Обезбедена е конвалесцентна плазма за третман на 23 пациенти заболени од Ковид-19, соопшти Министерството за здравство, испраќајќи ја на Светскиот ден на крводарителството – 14 Јуни, пораката дека дарувањето крв е највисокиот чин на хуманост и алтруизам, со кој се спасуваат човечки животи.
Конвалесцентна плазма се нарекува крвната плазма на лицето кое било излечено од вирусната инфекција Covid-19 во која има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста. Таа се користи за лекување на заболените од COVID-19, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста.
Терапија со конвалесцентна плазма се покажала ефикасна во борба против болести предизвикани од вирусите Ebola и SARS.
Со оглед на тоа дека не постои специфична терапија, ни вакцина, неодамнешните истражувања укажуваат дека конвалесцентна плазмa може да биде корисна во лекувањето на инфекцијата предизвикана од новиот коронавирус (SARS-CoV-2).
-Оваа година, овој ден го одбележуваме во знак на дарувањето крвна плазма – кој претставува лек и надеж за потешките пациенти заболени од коронавирусот – порачуваат од министерството и се заблагодаруваат на сите херои, крводарители, дарители на тромбоцити и дарители на конвалесцентна плазма за грижата која ја покажуваат.
Од министерството за здравство апелираат сите излекувани лица од овој вирус да даруваат крвна плазма и заеднички да им помогнеме на нашите сограѓани, побрзо да го спречиме ширењето на коронавирусот.
КОЈ МОЖЕ ДА ДАРУВА КОНВАЛЕСЦЕНТНА ПЛАЗМА?
Конвалесцентна плазма може да дарува лице кое има оздравено од инфекција COVID-19, ако ги исполнува стандардните услови за дарување на крв и дополнителните критериуми:
Да имaат документиран лабораториски доказ дека биле болни од COVID-19
Да имаат два негативни теста во рок од 24 часа
Да се минимум 21 ден без симптоми, по што ќе се направи дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус.
Машки дарители или женски дарители кои не раѓале или се негативни на HLA антитела
Ќе биде земен примерок за одредување на концентрација и/или титар на неутрализичаки антитела Anti-SARS-CoV-2
ПОСТАПКА ЗА ДАРУВАЊЕ НА КОНВАЛЕСЦЕНТНА ПЛАЗМА
Постапка за дарување на плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надокнадува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми кој ги исполнува горе наведените критериуми. А.Р.