Со концерт насловен „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“, посветен на нашата оперска примадона Ана Липша Тофовиќ, во изведба на солистите Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ, вчера во Античкиот театар во Охрид свечено беше отворено годинешното 60-то јубилејно издание на најреномираната музичко-сценска манифестација во земјава – Фестивалот „Охридско лето“.
Публика, гостите и уметниците, ги поздрави министерот за култура Хусни Исмаили кој подвлече дека фестивалот “Охридско лето” денеска е многу повеќе од очекувањата на неговите основачите пред 60 години, но и од нивните соништа за фестивал кој што ќе биде уметнички амблем на Северна Македонија на уметничката светска арена.
„ Фестивалот “Охридско лето”, кој што оваа година бележи значаен и величествен јубилеј, не се мери веќе со годините на неговите изданија, туку се мери со уметничките успеси што ги носи секоја година. Фестивалот низ годините израснал од ентузијазмот и љубовта на многу луѓе кои што можеби вечерва и не се меѓу нас, но со нивната посветеност овозможија тој опстои повеќе од половина век и да создава уметници кои што би ги посакувала секоја светска сцена“, рече министерот Исмаили.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Стево Пендаровски кој упати честитки за шестдецениското опстојување во кое, како што истакна, „врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука во Охрид“.
„И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи кои со својот труд и со посветеноста се вградија себеси во мисијата на овој фестивал“, рече претседателот.
Јубилејното фестивалско издание за првпат од 1961 година се одржува надвор од вообичаениот термин,и ќе трае од 4 до 30 август со строги придржувања кон протоколите за заштита од ширење на Ковид-19. Во текот на фестивалските денови на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници. Музичката програма на „Охридско лето“ годинава содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската офф-програма. На фестивалот ќе настапат реномирани музичари од Русија, САД, Шпанија, Турција, Косово, Италија, Албанија, Германија, Франција, Чешка, како и уметници од домашната музичка сцена. Драмскиот дел од програмата пак ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи. Шестдецениското опстојување и успешниот пат од едновечерен концерт до манифестација со врвен светски уметнички дострел, Фестивалот „Охридско лето“ ќе биде одбележан и со промоција на монографијата „Фестивалска приказна“.
A.Н.