недела, ноември 17, 2024
домаНасловнаГенетска анализа откри кога коронавирусот почнал да се шири низ светот

Генетска анализа откри кога коронавирусот почнал да се шири низ светот

Нова генетска анализа на коронавирусот САРС-КоВ-2 покажа дека вирусот е присутен кај луѓето од крајот на минатата година и веројатно  се раширил многу брзо по првата инфекција, пренесува „Си-Ен-Ен“.

Британски научници дошле до ова сознание откако ги анализирале примероците од вируси земени од 7.600 пациенти ширум светот. Испитувањето на мутацијата во генетскиот код на вирусот откри дека вирусот се ширел брзо, меѓутоа, научниците не пронајдоа докази дека шансите за предизвикување на болеста постепено се зголемувале.

„Вирусот се менува, но тоа само по себе не значи дека работите се влошуваат“, рече генетичарот Франсоа Белукс од Институтот за генетика на Универзитет во Лондон. Белукс и неговите колеги зеле генетски секвенци на вирусот од голема глобална база на податоци што ја користат научници од целиот свет за споделување на податоци.

Тие подетално ги проучувале примероците земени од различни датуми на различни места и потоа рекле дека сè укажува на тоа дека човекот се заразил со вирусот кон крајот на минатата година.

„Ова исклучува какво било сценарио засновано на претпоставката дека САРС-КоВ-2 можеби бил во оптек многу порано отколку што беше идентификувано и дека поголем број луѓе веќе биле заразени“, се вели во извештајот напишан од Белукс и неговите колеги, објавен во списанието „Зараза, генетика и еволуција“.

„Си-Ен-Ен“ пишува дека ова е лоша вест затоа што некои лекари се надевале дека вирусот бил во оптек со месеци и тивко заразил многу повеќе луѓе отколку што е евидентирано. Ваквиот развој на настани би значел дека некои веќе стекнале одреден имунитет.

„Сите се надеваа на тоа. Исто и јас се надевав и на тоа “, рече Белукс, додавајќи дека, според него, десет проценти од светската популација е изложена на вирус.

Повеќе студии покажаа дека новиот коронавирус потекна од лилјаци, но дека потоа заразил друго животно пред да биде пренесен на луѓето. Првите случаи на инфекција се пријавени во декември минатата година во кинескиот град Вухан.

Вирусите постојано грешат при размножување и овие мутации, „молекуларен часовник“ на вирусот, можат да се користат за следење на вирусот низ просторот и времето. „Нашите резултати се во согласност со претходните проценки и укажуваат на тоа дека сите тестирани генетски секвенци ги имаат истите предци од крајот на 2019 година, што се совпаѓа со периодот кога САРС-КоВ-2 премина на луѓето“, се наведува во статијата.

„Тоа се случи неодамна“, рече Белукс. „Силно веруваме дека преминот на човек се случил кон крајот на минатата година“.

Научниците велат дека ова е поради тоа што повеќе слични мутации можат да се забележат кај примероци од вируси од целиот свет. „Вирусот повеќе пати влегувал скоро во сите земји“, објасни Белукс.

Научниците исто така пронајдоа докази за да го поддржат сомневањето дека вирусот се ширел со недели или дури со месеци во Европа, САД и на други места пред да бидат потврдени првите случаи на инфекција на тие места. „Ќе биде невозможно да се најде т.н. ‘нулти пациент’. Сите овие идеи за пронаоѓање на „нултиот пациент“ немаат смисла затоа што има многу такви“, додава Белукс.

Тој додава дека други експерти, кои ги објавуваа своите наоди преку Интернет пред да ги објават во списанија, можеби дошле до погрешни заклучоци.

„Сите вируси мутираат. Мутациите сами по себе не се лоша работа и нема докази што сугерираат дека САРС-КоВ-2 мутира побрзо или побавно од очекуваното. Во овој момент, не можеме да кажеме дали вирусот станува повеќе или помалку заразен “, додаде Белукс. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ