Гласноговорникот на Бред Пит одговори на виралната приказна за Французинка која верувала дека е во долга врска со славниот актер, а всушност била измамена од лице што се претставувало како тој, злоупотребувајќи ја нејзината доверба и изнудувајќи 830.000 евра.
„Ужасно е што измамниците ја злоупотребуваат силната врска меѓу обожавателите и познатите личности,“ изјави гласноговорникот и додаде:
„Ова е важен потсетник да не одговарате на несакани онлајн контакти, особено од луѓе што се претставуваат како актери кои немаат профили на социјалните мрежи.“
Приказната за првпат беше објавена во неделната емисија „Седум до осум“ на француската телевизија TF1.
Французинка по име Ан, 53-годишна дизајнерка на ентериери, се појави во емисијата и раскажа како верувала дека е во онлајн врска со Пит повеќе од една година. Таа дури изјавила дека мисли дека биле заљубени, пренесува N1.
Наводната врска започнала во февруари 2023 година, кога Ан примила порака од некој што се претставувал како мајка на Пит. Оваа порака довела до друг контакт, овој пат со лице што тврдило дека е самиот актер.
Измамникот користел лажни профили на социјалните мрежи и WhatsApp, како и слики генерирани со вештачка интелигенција кои изгледале како селфи-фотографии на Пит. Дури испратил и копија од неговиот „пасош“ за дополнителна убедливост.
Во еден момент, измамникот ѝ кажал на Ан дека му е потребна финансиска помош за лекување на рак, бидејќи неговите сметки биле замрзнати поради бракоразводната постапка со Анџелина Џоли. Ан примила и AI-генерирани слики на кои Пит изгледал како да е во болница.
Преку овој лукав план, Ан му испратила стотици илјади евра за „медицински трошоци“. Таа ја дознала вистината ова лето, кога видела фотографија од Пит со неговата партнерка Инес де Рамон. Потоа поднела пријава за измама до полицијата, пренесува TF1.
Емисијата предизвика лавина од шеги на интернет за наивноста на жртвата, а каналот TF1 ја тргна епизодата од својата веб-страница по бурните реакции.
TF1 извести дека Ан имала проблеми со менталното здравје, вклучувајќи тешка депресија, и дека е хоспитализирана за третман.
Н.Д.
