домаНасловнаСе урна покрив во доминикански клуб: Најмалку 98 жртви, меѓу кои и...

Се урна покрив во доминикански клуб: Најмалку 98 жртви, меѓу кои и гувернерка и познат бејзбол играч

Покривот на познат ноќен клуб во главниот град на Доминиканската Република се урна во вторникот во раните утрински часови за време на концерт на кој присуствуваа политичари, спортисти и други, при што загинаа најмалку 98 луѓе, а 160 беа повредени, соопштија властите.

Спасувачките тимови трагаат по преживеани под урнатините на приземниот клуб Џет Сет во Санто Доминго, изјави Хуан Мануел Мендез, директор на Центарот за итни операции, пренесе Н1.

„Продолжуваме да ги расчистуваме урнатините и да бараме луѓе. Ќе бараме неуморно“, рече тој во вторникот вечерта.

Речиси 12 часа откако покривот на клубот се урна врз посетителите, спасувачките екипи сè уште ги извлекуваа преживеаните од под урнатините, замолчувајќи ги насобраните за да може да ги чујат тивките извици за помош. Пожарникарите вадеа блокови од скршен бетон и користеа дрвени штици како лост за подигнување на тешки делови од урнатините, додека во воздухот се слушаше звукот на дупчалките кои го пробиваат бетонот.

Мендез рече дека спасувачите дале приоритет на потрагата во три дела од клубот.

Нелси Круз, гувернерка на северозападната провинција Монтекристи и сестра на седумкратниот Ол-стар МЛБ играч, Нелсон Круз, е меѓу загинатите. Медиумите наведуваат дека по несреќата, Круз 50 минути по полноќ му се јавила на претседателот на Доминиканската Република Луис Абинадер и му кажала дека покривот се урнал и дека таа е заробена под урнатините. Круз била извлечена од урнатините, но починала во болница.

Професионалната бејзбол лига на Доминиканската Република на платформата Икс објави дека меѓу загинатите е и поранешниот играч на MЛБ, Октавио Дотел (51). Официјалните лица претходно го извлекле од урнатините и го пренеле во болница. Загина и доминиканскиот бејзбол играч Тони Енрике Бланко Кабрера, потврди портпаролот на лигата Сатоски Тереро.

Официјални лица рекоа дека најмалку 160 луѓе се повредени, меѓу кои и државниот претставник Бреј Варгас.

Семејството на пејачот Руби Перез, кој настапувал кога се урнал покривот, првично објавиле дека тој е спасен, но Мендез подоцна изјавил дека тоа не е вистина. Спасувачите се уште трагаат по него.

Менаџерот на Перез, Енрике Паулино, кој имаше дамки од крв на неговата кошула, рече дека концертот започнал нешто пред полноќ, а покривот се урнал околу еден час подоцна, при што загинал саксофонистот на бендот.

“Тоа се случи толку брзо. Успеав да се фрлам во еден агол”, рекол тој и додал дека на почетокот мислел дека е земјотрес.

Засега не е познато што го предизвикало уривањето на покривот или кога последен пат била прегледана зградата на Џет Сет.

Клубот објави соопштение во кое се вели дека соработува со властите, истакнувајќи дека сопственикот Антонио Еспајлат бил надвор од земјата во моментот на несреќата, но се вратил доцна во вторникот.

„Нема зборови што можат да ја опишат болката што ја предизвика овој настан. Тоа што се случи е поразително за сите“, рече тој.

Портпаролката на Министерството за јавни работи упати прашања до кабинетот на градоначалникот, но не доби одговор.

Обвинителката Росалба Рамос изјави за ТВ станицата ЦДН дека иако „сите сакаат да знаат“ што се случило, властите сè уште се фокусирани на спасување на преживеаните. Во близина на клубот беше поставена импровизирана мртовечница, додека повеќе од 120 луѓе се пријавија да даруваат крв во двата центри.

Претседателот Абинадер напиша на платформата X дека сите спасувачки служби „работат неуморно“ за да им помогнат на погодените.

„Длабоко жалиме за трагедијата што се случи во ноќниот клуб Џет Сет. Ја следиме ситуацијата од минута во минута“, напиша тој.

Абинадер дошол на местото на трагедијата и ги прегрнал оние кои трагале по пријателите и семејството, со солзи по нивните лица.

„Веруваме во Бог дека ќе излечеме уште живи луѓе“, им рекол тој на новинарите.

Во една болница каде што беа пренесени повредените, член на персоналот гласно ги читаше имињата на преживеаните, додека насобраните прашуваа за нивните најблиски. Во меѓувреме, десетици луѓе се собраа во Националниот институт за форензичка патологија, кој објави фотографии од жртвите за да можат семејствата да ги идентификуваат. Т.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ