Одлуката на властите во Венеција да воведат наплата за влез во историското јадро на градот оваа година предизвика бројни реакции – и кај жителите, и кај туристите. Но, сега следи уште еден чекор: од 2025 година, бројот на денови во кои ќе се наплаќа влез ќе биде зголемен, а цената на билетот ќе порасне од 5 на 10 евра.
Градските власти најавија дека оваа мерка ќе се применува во текот на целиот туристички шпиц – од април до јули, и тоа најмалку 25 денови месечно, за разлика од сегашните десетина. Целта е да се намали притисокот од масовниот туризам и да се овозможи подобро управување со јавните услуги, безбедноста и одржливоста на градот.
Новите мерки ќе важат за дневните посетители – односно оние кои не преноќуваат во Венеција. Тие ќе мора да резервираат термин однапред и да платат влезница преку дигитален систем.
Одлуката доаѓа по анализи кои покажуваат дека Венеција дневно ја посетуваат и до 100.000 туристи, што сериозно го оптоварува животот на локалното население. И покрај критиките дека мерката создава чувство на „туристичка ограда“, градските власти остануваат на ставот дека ова е нужност за заштита на градот, кој е под закана од УНЕСКО да биде ставен на листата на загрозено светско наследство.
Ф. Спировски

