Еднаш дневно: ПР ЛЕКЦИЈА ЗА МУЗИЧАРИ

0
106

Не ми земајте за чин на надменост што мора вака, малку навидум “грубо”, да го насловам овој текст, се обидувам да направам да биде кликнат. И прочитан, воедно и сфатен, јасно и прецизно.

Недоволното познавање на ПР процедурата (паблик рилејшн, односно односи со јавност) од страна на музичари, често прави голема забуна и неретко е причина и за долготрајни недоразбирања, и пречки во кариерата. Затоа, голем дел од нив честопати импулсивно, неадекватно па и нервозно ќе изреагираат дека новинарите ги одбегнувале и не пишувале за нив. И дека морале новинарите сами по себе да знаат што прават музичарите, врапчето да им дошепнува или можеби да гледаат во магична топка.

Таквите реакции не (секогаш) се оправдани.

За појаснување- новинарот, во самиот назив на својата професија е некој кој се “бави” со новости. Некој кој открива и дознава новости. На два начини – официјално и неофицијално. И во двата случаи мора да има извесен доказ и потврда дека таа новост е точна. Официјално кога ја добива од соодветен извор, неофицијално е од на слушнато, со потврдување од најмалку три извори.

Официјалната процедура за да нешто се најде во медиум е соопштение или информација, пратено по официјален пат до медиумот, од страна на музичарот (кога станува збор за објава поврзана со нова песна, спот, албум, промоција, турнеја, фестивал, или која друга активност).

Уредништвото на медиумот во зависност од интересот, важноста на настанот, или политиката /концептот на медиумот, определува новинар (или плус и фотограф/снимател ), за да во живо го проследи настанот и да направи текст или прилог за тоа.

Во зависност од материјалот кој го прибавил од терен и изработката на новинарската сторија, уредништвото повторно одлучува колкав простор ќе и отстапи на таа новинарката изработка и каков акцент ќе стави на тоа случување. (Оттука настануваат и проблеми на релација новинар – уредник, најчесто новинарот има една слика од терен, уредникот тоа не го смета за важно или погрешно го смета за преважно, и мора да се убедуваат околу тоа).

Новинарот /медиумот не може да присуствува и известува регуларно од и за настан, доколку не е поканет официјално, и соодветни акредитиран, освен ако не е општонароден собир на кој може секој кој сака да дојде.

Доколку си присуствува приватно, тогаш и нема обврска да напише за тоа, а и да напише (во случајов како слободен граѓанин) медиумот нема обврска да му објави.

Велат новинарот 24 часа на ден е новинар (во смисла на дознавање на нови работи), но не е 24 часа на службена должност. Осум е, како сите други професии.

Значи да апсолвираме- прв чекор кон воспоставување на релација со медиум е да се покани медиумот да присуствува со директна покана.

Доколку станува збор за независен или фриленс новинар, во тој случај пак мора да биде лично тој самиот поканет. Директно ба маил, во инбокс, преку смс, преку телефонски повик или при средба во живо.

Тогаш самиот тој, а не уредници, одлучува дали ќе дојде ако има интерес, ако таа тема му е блиска, или ако има време.

Приватно блиска релација или информација за одржување на некој настан, не значи дека е доволно за да тој биде присутен таму. За да биде-мора да е повикан.

Откако ќе биде поканет медиум или новинар тој ќе направи текст, официјална објава. И слободно може да ја објави информацијата која официјално ја добил.

Големите медиумски куќи пак, недостатокот со новинари и неможност постојано да се биде насекаде, во исто време, го решиле на начин на кој тие се претплатени за земање на вести од новински агенции, за да тие текстови бидат законски да бидат објавени.

Фриленсерите новинари не се претплатени на такви агенции. Тие за да пишуваат за некој настан мора да добијат официјална информација /покана од организаторот на настанот, и лично да присуствуваат.

Да копираат или земаат текст од други колеги е законски забрането. Ако сте забележале под секој оригинален, авторски или со дозвола преземен текст, стои забрана за негово преземање. И тоа е казливо со закон. И неетички.

Таков е процесот.

Но, ако ова сега е појасно, за новинарот и за многу новинари е нејасно зошто одредени музичари не покануваат новинари на официјално и уредно, а во потоа се жалат дека не им отишле. Или ќе речат – “ти знаеше, имав објавено на фејсбук” .

Тоа новинарот не го обврзува на службена задача. Не станува збор дали новинарот ја видел или не јавната објава, просто на таков начин не функционира ни една Мадона ни едни “Ролинг Стонси”, кај кои дневно има милионски посети на фб профили (патем и на нивните концерти во Будва и Белград ние новинарите бевме официјално известени, информирани, поканети, акредитирани и ткн), станува збор за тоа дека некои музичари и како намерно да прават така за да прават проблем и се караат со медиуми, и можеби затоа што не сакаат да им дојдат новинари официјално и да видат дека малку публика им дошла, и дека нема толку многу интерес за нивната музика колку што пред тоа владеело мислење.

Или, едноставно не сакале да го поканат тој и тој медиум /новинар, што исто така е нивно лично право и став.

Во секој случај, добро е да се знаат сите овие работи, на купче за да се имаат во предвид во комуникација со медиуми, како што е редот.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.