четврток, декември 26, 2024
домаНасловнаФранција и Шпанија почнуваат да излегуваат од изолација

Франција и Шпанија почнуваат да излегуваат од изолација

Десетици илјади луѓе во Франција и Шпанија денес повторно започнаа да се ослободуваат од излоација, иако постои страв од втор бран на инфекција во време кога се бележи нов скок во случаи во Јужна Кореја и Вухан, Кина.

Владите на Франција и Шпанија се обидуваат да спроведат бавно враќање на активностите по два месеци скоро целосен застој, со задолжително носење маски во јавниот превоз, социјално дистанцирање и повици да продолжат да работат од дома секогаш кога е можно, пренесува „Франс прес“.

Французите започнаа да ги напуштаат своите домови денес, без печатени дозволи, за прв пат во два месеци, бидејќи земјата претпазливо започна да ги укинува рестриктивните мерки заради вирусот. Сепак, тоа изгледа доста хаотично и утрово имаше сличен број на луѓе во париското метро како пред времето на изолацијата, пренесува АП.

Продавниците за облека, фризерите и агенциите за недвижнини се меѓу деловните капацитети што се отвораат денес со строги упатства за придржување кон мерките за хигиена.

Надеж и среќа дека нешто што е барем слично на социјалниот живот од претходно се враќа повторно, се видливи во тие две земји меѓу најпогодените од пандемијата на вирусот корона, која однесе повеќе од 280.000 животи во светот, откако се појави на крајот на 2019 година во Кина.

Насекаде се предупредува на внимание, а Светската здравствена организација се плаши од втор бран на пандемијата што го стави повеќе од половина од човештвото во изолација и ја втурна светската економија во рекордна рецесија.

Во Франција, строгите мерки за изолација, воведени на 17 март, се чини дека даваат резултати, при што вчерашниот број на жртви падна на 70, што е најниска бројка од 17 март. Сепак, со повеќе од 26.000 смртни случаи, меѓу највисокиот број во светот, француските лидери повикуваат на претпазливост.

Во Шпанија, за да се ограничат ризиците од ширење на вирусот, денес е отворен само еден дел од земјата. Неколку големи градови како што се Мадрид и Барселона сеуште се под строги ограничувања во земјата која исто така е една од најтешко погодените со повеќе од 26.000 смртни случаи.

Вкупно 11 од 17-те шпански региони, како и автономните градови Сеута и Мелила на северноафриканскиот брег, се официјално во таканаречената прва фаза на ублажување на мерките, кога земјата ќе започне да ги укинува ограничувањата наметнати во средината на март за да се спречи ширењето на новиот корона вирус.

Ова вклучува околу половина од 47 милиони Шпанци кои можат да започнат со ограничено дружење денес, да одат во помали продавници и ресторани и барови кои имаат седење на отворено.

Во делот на земјата што се отвора, дозволено е да се сретнат до 10 лица, да одат во цркви и џамии доколку присуството е ограничено на една третина од капацитетот, и да се одржат погреби со најмногу 15 лица. На помалите продавници им е дозволено да се отворат, а рестораните и кафулињата можат да служат гости на половина маси во нивните градини.

Официјалните лица се под притисок да ја активираат економијата која оди кон рецесија и огромна невработеност.

Низ цела Европа, земјите ги олеснуваат мерките за изолација, додека се надеваат дека нема да доведат до втор бран на инфекција, пренесува „Би-Би-Си“.

Покрај Франција и Шпанија, повеќето продавници и компании ќе се отворат денес во Белгија, но ресторани, барови и кафулиња ќе останат затворени. Во Холандија, основните училишта ќе бидат делумно повторно отворени, и ќе започнат со работа фризерски салони, автошколи и физиотерапевти. Во Швајцарија ќе се отворат нижи и виши одделенија од основно училиште, но ќе се намали бројот на присутни на часови, а ќе се отворат ресторани, книжарници и музеи со одредени ограничувања.

Во Данска, мерките продолжуваат да се олеснуваат и да се отвораат трговски центри, а во Полска може да се отворат хотели, иако странските туристи сепак треба да бидат во карантин две недели. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ