петок, декември 20, 2024
домаЖивотЗдравјеФилипче: Насекаде има ескалација на вирусот, наесен не очекува посилен бран

Филипче: Насекаде има ескалација на вирусот, наесен не очекува посилен бран

Во последниов период регистрирани се 303 помалку нови случаи со Ковид-19, со помалку 8 смртни случаи, 216 повеќе оздравени пациенти, соопшти денеска на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека сепак Скопје и Тетово остануваат најголемите жаришта.

-Светската здравствена организација извести дека 60% од случаите од 10 милиони пациенти ширум светот се практично регистрирани во месец јуни. Ова повторува дека насекаде има нов бран, кај нас дојде нешто порано и мислам дека многу рано го детектиравме. Сега се јавува во сите земји од нашето опкружување и тој е директна последица на попуштањето на рестриктивните мерки и на непочитувањето на мерките за лична заштита – рече Филипче.

Како што посочи, изминатата недела имало вкупно околу 860 случаи, што е значајно помалку од 1000 случаи во просек претходните 3 недели, а минатата недела инциденцата е пониска. Најголем број од случаите на возраст над 60 години, а 44 од нив се лица со претходни хронични заболувања. Во однос на дистрибуцијата по градови, најголем број од регистрираните случаи се во Скопје – 46%, Тетово – 13%. Овие градови и натаму остануваат најголемите жаришта во нашата земја.

Стратегијата на широко интензивно тестирање и контакти на позитивните по индикација, дава резултати, во просек имаме околу 8000 тестови неделно, рече Филипче, додавајќи дека овој пристап овозможува да имаме широк увид во состојбата и ширењето на вирусот и помага да се стабилизира ситуацијата во двете жаришта.

-Како резултат на ова имаме рана детекција на симптоматски случаи и нивно изолирање на што работат сите центри за јавно здравје. Во следниот период продолжуваме со истата стратегија, апелирам до граѓаните да соработуваат со здравствените работници, да даваат точни податоци за епидемиолошките анкети, заради тоа што тоа е еден многу битен сегмент за раната детекција на нови случаи – истакна Филипче.

Тој додаде дека целосно е завршена инсталацијата за кислород во монтажната болница, и таа е спремна да прими пациенти. Нема потреба да се носат боци со кислород, а завршена е постапката за ист таков тип модуларна амбуланта и евентуално сместувачки капацитет до Клиниката за пулмологија – за следниот период за да се направи уште еден центар за грижа на пациенти, блиску до Клиника кај што има експертиза во однос на белодробни заболувања.

Филипче истакна дека останува претпоставката оти наесен вирусот побрзо и посилно ќе се шири, луѓето нема да може да бидат надвор, ќе бидат повеќе во затворени простории и во таа смисла се работи на подготовка на капацитетите за тој период. На средба со повеќе директори од повеќе болници во Штип, Охрид и Битола се разгледувале евентуално дополнителни капацитети кои може да се користат како болнички, на пример, студентски домови, со план за ротација на медицински персонал.

Во однос на изборниот процес, според евиденција на ДСЗИ, нешто помалку од 5.000 луѓе се во изолација и на домашно лекување, тие треба да се пријават на сајтот на ДИК ако сакаат да гласаат. По тројца здравствени работници во општини ќе бидат определени од ДИК заедно со изборната комисија за ова гласање да биде спроведено, појасни Филипче.

Тој додаде дека од ДИК известиле оти планираат симулација на процесот на денот на гласање како тоа би изгледало со сите заштитни средства според протоколот и претставници на Комисијата за заразни болести ќе бидат присутни.

-Светот е далеку од крај на пандемијата, вирусот е тука, имаше повеќе земји кои прогласија крај на епидемијата во своите земји и очигледно погрешија со попуштање на рестриктивните мерките, повторно се враќаат случаи насекаде – истакна Филипче, уште еднаш упатувајќи апел за почитување на мерките на заштита, маска, дистанца, редовна хигиена, дезинфекција на рацете, како единствен начин да се заштитиме од вирусот Ковид-19.  А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ