Пародија, власт и локални избори

0
168
Пишува: Филип Спировски

Filip Spirovski_1После долго очекуваната нова власт во Македонија има шанси за граѓаните кои не се замешани во политиката. Доживеавме победа во гости на македонската фудбалска репрезентација. Овој знак на подобрување на животот кој патем речено беше доведен до крај минативе десет години, може да се смета за точка на пресврт. Не затоа што ги победивме во фудбал најголемите светски циции, владетели на капиталот и сопственици на последните технолошки изуми. Туку затоа што истите се одушевени од нашата мала земја и подготвени се да помогнат. Ќе ни продадат современа технологија по поволни цени и ќе се заложат кај заедничиот пријател Америка да не протне во НАТО.

Од друга страна, новите политичари – министри, се надминаа во работењето и сега ќе преземат „политичко делување“ во општините. Кандидатурите за градоначалници потврдуваат дека во Македонија или си политичар или си ништо. Јадни оние кои не сакаат да имаат врска со политиката. Никогаш нема да бидат на некоја советничка (пратеничка) листа, никогаш нема да успеат во животот кој пред 100 дена пристигна во Македонија. Претстојните локални избори ќе направат подготовка за повторно прекројување на изборната мапа. Општини со голема територија и малку жители во неа имаат по неколку независни кандидати. Политичките партии се фокусирани окулу Скопје и неговите неколку општини каде е собран сиот човечки потенцијал (според мислењето, а и според настојувањата што ги прават ВМРО и СДСМ). А за сето ова немало логично објаснување!? Но не е така;

Градежната експанзија на станови во главниот град принуди многумина од провинцискиот дел да ги вложат субвенциите од земјоделството во стан во Скопје. Во комбинација со кампањите: „Купи стан за млади“ и „Државната помош за купување стан или куќа“ се направи концентрација на луѓе – гласачи. Водењето на гнасна демографска политика ги заборави луѓето во малите градови, а селата останаа опустошени. Немање на вода и санитација, амбуланти, пошти и продавници направи од територијата на Македонија саката земја. Образовниот систем го бутна на колена интелектуалниот потенцијал и ја разводени и дисперзира квалитативната научна маса. Патната инфраструктура е очајна. Луѓето се приморани да се довлечкаат и да живеат во градот кој се гуши во чад и се дави во фекалии. А истовремено е единствена шанса за подобар живот. Стратешките одлуки владата ги темели врз податоци кои се од минатиот милениум. И повторно никој не го споменува пописот. Без него, можностите за погрешно планирање и градење на стратегии за државава е ловење во магла.

Со нетрпение ги чекам кандидатските листи на партиите за претстојните локални избори. Со нетрпение чекам да ги видам кандидатите за градоначалник на Скопје. За мене тоа е третата функција во државата: после претседателската и премиерската. Ама се уште нема ликови на билборди и предвремени кампањи. Нема ниту претставувања на програми ниту генијални идеи за лепење на гласови. Сево ова води кон одлучување или избирање на кандидат кој заедно со партијата ќе го направи Скопје подобро. А тоа ме потсетува на колективното одлучување својствено за Социјалистичка Република Македонија – онаа во која се родив јас. И сега јадниот иден татко на градот треба за се да праша во партијата, а таа да одобри или да одбие. Ова секако дека не е повик до независен кандидат, но за мене најдобар ќе биде градоначалникот кој е роден и израснат на скопските улици, кој работел и се докажал во Скопје и кој го сака Скопје како ние скопјаните. Партиите? Тие може да предлагаат и да се надеваат. Граѓаните ќе гласаат. А промените? Тие ќе дојдат откако ќе поминат три – четири генерации. Да се надеваме…