вторник, декември 24, 2024
домаКонцерт на Филхармонија со Табаков и перкусионистката Татиана Колева од Бугарија

Концерт на Филхармонија со Табаков и перкусионистката Татиана Колева од Бугарија

Во четврток, на 1 февруари со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонска филхармонија ќе го одржи концертот „Чистина“ на кој како солистка ќе настапи перкусионистката Татиана Колева (Холандија/Бугарија), а диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија. На програмата се Концерт за маримба, вибрафон и тапан од Емил Табаков кој ќе биде изведен премиерно и Симфонијата бр.2 во Де-дур од Лудвиг ван Бетовен.

Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните и најплодните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма, за симфониски оркестар и за други формации. Автор e на девет симфонии, концерти за оркестар, концерти за различни инструменти, „Реквием“, камерни и соло композиции. Повеќето се нарачани од меѓународни фестивали и музичари. Неговите дела се издадени од Naxos, Gega, Balkanton, и често се изведуваат во Бугарија, Германија, Португалија, САД, Јапонија, Финска, Франција, Австрија, Турција и др. Во својата музика Емил Табаков настојува да се фокусира на развојот на динамиката и на структурниот материјал. Критиката го дефинира како композитор кој создава „музика што се движи“. Неговите дела ретко се движат во просторот на индивидуалното созерцание и спокој, тие речиси секогаш се фокусирани напред во времето. Табаков создава дела во кои ја презентира својата впечатлива композиторска техника, со која го развива тематскиот материјал, претворајќи го во музика на тези и антитези, на кулминации и падови. Музиката на Табаков е полна со контраст, но воедно, тој создава дела што можат да ѝ се покорат на тишината, со прекрасно отсликани звучни пејзажи. Табаков ги сака метаморфозите, посебно во оркестарскиот звук. Во секое оркестарско дело, тој виртуозно го третира звукот во оркестарот. Концертот за маримба, вибрафон и тапан е напишан во 2015 година, а премиерно е изведен две години подоцна, со Камерниот оркестар на Габрово. Премиерната изведба била со перкусионистот Мирослав Димов, а делото се извело под диригентската палка на маестро Табаков. Изведувано е и во Варна и во Софија со оркестарот на конзерваториумот и со ансамблот „Софиски солисти“. Солист на овие изведби на концертот бил Мирослав Димов. На македонската премиера на ова дело за првпат, овој концерт ќе го свири холандската перкусионистка со бугарско потекло – Татиана Колева. Концертот има класична триделна форма (брз, бавен, брз став) во кои Табаков му дава простор на солистот да ги покаже своите изведувачки перформанси. Во трите става доминира секој од инструментите кои имаат солистичка делница. Има класична триделна форма на брз, бавен и брз став. Во првиот став главен раскажувач на музичката приказна е маримбата, вториот бавен став му е отстапен на вибрафонот, а во третиот финален став, главен збор има тапанот. Рустичниот звук на тапанот, одвреме-навреме во финалниот став го „скротува“ мекиот звук на вибрафонот. Концертот бара виртуозни перформанси од солистот, тој буквално ги тестира изведувачките граници на солистичките инструменти. Ова дело на Табаков е инспирирано од бугарскиот фолклор, од традиционалните мелодии и ритми. Во него има одлични музички идеи кои композиторот маестрално ги развива преку впечатлив колорит и структура.

Симфонијата број 2 во Де-дур, опус 36, Лудвиг ван Бетовен ја напишал во време на голема лична криза, кога се соочувал се сериозни проблеми со ушите и кога во голема мера почнал да го губи својот слух. Во тој период престојувал во Хеилигенштад, село во близина на Виена, и во писмо до своите браќа Карл и Јохан напишал: „Како да се соочам со губење на сетилото, кое, за разлика од останатите, кај мене мора да биде перфектно? Сетило кое го поседував со полн капацитет! Колку понижувачки е кога некој што седи до мене може да ја чуе флејтата во далечина, а јас не можам да слушнам ништо“.
Иако се соочувал со тешка лична криза, Симфонијата број 2 не ја рефлектира фрустрацијата која се чувствува во писмото што го напишал до своите браќа.
Напротив, напишана е во сончевиот Де-дур, полна е со живот, елан и енергија. Одвреме-навреме оваа позитивна атмосфера е нарушена од брутални сфорцанда и драматични промени во динамиката. Емотивниот период низ кој поминувал се провлекува само како сенка низ ова маестрално оркестарско дело – како облак кој набргу го разбива ветрот, и сонцето повторно излегува со својот полн сјај. Симфонијата е полна со енергија, комичност, со интензитет кој во ниту еден став не попушта.

Татиана Колева, која критиката ја препознава како виртуоз и иновативна уметница перкусионистка, досега премиерно извела повеќе од сто дела напишани специјално за неа како солист и за нејзините проекти со поголеми ансамбли. Родена е во Бугарија, а моментално живее во Холандија, каде што ја комбинира својата интензивна концертна агенда со едукативните активности, меѓу кои и работата како професор на Конзерваториумот во Гронинген. Таа е основач и уметнички директор на формацијата „Youth Percussion Pool“ – едукативна и изведувачка платформа за млади професионалци и на биеналниот фестивал „Амстердам маримба викенд“. Татиана Колева настапувала како солистка на најзначајните музички сцени во Европа, САД, Канада, Јапонија, Бразил, Јордан, Мексико, каде настапувала со водечки оркестри и диригенти. Редовно настапува и во проекти на камерни ансамбли и театарски групи – меѓу кои и со органистот Јан Хаге, флејтистката Елeоноре Пејмајер, како и со џез-саксофонистот Руџер ван Отерло. Покрај нејзините активности како класичен музичар, таа често е дел и од т.н. „кросовер проекти“, во кои импровизира со различни жанрови: џез, рок, филмска и театарска музика. Член е и на познатиот холандски бенд „Рубатонг“. Снимала за нејзината издавачка куќа „НоваЛиниа рекордс“, за „Дека“, „Атака“, „Верго“… Добитничка е на повеќе интернационални награди. Во 2010 година ја добива престижната награда „Музичар на годината“ што ја доделува Бугарското национално радио, а за нејзиниот проект/платформа/ансамбл „Youth Percussion Pool“ ја доби наградата „Ансамбл на годината“. Добитничка е и на „Златен медал“ – специјална награда на натпреварот „Менхетен мјузик“, во 2019 година. Во 2017 година го издава својот албум „Songs for Marimba“, а во моментот со својот „Youth Percussion Pool“ е на турнеја на која го презентираат своето ново шоу „Како да свириш на триангл“ – програма сонови композиции и специјален аранжман за перкусии на „Приказна од западната страна“ на Леонард Бернштајн.

Маестро Емил Табаков (1947), од Бугарија, се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија, студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кој остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987 е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година – музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела од класичните, романтичните и од современите композитори. Диригирал концерти и со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма, за симфониски оркестар (девет симфонии) и за други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт-дискови. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата „Личност на годината“, според меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од стоте најдобри професионалци за 2012 година.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ