Папата Францис — глас на надежта кој засекогаш ќе недостасува

0
128

Пишува: Наташа Доковска

Смртта на папата Францис ме погоди длабоко, како човечко суштество, како жена, како граѓанка на малата, но горда Македонија — земја што тој ја почести со својата посета и ја запиша во срцето на историјата. Не беше само првиот папа кој стапна на македонско тло. Тој беше и првиот кој нѐ погледна со очи полни разбирање, кој не зборуваше за верата само како доктрина, туку како жива борба за достоинството на секој човек.

За мене, Папата Францис беше многу повеќе од лидер на Католичката црква. Тој беше храбар реформатор, еден од ретките што се осмели да зборува за климатска правда, за сиромаштијата како облик на насилство, за правото на жените, за интегритетот на мигрантите, за човечноста како врховна вредност. Прогресивен, но смирен. Радикален, но со срце. Мудар, но секогаш со збор за најмалите.

Се сеќавам на неговото присуство во Скопје — на начинот на кој зборуваше за Мајка Тереза не како икона, туку како сестра на светот, како симбол на нежност и активизам. Тоа беше момент кога почувствувавме дека не сме заборавени, дека и најмалите земји имаат глас во неговата визија за светот.

Со неговото заминување, светот загуби еден од последните гласови кои повикуваа на правда без омраза, на мир без цинизам, на вера без исклучување. Јас изгубив учител кој, иако никогаш не сум го сретнала лично, ми даде сила да верувам во добрината како највисока духовност.

Папата Францис не нѐ напушти. Тој само замина онаму каде што секогаш гледаше — кон сиромашните, кон исклучените, кон Небото кое го граделе на земјата.

Нека му е вечна светлината.