Еднаш дневно: ОДНОС/И

0
306

Деновиве наидов на објава во која српска водителка се потсети дека позната македонска пејачка ја потценила нејзината екипа, не пристигнувајќи на време на договореното место, доцнела цел час, па водителката ја повлекла екипата и не снимиле интервју, на што нашата пејачка остана вчудоневидена зошто дури сега тоа и го открива на јавноста и проба да објасни дека доцнела заради неможноста во сообраќајот тогаш побрзо да стигне.

Нема да навлегувам во овој случај, како случај, со сигурност знам дека новинарите во другите земји се многу подоговорни кон својата професија (седма сила) и без приговор поригорозни кон вакви ситуации. Тоа им го дозволува и поголемата моќ на медиумскиот пазар и поцврстата поставеност.

Ние никако да научиме да го почитуваме новинарот но и законот, кој има строго определен кодекс на работа на новинари, ни како треба да се однесуваме меѓусебе професионално. И сме мала држава, сите се знаеме, па, една нарушена релација може долги години да се провлекува како “зла крв” и да повлече многу други непријатности. Си зборуваме наоколу, бараме сојузници, почнуваме војна, нели?

Публиката, главно има поголема аверзија кон медиумите и медиумските претставници, веднаш почнува да навива и да се става во одбрана на сценските личности. За било што. Може да се забележи дека со појавата на фејсбукот и тоа се промени, па сега често влегува во конфликт и со поголеми ѕвезди, имајќи директни согледување за нивните размисли, начин на живот, карактер, комуникација. Не чека некој друг (медиумите) да и раскажува за одредена личност.

Но со полна одговорност тврдам, дека доколку новинарите јавно би го откриле карактерот на многу наши ѕвезди и познати, тие веќе тоа нема да бидат.

Најсуетни, дефинитивно се голем дел од пејачите и музичарите, оние кои не ги достигнале врвовите кои ги очекувале, нешто посуетни се пејачи/музичари кои знаат дека што и да сторат не може да ги допрат посакуваните врвови.

Па така, нив медиумите им се виновни, новинарите дежурни виновници, сториите, објавите според нив не се релевантни итн, итн, итн.

Обврска на секоја сценска, јавна личност, менаџер или продукција е да дадат информација исклучиво за својата работа, а не да се мешаат во концептот на новинарот и медиумот. Евентуално да демантираат ако за нив се изнесни лаги, невистини клевети. А доколку е нарушен пак и трпи некој поширок процес, тогаш нив треба да ги застапува нивното здружение. Нивниот еснаф.

Медиумите мора да се почитуваат. Не е никако иста позицијата и начинот на гледање на нештата како ни начинот на работа од нивна точка и од новинарска гледна точка.

Па така, можеби навидум ќе ве засмее ама во релност е кошмар за новинарот комуникација во која “ѕвезда” или менаџер ќе се јави на телефон во Редакција за да ја коригира неговата работа со закани- ќе те бркам од работа, ќе се јавам кај уредникот да те избрка, ти поим немаш од новинарство, ти не знаеш кој сум јас, ќе ти ја кршам кичмата, ти си мафија, ти си п*дер, ти л*збејка, ти си дебела, ти си фрустрирана, ти си ќелав, ти си немажена, ти си разведен, ти си небањат, ти си сељак, ти си ненормална и слично … И што уште нема да слушнете, од разулавениот јавувач.

Истиот оној кој само до пред малку ве воздигнувал до ѕвезди од величење, додека сте пишувате позитивно за него, нешто што му одговарало.

Постои уште еден поголем апсурд, кој мислам е “ексклузивен изум од ова поднебје” – тие и не реагираат толку за тоа ако нешто си ги искритикувал, колку што реагираат бурно и нервозно доколку си пофалил некого што нив не им се допаѓа.

Најчесто бараат за својот противник да објавиш рекла – кажала кафанска информација, без потврда и без факти, не сфаќајќи колкава повреда на правото е тоа, и повреда на кодексот на новинарите.

Информација од рекла – кажала, напад, навреда, озборување (кој се смета како тип на пасивно насилство и агресија), давање погрешна информација, создавање погрешна претстава за нешто, доведување во заблуда, правење на сојуз или злосторничко здружување против новинари, попречување на новинар/медиумско лице во вршење на својата работа, попречување слобода на говор, попречување на работа или новинарски ангажман, е кривично дело. Кога некој некогаш кој е склон на овие дејства ќе се соочи со законот, ќе му стане јасно. Кога некој новинар или новинарка ќе одлучи да го изведe пред лицето на правдата.

Понекогаш е интересно во Редакција, се забавувате со сета таа глупава ситуација, понекогаш се вознемирувате да слушате секакви пцовки и примитивности.

Јас и ден-денес се смеам на денот во кој еден менаџер на избор за мис се јави за да реагира на објавен текст.

Новинарот не беше тука, па соговорникот од другата страна на слушалката ме праша какво образование има тој. Кога му одговорив дека има правен факултет извика, “ете гледате, тој не е релевантен за да пишува за избор на мис”. Потоа следуваше моето прашање, а какво образование има организаторот, на што тој ми рече, па јас сум образован човек, јас сум правник, со завршен правен факултет за уште некој испит.

Добро е, му реков насмеана, но како ли само заклучивте дека, штом сте правник може да сте организатор на мис, а штом сте правник по вокација кој работи како новинар не смее да напишете за лошата организација на тој избор? Прснав во смеење и ја прекинав линијата.

Нелогично и незаконски, но имам куп примери.

Кога станува пак збор за музиката, многу музичари не може ни себе си да си ја објаснат новинарска работа, во која сакаат да ги мешаат своите прсти. И додека новинарот мора да направи јасна дистинкција меѓу тоа што нему лично му се допаѓа и она што е факт, за претставување во јавност, нив ги збунуваат многу работи, онакви какви што се. Многу пати ми се случило некој произволно да си донесе заклучок “па како тоа ти него не го сметаш за добар хипхопер (на пример), а си напишала дека имал успешен концерт?”.

Тоа што јас мислам така е мое мислење, кое може да се најде евентуално во колумна или некоја друга полабава форма на лично произнесување, но ако одреден артист продал билети и направил добар концерт пред 5.000 публика тоа е факт, и моето лично мислење тука не игра улога.

Или во ситуација кога нема да дадам пофалба да речеме за новата песната на некоја мене лично омилена пејачка, која поминала лошо кај публика. И јас им објаснувам “Секој си ја знае својата мајсторија, замисли, како јас да оценам дека ако ти како музичар многу сакаш инструмент тапан или кавал, да те убедувам дека мора да го вметнеш во оркестарот кој ја изведува на пример Петтата Бетовенова симфонија?Тоа не е мој занает и колку и да кажувам, не може да е подобро од тоа што ти го знаеш”…

На муабетите никогаш крај. Но колку и да е тоа за нас нејасно, треба да ја оставиме секоја работа да си ја работата професионалците.

Можеби еден ден и јас како српската водителка ќе се потсетам јавно на некои конкретни примери со смеа, а на некои и со построг тон, чисто да ги објасниме и разјасниме односите какви биле, какви се, а какви треба и мора да бидат.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.