Еднаш неделно: ИНСПЕКТОРИ

0
152
Морам да признам, се ова што го читам и слушам во последно време, се обидувам да го воспримам преку една неприродно и од моја страна вештачко внатрешно доживување,  да сум замрзната и само да го слушам без да допира до мене. Да би било поинаку, јас не знам како емотивно би се справила со визуелизација на слика на мојот ментален екран, во кој силен маж напатстува младо кревко тело, и колку е тоа напор и телесна ангажираност, а безмилосниот напаѓач не сфаќа дека тоа младо тело колку лесно може да “прецвика”? Помислил ли што би се случило ако психичкиот стрес кулминира и во комбинација со телесно откажување, жртвата да пукне на самото место?
Уште повеќе се тресам од помислата дека сите ние како деца многу повеќе сме имале доверба во сите други отколку во сопствените родители, па сме растеле и сме поминувале време кај соседи, кај блиски и подалечни роднини и пријатели, делеле интимни муабети и што би се случило доколку некој од нив бил ваков монструм?
Уште пострашно од тоа е, нешто што одбивам и да визуелизирам, е ваква претпоставка врзана за генерациите кои доаѓаат.
Тука, како заедница, мораме да се ангажираме и да ги кренеме сите можни брани и бедеми.
Ова што се откри е гребење на површината, до дното има многу многу. Луѓето што откриваат се сепак едуцирани и вешти луѓе, но колку има вакви случаи по рурални и зависни средини?
Каде, ако селаните видат дека некој напастува младо дете се што ќе направат во одбрана е да го забркаат со мотиката , или да го испцујат или да му побараат пари да молчат, во налет на селската сиромаштија.
Мислите не е така? Немаат сите подеднаков пристап до правото и безбедносните служби а и не знаат како да допрат до нив. Некои се плашат од самиот поим полиција,  некои  од незнаењето кои се нивните права, некои од страв и нив да ме ги приведат.
Во низата долги  размислувања она што посебно ме мачи се инспекторите. Каде биле толку долго и ако знаеле зошто криеле или прикривале?
Не верувам дека никогаш ништо не чуле, не дознале, не забележале, некаде во својата средина каде набљудуваат. А ниеден злосторник не би се осилил ако нема некаква заштита или “човек кој би му помогнал за забошотување на случајот”. Затоа што овие луѓе не се во околината познати и видливи како  умоболни, ова се (навидум) здрави луѓе. Професори, инструктори, познавачи. Предатори. “Здрави” предатори кои си зеле за право да ги реализираат своите болни фантазии. Предатори. Од заседа. Кои смислувале перфидна стратегија како до жртвата. А никој на пат не им застанал.
Доколку инспектори и службени лица прикривале доказ, дојави или сомневања, на пример, би требало да одговараат пред лицето на правдата на ранг како силувачите. А за силувачите канџите треба да се најтешки.
За да се дојде до нивно истребување, исчезнување. Спречување
Затоа, младите лица кои имале или се соочуваат со ваква опасност, најдобро е да се кажат веднаш, на родителите, најблиските, на безбедносните служби, па и на медиумите, она што ние го иницираме и со акцијата #КажиСега.
ПАРГО