Жена од Куманово на 57 години е првата жртва на коронавирусот во земјава, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здраавство Венко Филипче.
– Кога била хоспитализирана во Куманово жената имала симптоми на коронавирус, лекарите зеле брисеви, биле направени два теста, и двата биле негативни. Бидејќи имала симптоми на коронавирус, лекарите продолжиле да ја третираат како пациент заразен со коронавирус. Жената починала откако состојбата нагло ѝ се влошила. Преземено е се од страна на лекарите, но за жал не успеале да ја спасат. Бидејќи имало нагло влошување на нејзината состојбата што е типично за случаите со коронавирусот, лекарите решиле синоќа по смртта да земат уште еден брис и овој тест се покажал позитивен – инфмираше Филипче додавајќи дека е хоспитализиран и нејзиниот 33-годишен син кој по вчерашното влошување на состојбата е префрлен на клиниката за инфективни болести и е во стабилна состојба.
Филипче ги потврди и претходно објавените податоци од министерството за здравство дека во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата со што бројката на заболени се искачи до 114 од кои најмногу се во Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1), Куманово (1).
-На Инфективна Клиника во моментов се хоспитализирани 24 пациенти, 11 се веќе во стабилна – добра здравствена состојба, 7 се со маски за кислород. Утре, по истекот на 14 дена од поставување дијагноза, кај шест пациенти ќе се зема контролен брис. Од нив пет се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување нема промена на состојбата и таа се уште е на респираторна машина. Пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите – соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче најави прес конференција и за 19 часот за да се одговори на сите прашања кои пристигнуваат во текот на денот, бидејќи на дел од 150 прашања од вчера се одговараше и на денешната редовна прес-конференција. А.Р.