четврток, декември 26, 2024
домаНасловнаРоманот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски промовиран во Кинотека

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски промовиран во Кинотека

Најновиот роман на писателот Владимир Јанковски, „Скриени желби, немирни патувања“, издание на „Антолог“, беше промовиран вчера во просториите на Кинотеката на Република Северна Македонија. Промоцијата беше замислена како разговор меѓу авторот и писателот Владимир Мартиновски. Во рамки на промоцијата беа прикажани и три видеа, две со извадоци од романот направени врз основа на фотографиите на Дејан Колевски и едно видео на кое делови од романот интерпретираат Никола Маџиров и Владимир Мартиновски.

„Скриени желби, немирни патувања“ е трет роман на Владимир Јанковски. Станува збор за мозаичен роман во кој врз основната приказна за четири ликови се вкрстуваат приказните на педесетина луѓе од различни географски меридијани. Книгата претставува микс од приказни, преплетени и вмрежени меѓу себе, доловени со многу детали, хаику моменти, филмски секвенции, духовни епифании.

Според Владимир Мартиновски, „една од клучните одлики на романот е фрагментарноста, кондензираноста на изразот и елиптичноста на фрагментите. Се добива впечаток дека додека се патува низ кусите глави како постојано да се осцилира низ раскажувачките стратегии на краткото и долгото раскажување, низ можностите на кусата проза т.е. расказот и екстензивното раскажување т.е. романот. Покусите текстови се совршено заокружени и би можеле да функционираат и како изделени микрофикции.“

Во врска со ова, Јанковски истакна дека односот меѓу кусите приказни на луѓето од различните меридијани и приказните за четирите главни ликови кои живеат во Скопје е суштински за согледувањето на она што сакал да го раскаже во книгата – прашањето како животите на сите нас за момент се пресекуваат, допираат, пресретнуваат со животите на огромен број луѓе и како тие пресеци, допири и вкрстувања влијаат на нашата егзистенција.

„Само замислете со колку луѓе во еден обичен ден се пресретнуваме. При прошетка, како одраз во излогот на некоја продавница, додека се возиме во автобус. Ќе пресретнеме нечиј израз на лицето, ќе слушнеме дел од некој туѓ разговор, ќе видиме некој поглед кој нешто ќе ни смени во предвидената траекторија на денот. Интересното е што огромен број од таквите секојдневни егзистенцијални пресретнувања и средби поминуваат незабележано. Но, уште поинтересното е тоа што некои такви навидум случајни средби можат нешто да ни променат во поставеноста на денот, на моментот, на она што во тој миг го замислуваме или живееме. И токму во тој пресек, во таа средба, во таа драма понекогаш се наоѓа зачетокот на некое прашањето што го одредува она што сме ние или би сакале да бидеме“, рече Јанковски.

Зборувајќи за поетиката на просторот и просторите во „Скриени желби, немирни патувања“, Мартиновски рече дека поетиката на патувањето е вткаена во ткивото, во компонирањето и во многубројните приказни од романот. „Како читатели вртиме повеќе кругови околу Земјината топка: де сме во Скопје, де во Перт, Осака или Рејкјавик де во Русе,  Оран. За миг се селиме од еден на друг континент. Движејќи се низ романот имаме чувство дека патуваме по целата наша планета. “

Коментирајќи го овој аспект на романот, Јанковски истакна дека му било интригантно да земе неколку основни приказни што се случуваат во Скопје и врз тие приказни да вплете голем број приказни од различни географски точки.

„Живееме во време во кое ни се чини дека светот никогаш не бил толку мал. Поточно, никогаш не сме имале чувство на толкава близина меѓу толку географски оддалечени точки. Ме интересираше идејата дека нешто што му се случува на некој во Ново Место, Валенсија, Осака или Куритиба може, на лично или егзистенцијално рамниште да биде слично на она што му се случува на некој во Скопје. Светот никогаш не бил помал, но истовремено е бескрајно голем. А често во литературата ме интересира токму тој однос меѓу големината на убавината на светот и огромната сличност и синхронии на различните човекови приказни без разлика каде тие луѓе живеат“, истакна Јанковски.

Промоцијата на романот „Скриени желби, немирни патувања“ беше дел од фестивалот на европската литература „Букстар“, во организација на издавачката куќа „Антолог“. Шестото издание на фестивалот поради ситуацијата со корона вирусот, има хибридна форма, т.е. настаните се комбинација од он-лајн настани и настани во живо со присуство на ограничен број посетители. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ