЧИНОВСКИ: Радио проектот „3 ГОНГА“ е национално богатство нa Македонија!

АЛЕКСАНДАР ПЕЈЧИНОВСКИ: Радио проектот „3 ГОНГА“ е национално богатство нa Македонија!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Неколку месеци на јавната сцена постои и функционира новата музичко-концертна промоција „Три гонга“, која за релативно кратко време успеа да организира серија клупски концерти со странски изведувачи во „Станица 26“. За почеток, да ја објасните идејата и целта на оваа агенција?

-Идејата е за првпат кај нас да се настапи организирано со концерти во живо, но во поинаква средина од вообичаените кај нас театри, спортски сали и други простори кои се пренаменуваат во концертни. Секоја метропола, особено главен град на одредена држава има развиена клубска музичка сцена со настапи во живо. Скопје и Македонија имаат многу групи и музичари кои немаат каде клубски да настапат. Има голем број на свирки по кафетерии, но тие се за ограничен број посетители, говориме за максимум 100 луѓе и сето тоа со ограничено по квалитет озвучување и без сцена, обично бендот е во некој агол од локалот. Нашата идеја со Васја и Ситна е освен нашите групи и музичари, во клубска атмосфера да настапат и еминентни имиња од светот, а пак сето тоа ќе придонесе за близок контакт и размена на искуства, можна соработка помеѓу нашите музичари и гостите. Целта ни е да ја развиеме клубската свирка, како и да дадеме поддршка во издавање музика на нашите групи и музичари. Македонија има два големи фестивали кои се наши амбасадори во светот, Скопски Џез Фестивал, Блуз eнд Соул…

Трoјца рокери од старата школа, Александар Пејчиновски – Пејчи, Васја Ивановски и Здравко Ситновски – Ситна сте потписници како основачи. Во земјава е таква ситуацијата каде се почесто згаснуваат музички и културни проекти. Што Ви даде ветар во грбот за да почнете со ваква организација?

-Ветерот е поставеното прашање, згаснување на музички и културни проекти. И ние живееме во оваа средина и некако не се помируваме со овој тренд на згаснување. Васја и Ситна со јак ветер и многу ентузијазам започнаа организација на забави во многу култни места во градот и во Македонија од 70-тите. Јас иако многу млад во текот на 80-тите ја започнав својата мисија на пуштање музика, организација на забави, креирање на тогашниот музички меин стрим. Нашето искуство, во комбинација со новите денешни трендови на социјални мрежи, електронски комуникации веруваме ќе даде нов поттик за воздигнување на музичката култура. Од нас најмногу кон рок музиката е Ситна, кој е во директен контакт со сите имиња од поранешна Југославија и Македонија, тој е голем пријател со Рамбо Амадеус и многу други. Васја е дефинитивно Блуз делот во нашата тројка, додека јас сум кон џез, фанки и соул музиката, но заедно знаеме што е добро и тоа го нудиме на македонската публика.

Дамир Пух, Јан Акерман, Ерик Геилс, Давид Нешкоски, Рамбо Амадеус, Денис Чемберс и Трејс елементс, Д Хагис Хорнс во само два месеци. Прилично познати, звучни, џез и блуз музичари, етаблирани на светската сцена. Тешко ли беше, колку време подготвувавте терен? Сепак тоа се музичари кои имаат своја цена…

-Преговорите започнуваат со наша најава дека групата, музичарот ќе настапат во ноќен клуб, што од нивна страна е позитивно прифатена. Ни ги доставуваат нивните технички барања кои заедно со клубот гледаме дали може да ги исполниме, бидејќи големите ѕвезди си бараат многу работи. Инаку клубската атмосфера ни ги претстави Јан Акерман и Рамбо Амадеус во сосема поинакво, блиско, интимно светло. Секаде настапуваат во клубови, освен на фестивали во големи концертни сали.

Се чини за Рамбо Амадеус беше најисполнет клубот. Се оддава впечаток дека публиката најмногу реагира на балкански рокери.

-Рамбо е лик кој во животот сакав лично да го запознаам, желбата ми се оствари и се преточи во организација на негов концерт во Скопје, прво па машко, се чувствував како мало дете во слаткарница. Рамбо е прв од листата музичари од Балканот, кои ги планиравме. Реакциите на голем дел од публиката беше позитивна за клубската свирка, бидејќи Рамбо има гостувано многу пати во МКД, но ова е негова трета клубска свирка, последната беше пред 10 години. Сето тоа си направи многу убава позитивна енергија. Тука беше и нашиот ПР Ивана Тасев, која одлично го испромовира неговиот настап, гостувањето во Скопје. Ерик Геилс и Рамбо Амадеус предизвикаа голема посетеност и журка со нивниот настап.

Освен на странски изведувачи, има најава и за музички сесии со домашни. За кои станува збор?

-Градските сесии започнаа со концерт на Дамир Пух, потоа следеше ДАФ Проект на гитаристот Давид Нешкоски, потоа следеше Владимир Четкар кој за првпат во Македонија се претстави со седум члена група и како последен концерт Градска сесија бр.9 концертна промоција на новиот албум COFFEINE BLUES на групата „Морал“ и пријателите. Сите концерти поминаа одлично со голема посетеност и најважното одлична свирка. Она што следи е концертната промоција и издавање албум на групата Кабадајас, албумот е во завршна фаза и овој албум ќе биде прв од нашето издаваштво, Никола Коџабашија Трио, Дани и „Стринг Форсис“ кои ќе настапат како предгрупа на „Стик Мен“ групата на басистот Тони Левин кој постојано работи со Питер Габриел и свири на познатите хитови од Габриел, Слеџ Хамер, Донт Гивап … Како последно во овој момент е концерт на групата „Памперс Оф Д Фол“ од Битола, концертна промоција на нивниот последен албум „Ол Абаут Ју“ кој го издаваат на винил. По настап во Македонија се селат со промоција во Лондон од каде ја започнуваат својата светска промоција на својот албум. Насловниата тема од овој албум веќе е високо на топ листите во Англија, оваа група е под продукција на Предраг Каранфиловиќ, односно неговата издавачка куќа Алианс Рекордс. Предраг е дел од радискиот тим на „3 Гонга“ заедно со Ѓоко, Васја…

Колкав е одѕивот и интересот на публиката? Некои ќе речат- за наши услови скапа е влезница од 1.000 па и повеќе денари, а некои пак- конечно селектирана публика, затоа што ако некој решил да плати билет од 1.000 и над тоа, навистина треба да е овожавател а не „фејкер“.

-Не беше нашата цел преку цената на картата да селектираме публика. Ова не е фестивал во рамки на културно лето, пивофест во одреден град и поддржан од истиот. Во тој случај цените на билетите се поевтини бидејќи тоа се манифестации, концерти кои се посетени од многу посетители говориме за илјадници. Овде сме ограничени со бројот на билети поради капацитетот на клубот, но верувајте, оние кои беа ја доживеаја убавината на нашата идеја и цел. После секој настап сите се фотографираа со своите ѕвезди, им потпишуваа плочи и цд-а, се дружеа со своите идоли, во друг амбиент тоа го нема. Така што цената на билетот ја дефинираме според бројот на потенцијални гости, но во никој случај нема да дозволиме клубот да биде преполн, дури тогаш ќе имаме негативни реакции од нашите посетители.

Има ли од домашните музичари и уметници во публика, кои сакаат во живо да ги проследат своите светски идоли или да ги дефинираме како „професори од дистанца“?

-Да огромен број и сите беа на класен час. Најинтересно беше на „Трејс Елементс“, Денис беше поставен странично на сцената и сите тапанари беа зад него, верувам за првпат и сите препишуваа. Истото беше и на Ерик Геилс, левучарот и гитарист Џими Хендрикс на денешницата, сите останаа подзинати, особено кога со гитарата во соло изведба тој легна на сцена, тие кои беа во првите редови доживеаја делириум. Е тоа го нуди клубската атмосфера.

Под кое име се собрани оваа серија концерти? Го нарекувате фестивал во континуитет …

-Фестивал Градска Сесија кој трае 365 дена во континуитет.

Се забележува дека имате суптилна, речиси и незабележливо рекламирање. Тоа е намерно така поставено или се уште не сте почнале
со поагресивна кампања за вашите концерти?

-Рекламирањето го реализираме како и сите клубови во градот бидејќи станува збор за тој тип на свирка со ограничен број посетители. Нашите настани не се посетени од илјадници посетители. Ако реализираме голема настан надвор од клубската атмосфера рекламната кампања ќе биде сосем поинаква и поагресивна. Се е поврзано со „инкамот“ од целиот настан. Самите спонзори поддржуваат големи настани поради посетеноста, освен билетите, тука се и шанковите, сето тоа нуди масовност што подразбира и пониска цена на карта за концертот. Интересот кај музичката публика, која е строга и пребирлива го побудивме, со истите сме во директна комуникација преку денешните алатки за комуникација. Огромна благодарност до МРТВ која не поддржува максимално со објави на видео спотови за настаните и гостување во контактни емисии во МРТВ, Телма и ТВ24 како и дневните весници „Слободен Печат“ и „Нова Македонија“ и веб порталите Оф Нет, Точка, радио станиците Антена 5, Лајф Радио и Радио Буба Мара. Во план ни е наскоро да ја пуштиме во употреба мобилната апликаци „3 Гонга“ со која ќе бидеме во директен контакт со нашите посетители,тоа ќе биде развој на нов електронски медиум. Бараме и телевизиска куќа партнер за реализација на ТВ емисија која покрај гостувањата во реализација на 3 Гонга ќе ги покрие сите настани во РМ, а недостига овој тип на емисија.

„Три Гонга“ своевремено беше долгогодишна и култна радио емисија на Македонско радио, во која беа претстаавувани сите музички новости, а ја уредуваше и водеше легендарниот радио водител и текстописец Ѓоко Георгиев. Изборот на името малку разбранува, социјалните мрежи можеа да се прочитаа позитивни коментари од оние кои ги асоцираше на легедарната радио-емисија, но имаше и неодобрувачки коментари.

-Во чест на овој проект кој значеше многу во своето време на постоење. Да кажам тоа е национално богатство на Македонија. Секој од нашите гости се прашува „од каде Ви текна ова име?“, со името ништо не им е јасно освен бројот 3 кој е поврзан со нас тројца. Но кога ќе ја слушнат целата приказна за радио емисијата и која аура ја ширела истата сфаќаат дека се дојдени во држава, нација која е сериозно музички образувана и нивната посветеност кон настапот е поголема. Инаку да, автор на овој легендарен проект е Ѓоко Георгиев, но покрај Ѓоко во истиот учествувал и Васја Ивановски, Предраг Талев Каранфиловиќ и други ентузијасти, кои и денес работат во музичката индустрија кај нас и надвор. Поврзаноста на Васја со радискиот проект 3Гонга беше причината името на концертната агенција да го дадеме во чест на овој проект и Ѓоко Георгиев. Наш план е една вечер да ја посветиме на оваа радио емисија, да бидат повикани сите кои партипицирале, да се прикажат слики ако има и видеа од овој период,да се донесат плочи, касети од кои се пуштала музика во етерот на тогашно Радио Скопје. Радиото е она што не спојува со Васја, јас сум радиски човек од новата генерација од 92-ра со прв настап како ДЏ во Радио Уно, радио во кое ја реализирав првата Џез Емисија, Џез Бина, заедно со Влатко Перчук и Анастас Мишев и подржана од кумовите на оваа емисија Кокан Димушевски и Иво Јанковски. Мене би ми било драго ова име после многу години некој да го даде на некој нов проект, како своевиден потсетник на она што сме го оставиле позади нас на овој начин сваќаш дека нешто што некој го работел оставило голема трага и има вредност. Мене, на Васја и Ситна, ни е многу драго што со името ја разбранувавме македонската јавност.

Вие на самиот почеток најавивте дека се преговара да го донесете Брус Вилис во Скопје, кој во моментов е на турнеја со својот блуз бенд, Лајонел Ричи, „Кул Енд Д Генг“, Фред Весли и други. Звучи многу амбициозно, но од прва рака да слушнеме колку е изводливо и остварливо, и што подготвувате за во блиска иднина?

-Информацијата за тоа дали Брус Вилис е на турнеја ќе добиеме наскоро, но сето тоа зависи од професионалниот ангажман со филмската продукција. Групата е негово хоби, негов почеток и сите настапи ги прави бидејќи ја сака музиката. Но ако нешто такво се случи ќе бара сериозна организација и рајдер кој ќе треба да се реализира, да тргнеме од хотелското сместување. Ваков настан би бил во интерес на градот и државата, цел Балкан ќе дојде кај нас, а тоа бара државна организација на највисоко ниво. Преговорите на другите големи ѕвезди се во тек. Она што можеме да го објавиме за Јануари е концертот на Кабадајас, кои издаваат нов албум кој е во завршна фаза и очекуваме концертна промоција во март.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ