Пациентка на 65-годишна возраст почина, 25 се новозаболени и 5 опоравени од коронавирусот пуштени на домашно лекување, е билансот во изминативе 24 часа во земјава, соопшти министерот Венко Филипче на денешната редовна прес конференција.
Вкупниот број на заболени сега изнесува 354 регистрирани случаи, а по градови новозаболени има за прв пат во Кочани – 1, во Скопје уште 7, исто и во Куманово, во Тетово – 5, во Прилеп и Струга по 2 и во Гевгелија – 1.
Филипче посочи дека починатата на инфективната клиника е пациентка од Лабуништа, струшко, на 65 години која освен коронавирусот имала и претходни заболувања, хронично опструктивна белодробна болест, дијабетес, срцева слабост и обезност.
Сите пациенти од Заводот за рехабилитација во Козле се испишани и се на домашно лекување, а оние што треба да се лекуваат ќе бидат амбулантски лекувани во болницата „8 Септември“, додаде Филипче.
Резултатите направени посмртно од пациентката која почина во неделата во Струшката болница, потврдиле дека и таа била позитивна на вирусот. За пациентот од Битола се уште се чекаат резултатите откако имаше неколку различни тестови.
Медицинска сестра од Куманово, која секојдневно патува на работа на Клиниката за пулмологија, а минатата недела била во резервниот тим, е позитивна на коронавирус. Таа деновите кога одела на работа немала симптоми, но од вчера имала покачена температура и по тестирањето е дијагностицирана со Ковид-19, појасни Филипче, додавајќи дека тие два дена кога била на работа таа била со целосна заштитна опрема. Направени се интервјуа со нејзините колеги и врз основа на податоците кои се анализираат ќе бидат преземени натамошни постапки.
Во самоизолација се четири медицински сестри од инфективното одделение во Штип бидејќи кај 80-годишна пациентка дури второто тестирање покажало дека е позитивна на коронавирус. Филипче посочи дека заболената прво била примена на 26 март кога брисот бил негативен, а на 30 март поради влошување на состојбата е направено уште едно тестирање кое било позитивно за Ковид-19.
Министерот Филипче кажа дека од Клиниката за инфективни болести денеска се испишани 5 пациенти, кои биле негативни на тестовите и се во добра општа здравствена состојба.На 11 пациенти од Дебар се земаат контролни брисови, тие се во добра општа здравствена состојба.
Во изминатото деноноќие направени се 257 теста за коронавирусот, а вкупно досега се тестирани 3.775 луѓе во земјава.
На ГАК вчера од Охрид е донесена 37-годишна родилка во тешка состојба за која лекарите веднаш утврдиле дека бебето кое го носела во стомакот веќе било мртво, а обидите да го спасат животот на жената не вродиле со плод. Причина за смртта најверојатно е сепса. Се работи за екстремно обезна пациентка, со телесна тежина од околу 150 кг, со висок крвен притисок и тахикардија Таа посмртно се тестира дали била заразена со КОВИД 19.
Од Куманово е донесена родилка за која е веќе потврдено присуство на КОВИД-19 која е префрлена на Инфективната клиника откако се влошила нејзината здравствена состојба, откако е изведено предвремено породување во Гинеколошко акушерската клиника. Бебето е на интензивна нега, а лекарите ќе тестираат дали и кај него има присуство на коронавирусот.
-Пациентката роди живо машко новороденче кое е недоносено и во моментов се наоѓа на одделот за интезнивна нега и терапија на ГАК. Новороденчето не е на респиратоена машина туку само е со кислородна хауба. На бебето ќе му биде земен брис и ќе му биде направен тест за коронавирусот – соопшти Филипче.
Филипче посочи дека на ГАК има изолиран оддел за ваквите пациенти, а постојат и посебни протоколи за движење.
Владата ќе разгледа начини за продолжување на породилното отсуство на мајките на кои породилното отсуство им завршува додека важат мерките за заштита од коронавирусот, па тие не може да обезбедат уверение од градинка, рече Филипче, додавајќи дека на одлуката ќе ѝ претходат законски измени, а јавноста ќе биде информирана за деталите веднаш по донесувањето на одлуката.
За случајот со охридското инфективно одделение, министерот за здравство Филипче соопшти дека поранешната директорка на охридската болница, лекари специјалисти од инфективното одделение во охридската болница, како и самата институција ќе бидат парично казнети, а случајот ќе го разгледува и Лекарската комора и Етичката комисија на оваа Комора. А.Р.