Грчките власти го потврдија првиот смртен случај од „COVID-19“ во земјата рано во четвртокот. Пациентот е 66 годишен маж, бил заразен со вирусот пред неколку дена и бил хоспитализиран од 2 март во болницата Рио во близина на градот Патрас. Тој се вратил од верско поклонение во Израел и Египет на крајот на февруари. Тој беше меѓу групата од 53 лица, од кои некои исто така беа тестирани позитивно на вирусот. Починатиот имал основни здравствени проблеми, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Во средата попладне грчката влада одлучи да се затворат сите училишта и колеџи во земјата во текот на следните две недели. Во моментов, потврдени се 89 заразени случаи низ цела Грција. Нешто над 50 од нив биле или на аџилак патување на планината Синај и Ерусалим и биле заразени за време на патувањето или оствариле директен контакт со веќе заразени лица, пишуваат грчките медиуми.
Неколку случаи се во сериозна состојба поради возраста и сериозноста на инфекцијата.
Она што предизвикува загриженост е фактот што вчера беше потврдено дека имало 4 нови заболувања за кои не се знаело каде можат да го добијат вирусот. Поточно, тие ниту патувале каде било, ниту оствариле контакт со некој веќе болен.
Еден од пациентите е јавна личност – сопственик на Олимпијакос Маринакис, како што самиот го потврди.
Во минатата недела, откажани се многу конгреси, концерти, јавни состаноци и други настани што може да ја загрозат општата здравствена состојба на присутните. Постојат голем број училишта кои веќе се затворени, најмногу заради превентивни причини.
Н.С.