Маршот на жената – помодарство или вистинска борба?

0
7

Пишува: Наташа Доковска

Секоја година, на 8 март, улиците се полнат со маршеви за женските права, транспаренти што повикуваат на еднаквост и барања кои звучат силно, но често остануваат без одек. Прашувам: дали овој чин, оваа симболична прошетка, е доволна да ги промени работите? Или пак, маршот станал само ритуал – празен, украсен со флоскули за права, но без реална моќ да го крене системот на нозе?

Во земја каде што статистиките за семејно насилство, нееднаква плата и политичка маргинализација на жените се поразителни, маршот изгледа како обид за масовна терапија – луѓето излегуваат, викаат, се фотографираат и следниот ден сè се враќа во „нормала“. Години поминаа, а родовата еднаквост во многу аспекти останува само добро срочена декларација. Кому му се обраќаме со овој марш? На владите? На институциите? На општеството? Или, всушност, само на себе си – за да не се чувствуваме виновни дека не сме направиле ништо?

Исто како што некогаш на 8 март се купуваше каранфил – симболот на борбата на текстилните работнички, а денес тој е заменет со ружа – поелегантна, поблиска до маркетингот на денешното „славење на жената“, така и маршевите се трансформираа во нешто што повеќе личи на фестивал, отколку на протест.

Но, дали сè е залудно? Не е. Маршот може да биде почеток, но само ако зад него стојат реални акции. Ако зборовите не останат на транспарентите, туку се претворат во механизми кои ќе притиснат за вистински промени.

Јас не сакам да бидам дел од марш кој е само годишен настан. Сакам да бидам дел од борба што не престанува, што ја менува секојдневната реалност, што не се плаши да се соочи со институциите и со неправдата. Затоа, наместо да прашуваме дали маршот е потребен, да прашаме што ќе направиме на 9 март, 10 март и секој нареден ден.

Маршот треба да биде само чекор, но не и крајната цел. Инаку, ќе остане само убав декор за медиумите и можност за политичарите да покажат дека „ги слушнале“ барањата, без вистински да направат нешто.