Рускиот претседател Владимир Путин во средата објави дека примил втора доза на вакцина против коронавирус и ги повика сите „да го следат неговиот пример“.
„Непосредно пред влегувањето во оваа сала, добив втора доза и сигурен сум дека сè ќе оди како што треба“, рече Путин на видео-конференција со Руското географско друштво, што се емитуваше на телевизија.
„Следете го мојот пример“, додаде Путин.
Како и во случајот со првата доза што ја прими на 23 март, 68-годишниот руски претседател не прецизираше која вакцина ја примил.
Руските лаборатории развија три вакцини, од кои само една, „Спутник V“, е широко користена.
Кремљ не објави никакви фотографии од вакцинирањето на Путин.
Многу светски лидери се вакцинирани пред камерите за да ги охрабрат граѓаните, но Путин рече дека не сака „да се глупира“.
И покрај прокламираната ефикасност на „Спутник V“, Русите не брзаат да се вакцинираат, па според Путин, 6,3 милиони Руси ја примиле првата доза до крајот на март.
Бројот на заразени повторно расте и според официјалните податоци од средата, Русија потврди повеќе од 4,6 милиони заразени и 104.000 смртни случаи од Ковид-19, но се проценува дека овие податоци заостануваат далеку зад реалните во земја во која починаа уште 320.000 луѓе во 2020 година отколку во 2019 година, според статистичката агенција Ростат. А.Р.



