Истражувањето кое е направено во Франција нешто повеќе од три месеци, покажува дека вработените мајки и ментално и физички се поздрави од оние кои што остануваат дома, или пак работат само половина од работното време.
Оние мајки кои што по породувањето користат пократко породилно отсуство и порано се враќаат на работа, имаат повеќе енергија, полесно се движат и се помалку депресивни.
Работата е добра како за физичкото, така и за менталното здравје. Таа им дава чувство на ефикасност, контрола и автономија. Имаат поле во кое што можат да ја покажат својата умешност и за тоа се соодветно платени.
Полното работно време е добро од повеќе причини. Мајките кои што работат полно работно време имаат повеќе шанси да бидат унапредени во работата, земаат поголема плата, имаат здравствено осигурување и ги имаат сите останати бенефиции во однос на оние кои што работаат со половина работно време.
Мајките домаќинки, се финансиски зависни од некого и со самото тоа ризикуваат полесно да западнат во социјална изолација.
Од друга страна пак, докажено е дека родителите сé помалку време поминуваат со своите деца. Економската криза во која што се наоѓаме и сé подолгото работно време на родителите, се главните причини за се почестото отуѓување од семејството. Едно истражување направено на деца до десет години и нивните родители, укажува на тоа дека две третини од децата би сакале да поминуваат повеќе време со своите родители.
Со родителите пак сликата е следна, еден од десет родители му посветува еднаш до два пати неделно внимание на своето дете, или пак можеби поретко. Колку што возраста на децата се зголемува, се намалува времето поминато заедно.
Наравоучение од ова е дека мајките треба да се вратат на работните обврски и заедно со таткото на детето да се грижат за неговото воспитување. Затоа им советуваме на мајките сериозно да размислат дали ќе продолжат со сопствениот професионален ангажман или пак целосно ќе му се посветат на воспитувањето и одгледувањето на децата.
Подготвила: С.Н.