Истанбул: Историја пишувана низ векови

0
569

istanbul_1 Истанбул не е само град, туку многу повеќе од тоа! Истанбул е историја! Истовремено и најдобар пример за разликата меѓу сјајот и бедата сместени на едно место. На една цивилизација.
Да се појде до Истанбул, денес и не е некоја доблест. Автобуси има катадневно, дури и по неколкупати на ден, редовен авиосообраќај, а со автомобил се стасува за помалку од 12 часа. Се разбира, доколку не наидете на нељубезни царинарници, кои може да се случи за ништо да ве малтретираат повеќе часови. Но, нејсе…
Мојата прва посета на некогашната Отоманска империја, беше пред точно дванаесет години. За Турција и за Истанбул бев слушала од многуте познаници кои одеа на шопинг тури со цел да донесат кожа и фармерки. А, кои Истанбул го доживуваа како замена за Трст. Јас ја немав таа (не)среќа да појдам во Истанбул на шопинг, туку појдов со официјална македонска делегација во посета кај тогашната премиерка на Турција – Тансу Чилер. Впечатоците и не беа кој знае какви, особено што имав можност да го видам само сјајот на Истанбул, да шетам по скапите шопинг центри и да ноќевам и јадам по луксузните турски хотели. Но, си ветив дека повторно ќе се вратам тука и дека ќе прошетам низ историјата на Истанбул…
Така и се случи…
Оттогаш наваму, Истанбул стана една од моите омилени дестинации. И, секогаш со ново чувство и со нов “план” за “освојување” на градот се упатувам кон Истанбул. И, не се каам за стореното, испланираното и виденото! Од едноставна причина што Истанбул секогаш е нов и секогаш нуди нешто ново! Нешто што никогаш повеќе нема да се повтори, барем не со истиот интензитет и во истиот амбиент. А, барем амбиенти има колку ви душа сака, бидејќи Истанбул најмногу од се е амбиентален град.
Првата слика за Истанбул, што секој од нас ја има за градот на Босфор  е Капали чаршијата и Аксарај. Онаму каде што сите одат на шопинг и од каде што со црни вреќи полни шверцувана облека се враќаат дома. Но, Истанбул е најмалку тоа!
Иако во Капали чаршијата можете да најдете се што ќе посакате, пазарот е дотолку искомерцијализиран, што просто е неверојатно колку е се скапо. Се разбира, доколку некој од многуте продавачи не влече корени од кај нас, па не ви ја намали цената. Сето останато е многу скапо, и недостапно за нашите џебови. На Аксарај, каде што една од главните “дејности” е ценкарењето има и поефтина стока, но што ќе ви е тоа, кога Истанбул е создаден во него да уживате. Шопингот, треба да се остави за на крај, бидејќи ќе се истрошите за џабе, и финансиски, а пред се, психички.
Туристичката разгледница, барем за мене, секогаш започнува од Босфор. И, секогаш кога одам во Истанбул, прво застанувам на Босфор, се ориентирам и го барам хотелот каде што веќе неколку години преспивам за време на моите куси престои во градот. На Босфор, потоа доаѓам уште неколкупати во текот на престојот, а крстарењето по него, со мезењето свежи школки што ги нудат многубројните рибари, е составен дел од мојата туристичка разгледница низ Истанбул.
Неизоставна е и прошетката низ музејот Топкапи каде што по којзнае кој пат се враќам наназад во историјата. И, секогаш, како по некое правило учам по нешто ново. И, се гордеам на тоа!
istanbul_2Истанбул, исто така, не е Истанбул доколку не се посети Аја Софија и Сината џамија. И, доколку барем некои десетина минути не седнете на блискиот хелиодром и не поуживате во убавините што ги нуди градот. А, доколку сте и малку комуникативен, тогаш сигурно ќе си најдете и нови пријатели, бидејќи многумината продавачи на се и сешто, едвај чекаат да начекаат некој туриста кого ќе го понудат со турски чај и лаф муабет. Одбивањето е навреда за домаќинот, затоа, внимавајте како постапувате.
И додека денски се организира денот по некој редослед, за ноќта нема правила. А, нема ни граници!
За мене, барем, е неможно да се појде во Истанбул, а притоа да не се посети некоја чајџилница. Јас секогаш практикувам посета на една иста чајџилница, каде што има и наргиле и, се разбира, добро друштво. Оттаму, ако не појдам на некое “турско шоу”, тогаш не пропуштам да појдам во кафеаната “Кај доковите”. Вистинска турска кафеана, во која се пие и се јаде “по турски”, а богами и се седи така. На миндерлаци! Од мените неизоставно е турското гомлезе кое готвачите, облечени во традиционална турска носија, го месат и го потпечуваат пред вас. А, кафеаната, која има долга традиција од над 80 години, станува и заштитен знак на многу туристички агенции.
Во туристичката разгледница на Истанбул, секако дека не би требало да се заобиколи посетата на истанбулскиот Универзитет кој е еден од постарите во регионот, како ни истанбулската национална библиотека за која што доаѓаат организирани групи од цел свет.
Доколку, пак, сакате покрај туристичкиот дел и да си купите нешто, тогаш во Истанбул можете да најдете луксузни или тренд продавници кои  во целост го заменуваат Милано и во кои за добра цена ќе си ја обновите гардеробата. За потписникот на овие редови, најубавата пешачка, шопинг зона има на улицата “Иштикларе”, каде патем се наоѓаат и многуте мали ресторанчиња кои нудат традиционална турска храна. Доколку пак не сакате да седнете, поради недостаток на време, тогаш немојте да заборавите да си купите печен компир полнет со салата. Или, неизбежниот донер кебаб.
Исто така, за оние со подлабок џеб препорачливо е да поминат низ познатата улица “Осман Бег” каде што за малку повисока цена, но со многу подобар квалитет, може да се најдат оригинали со потписот на Нина Ричи, Ла Коста, Ив Сент Лорен…Доколку, пак, сте љубители на шопинг центри, тогаш правата дестинација е шопинг центарот “Галерија” каде што ќе најдете се, а доколку посакате да се клизате, тогаш “Галерија” ви го нуди и тоа на клизалиштето во нејзиниот подрум, каде што има можност да се изнајмат и клизалки.
Истанбул не е само тоа, туку многу повеќе од тоа! Истанбул е историја! Истовремено и најдобар пример за разликата меѓу сјајот и бедата на еден град. На една цивилизација.