Бугарите ќе си останат Бугари од времето на Југославија

0
279

Пишува: Филип Спировски
Сонцето и свежината на шестоноемвриското претпладне ме потсетија на времињата неоптеретени со неизлечив лесно пренослив респираторен вирус, т.н. САРС КОВ 19, пошироко прифатен како Ковид. Мене ми стана близок па го викам на галено: грип.
Низ глава ми проаѓа ланскиот ноември, петок претпладне. Привршував со обврските и со нетрпение чекав да помине пладне да се упатам на матно пиво кон Лонг Плеј во Бисер. Сесијата продолжи во афтерворк парти и се спои со вечерно загревање за ноќната забава. Не се сеќавам точно како заврши тој ден. Ми недостасува. Од денешна перспектива ми изгледа недостижно, далечно, или попрецизно – ризично, да се измешам со луѓе во кафуле. Ги разбирам скептиците, а не ги поддржувам. Ги разбирам и кафанџиите во напорот меѓу организирање на мерките и препораките од Комисијата за здравство и профитното работење втемелено на социјална гужва окулу „коњопој“ на затворена, затоплена тераса која е честопати поголема од локалот.
Притисокот од пандемијата ме претвори во асоцијален, див, здрав, претпазлив, фрустриран папучар. Не ми се доволни прошетките со маска на уста и на нос. Не ми се доволни зумконференциите и онлајн предавањата. Сакам лице в лице да викам, да се расправам, да јадам и да пијам на кафеанска маса, во кафуле или дома. Сакам, ама нема!
Единствено не ми е јасно како да го решиме проблемот со Бугарија, а да не ги нагазиме на скијање во Банско и Боровец, во кафеаните во Ќустендил и во Софија, на Черното море! Преговарачката рамка за РСМ со ЕУ треба да ги опфати и „маките на бугарите со македонците кои имале претензии и ги загрозувале интересите на Бугарија!?!“ Немаат осет Бугарите па преку механизмот на вето во одлучувањето на европското семејство, не присилуваат да ги вратиме сеќавањата на времето на „две червени“. Ние сме познати по издржливоста. Ќе преживееме и со нивното вето! Ама Бугарите ќе си останат Бугари од времето на Југославија.
Позитивните атрибути за брз развој и привилегии од влегувањето во европската дружина што ги осетија и Бугарија и Романија и Грција за нас дефинитивно ќе бидат недостижни. Европа веќе не дава привилегии и фондови (ограничени и недоволни), токму заради злоупотребите во трошењето од овие наши европски примери од регионов. Јаки ни се примериве од регионов за да ни бидат патоказ за Европскиот пат.
За два милиони жители и некој политички или уште подобро економски „специфичен“ договор со голема неевропска земја на пр. Кина, ќе биде гол со пета во европската мрежа на условувања и прилагодувања. Пошироката слика на надворешната политика може да ја фати сегашниов Министер за Надворешни работи и да не вивне во облаци. Таа работа може да се оправда со пандемија, респиратори, здравствени помагала, а ќе ували слободно тргување и застапништва за кинески производи на европско тло, (Доволно е и некое збратимување со некој град од кинеското индустриско крајбрежје.))) а во пакет дистрибутивен центар кој ќе вработува 500 – 600.000 Македонци дистрибутери или поштари сеедно.
Во неможноста за социјализирање по кафеани и кафулиња зрак на надеж дава сонцето кое во ноември топли и заменува илјадници киловатчасови струја од и така празните акумулации.
Пандемијата ќе помине ама лошиот збор од Бугарија ќе го паметиме уште долго!