понеделник, март 17, 2025
домаЖивотЗдравјеМозокот кај повеќето луѓе сега содржи една лажица пластика

Мозокот кај повеќето луѓе сега содржи една лажица пластика

„Алармантни“ научни докази дека микропластиката допира до човечкиот мозок, и може да придонесе за развој на деменција и други невролошки заболувања.

Човечкиот мозок содржи приближно една лажица микропластика и нанопластика, а 3-5 пати поголеми количини се откриени кај луѓе со документирана дијагноза на деменција, објавија научниците од Универзитетот во Отава во научното списание „Brain Medicine“.

Предупредувањето од канадските научници уследи по „револуционерната“ работа на тимот предводен од Универзитетот во Ново Мексико, кој откри дека микропластиката и нанопластиката „го фаворизираат“ мозокот пред другите органи, пренесе „Дојче веле“.

Концентрациите во мозочните примероци од починати луѓе се 7 до 30 пати повисоки од концентрациите забележани во црниот дроб или бубрезите, додека примероците од мозокот кај луѓе на кои им е дијагностицирана деменција покажуваат уште поголемо присуство на пластични честички, наведува тимот во труд објавен во „Nature Medicine“ во февруари.

Микропластиката се делови од распадната пластика. Најчесто пластиката влегува во нашите тела преку голтање или вдишување. Тие се забележани во човечките органи со децении, но нивните здравствени ефекти штотуку почнуваат да се документираат.

Постојат некои докази дека акумулацијата на микропластика, особено во критичните органи како црниот дроб, може да се меша со нормалните биолошки функции.

Други неодамна објавени студии предупредуваат на влегување на микропластика и нанопластика во човечкото тело преку пот, пластични честички во машките гениталии и пренос од бремени жени на нивните неродени деца, пренесе ХИНА.

„Драматичното зголемување на концентрацијата на микропластика во мозокот за само осум години, од 2016 до 2024 година, е особено алармантно“, рече Николас Фабијано од Одделот за психијатрија на Универзитетот во Отава.

Порастот на предупредувањата за здравствените закани од микропластиката и нанопластиката доаѓа по растечкиот гнев поради загадувањето со пластика, чии огромни количини завршија во езерата, реките, морињата и океаните.

И покрај напорите да се ограничи употребата на пластика преку мерки како што се замена со хартиени сламки, европските земји и Јапонија се обвинети дека испраќаат пластичен отпад во Југоисточна Азија, откако воведоа ограничувања и строги правила за рециклирање дома.

„Ова зголемување (на микропластиката во човечкото тело) го одразува експоненцијалното зголемување на нивото на микропластика во околината“, рече Фабијано.

Научниците тврдат дека треба да се направат уште пообемни истражувања и подолготрајна анализа е потребна за да се утврди влијанието на микропластиката врз појавата на болести како деменцијата, но и начините како таа стигнува до мозокот и дали е можно да се отстрани или разгради природно. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ