Најмалку две тужби се поднесени до Европскиот суд за човекови права во Стразбур против Русија со обвинувања дека земјата земала органи од телата на неодамна починати, без претходно да бара дозвола од нивните блиски, и со тоа ја прекршила Европската конвенција за човекови права.
Во меморандум упатен до судот во Стразбур во јули, Русија наведе дека е „нехумано“ да се прашуваат членовите на семејството на починатиот да се земат неговите органи, “бидејќи тоа скоро временски би се совпаднало со нивното известување за смрт на саканата личност“, наведе агенцијата АП, повикувајќи се на документите што ги имала на увид. Адвокатите на руската влада велат, како што објави американската агенција, и дека нема доволно време да се добие согласност пред вадење на органите.
АП истакнува дека, во рамки на рускиот систем на т.н. „претпоставена согласност“, лекарите рутински и законски отстрануваат органи од луѓе кои починале, без претходно да бараат согласност од овие луѓе додека се сеуште живи или согласност од нивните семејства.
Русија, во правните постапки, како аргумент за ова наведува дека ако од лекарите се бара да бараат дозвола пред да ги отстранат органите, луѓето би одбивале да дадат согласност, и системот за трансплантација ќе пропадне.
Сепак, неизвестување на ужалените семејства, вклучувајќи и некои кои дури подоцна откриле дека органите на нивните починати најблиски тајно се земени, доведе до најмалку две тужби во кои се оспорува рускиот закон и неговото толкување за кое се тврди дека ги крши основните човекови права загарантирани во Европа.
Правните експерти велат дека рускиот пристап за земање на органи може да биде опасен, бидејќи ја поткопува довербата, но од друга страна, некои етичари велат дека пристапот на Русија треба да се препорача, па дури и да се имитира, за да им помогне на живите.
Многу земји имаат системи на „претпоставената согласност“, вклучувајќи ги Австралија, Шпанија и Шведска, додека и други земји во Европа се на пат кон сличен пристап, вклучувајќи ги Англија и Холандија, но многу од лекарите велат дека ниту една земја не е во тоа толку агресивна како Русија, наведува американската агенција.
Ако судот во Стразбур заклучи дека Русија ја прекршила Европската конвенција за човекови права, може да и се наложи на земјата да го измени законот за донација на органи. Одделни пресуди за двете тужби против Русија се очекуваат во наредните месеци, објави АП.