Ракометарите на Вардар во неделата ја одбранија титулата шампион во регионалната СЕХА лига пред околу 5.000 навивачи во Скопје. Актуелниот шампион на Европа Вардар во финалето на Ф4 го совлада ППД Загреб со 26:24 (14:13), освојувајќи ја титулата без ниту еден пораз.
Загреб е од првата минута мораше да брка заостанување, Вардар на моменти имаше четири гола предност, но гостите успеаја да намалат на само еден разлика по првото полувреме. Во сличен ритам се играше и во вториот дел, Вардар „бегаше“, Загреб го бркаше, за во 45-та минута да изедначи на 19:19. Сепак, пет минути подоцна, при водство од 21:20, Вардар направи серија од 4:0 и го реши натпреварот.
Вардар до титулата го доведоа Даинис Кристопанс и Лука Циндриќ (МВП F4) со по пет гола, додека по три постигнаа Иван Чупиќ, Вуко Борозан и Тимур Дибиров, а на голот одличен беше Арпад Штербик со осум одбрани.
Загреб, го предводеше Златко Хорват со осум гола (седум седмерци), а по три дадоа Домагој Павловиќ, Дамир Бичаниќ и Валентино Равниќ.
Вардар по четврти пат ја освои СЕХА лигата, додека Загреб остана на една титула од 2013 година. Преостанатите две ги освои унгарски Веспрем. Ова беше седми Ф4 во СЕХА лигата, а на секој Вардар и Загреб имаа средба. Македонија води против Хрватска со 5-2 во победи. Во натпреварот за третото место Целје го победи Мешков Брес со 31:28.