понеделник, март 17, 2025
домаПОЛИТИКАСветВо напад со автомобил во Минхен 28 повредени, осомничен Авганистанец

Во напад со автомобил во Минхен 28 повредени, осомничен Авганистанец

Автомобил влета во група демонстранти во Минхен, при што беа повредени најмалку 28 лица, како што соопшти полицијата, во намерен напад што се случи неколку часа пред светските лидери да пристигнат во јужниот германски град на безбедносна конференција на високо ниво. Се верува дека осомничениот за нападот е барател на азил од Авганистан (24), изјави портпаролот на полицијата, пренесува „Си-Ен-Ен“.

Меѓу повредените има и деца, изјави градоначалникот Дитер Рајтер. Властите започнаа голема операција во близина на централната железничка станица во градот, изјави портпаролот, пренесува „Ројтерс“.

Полицијата го приведе возачот и не го смета за дополнителна закана, се вели во објава на мрежата Х.

Автомобилот удри во група демонстранти кои организираа демонстрации поврзани со штрајкот организиран од синдикатот Верди, објави локалната телевизија „БР24“. Верди е клучниот синдикат во германскиот јавен сектор.

Демонстрантите се вработени во локалните служби за згрижување деца, соопшти синдикатот, кој го организираше собирот откако преговорите за платите во федералните и локалните јавни служби беа блокирани. Од синдикатот велат дека немаат дополнителни информации за инцидентот.

Очевидец вели дека видел како полицијата пука во автомобил. „Видов човек како лежи под автомобилот“, изјави очевидец за германската програма „БР24“. „Потоа се обидов да ја отворам вратата, но таа беше заклучена“.

Градоначалникот на баварскиот град вели дека е „длабоко потресен“ од инцидентот, пишува германскиот весник „Билд“.

„Шефот на полицијата ме информираше дека возило налетало на група луѓе и дека многумина од нив се повредени“, изјави Дитер Рајтер. „Длабоко сум потресен. Моите мисли се со повредените“, додаде тој.

Конференцијата за безбедност во Минхен започнува во петок, а американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе пристигнат подоцна во четврток, потсетува „Си-Ен-Ен“. Т.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ