Еднаш дневно: ОЛИВЕР БЕЛОПЕТА! 

0
178

Утрово, првиот пост на кој бев тагната на фејсбук, беше топ листа на радио емисијата “Џезоловка” на Хрватското национално радио на која (засега) доминира и е на прво место “Сашо Поповски трио” .

Сашо Поповски од Битола е академски маестро во голем подем, неколку години во родниот град го организира “Џез фактори фестивал”, активен и проактивен и на други џез фестивали, а е и професор на Музичката академија во Штип, која јас посебно ја обожавам од низа причини.

А, ја обожавам, меѓу другото, и сум ја посетила во некои наврати, и заради едно искуство од минатата година. Имав чест да бидам поканета на меѓународен Форум на ректори и декани на музичките академии членки на Иницијативата „17+1“ (земјите од Централна и од Источна Европа и НР Кина) а нив домаќин им беше маестро Тони Китановски, деканот на Музичката академија од Штип.

Освен што го знаеме како генијален музички уметник, образован на престижниот Беркли, мене пријатно ме изненади неговото амбициозно “фајтерство” во формирање на заеднички концепт, давање насоки за соработка, за заеднички концерти, предлагајќи програми, кои сите присутни ги одобруваа. А по завршувањето со Тони заедно искоментиравме колку е ова за доброто на неговите студенти, на овој начин да добиваат шанса за музицирање во тие земји и дека пак со џезот е најлесно, секаде може да отвори врати.

Да помине ова сегашново, во перспектива знам дека ќе биде онака како Китановски замислил.

Па си направив паралела за тоа колку џезот кај нас зема замав последнава деценија, младите музичари навистина се посветени на тој правец и интересот е се поголем, толку голем што дури и музичари кои со години свиреле комерцијално низ кафулиња, се обидуваат да создадат некое свое џез остварување и да го снимат, со цел да се доближат до џезот на некој начин.

За тој феномен ќе се осврнам наскоро, и на Сашо, и на Тони на други наши музичари кои заслужуваат свој портрет, во оваа прилика би сакала да го портретирам основоположникот на македонската џез култура, човекот што ја етаблира како задолжителна култура, а неговото име сите веднаш го погодуваат, господинот Оливер Белопета!

Тој е директор на “Скопскиот џез фестивал”, кој годинава постои рамно 40 години, фестивал со најдолг стаж, воедно и најголем континуитет кај нас, воедно и фестивал, кој го сметаат за врв и за столб на културниот музички живот, заедно со уште Охридско лето.

Џезот кај нас бил застапен и пред тоа, во Македонската радио и телевизија се снимало, неминовно да се каже дека Драган Ѓаконовски Шпато си го направил својот пионерски удел како автор, постоеше и радио емисија за џез, но доколку го немаше и овој пионерски чекор на Белопета и овој фестивал сето тоа ќе беше замрзнато во архиви и долапи и таа музика никогаш немаш до тој степен да стане популарна кај нас. Толку популарна за да денес веќе имаме врвни џез музичари, да имаме поширок интерес кај публика, младите да се посветуваат на таа музика, да имаме дури 11 џез манифестации, и она незаобиколното- да дојдат кај нас најпознати светски имиња, меѓу кои Реј Чарлс, Чик Кореа, Би Би Кинг, Пако де Лусија, Тито Пуенте, Орнет Колмен, Пет Метини, Вејн Шортер, Стенли Кларк, Херби Хенкок, Џо Завинул, Џон Меклафлин, Ал Ди Меола…

Белопета е основоположник на таа платформа која овозможи да се сублимираат на едно место сите овие придобивки од џезот, сите овие работи кои ги споменав. Да се создаде таа цела симбиоза.

Замислете, за момент (ако можете да замислите, јас не би можела), да не постоеше Скопскиот џез фестивал сите овие 40 години, или ако можете со гума од глава да го избришете неговото постоење, од колективната меморија. Да бевме без него. Како би изгледало? Колку ова штуро ви делува само како претпоставка, да не одиме понатаму. Наежува од морбидно, кога би го немало. Зар може современа земја да се замисли без таков настан? А колку е само убаво малечка земја што по една ваква концертна култура станала рамноправна и со најголемите.

Не сакам да образложувам односно демантирам, кога ќе речат кај нас нема публика за џез, тоа е стереотип, а главен демант е што билетите за оваа манифестација иако се најскапи од сите други, се трошат во неколку дена и секогаш се бара билет повеќе.

Тоа што некои велат дека треба да го разбираш џезот, уште повеќе ќе ги демантирам. Во која смисла треба да го разбираш? Да го свириш? Па тоа знаат џезерите. Ти треба само да го слушаш и да го уживаш.

Скопскиот џез фестивал, со другите свои манифестации, како Оффест и низа промоции и издаваштвото на албуми на македонски музичари, даде уште една придобивка, сиве овие години ги собира на едно место и културните љубители од разни жанрови, така што таму, пред влез и на паузите, тие воспоставуваат комуникација меѓу себе, која не би имале каде на друго место да ја воспостават.

Оливер Белопета е уште една личност која сметам дека треба што поскоро да добие општествено признание и голема државна награда за култура, без да аргументирам во детали, добро еве накратко, затоа што ја испиша Македонија на светската мапа, затоа што најславните џезери на светот ги запозна со земјава, и ги нагости. И го создаде и издигна извиканиот “Скопски џез фестивал” кој секогаш расте, додека многу манифестации спласнуваат, остануваат без публика и квалитет и самите исчезнуваат.

На таа линија, како дополнителен аргумент ќе го кажам и овој, што мноштвото од тие светски уметници освен што на сцена јавно признале дека се почестени што свират и дека сакаат пак да добијат шанса, и јас имав лично тоа да го слушнам при средба во фоајето на МОБ, со славниот Вадада Лео Смит, еден од најкреативните современи џез-музичари од областа на авангардниот џез, соло трубач, мултиинструменталист, американски композитор и финалист за Пулицеровата награда за музика во 2012 година, сам да ми рече – “Многу ми се допаѓа фестивалот, и ако ме поканат би дошол пак уште следната година”.

Се одложи се, но верувам ќе му се оствари желбата на Вадада. Желбата, која од своја страна, и најдобро ја опишува и содржината на оваа моја колумна.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.