сабота, јули 27, 2024
домаВо продажба билетите за јубилејниот 20. ОФФ-Фест

Во продажба билетите за јубилејниот 20. ОФФ-Фест

Влезниците за јубилејното 20. издание на традиционалниот ОФФ-Фест, што годинава ќе се одржи од 9 до 13 ноември, се веќе достапни (во строго ограничен број) на билетарницата на НОБ и на mktickets.mk. Фестивалот годинава е сочинет од 5 концертни настапи и еден документарен филм.

ОФФ-Фест 2021 ќе го отвори на 9 ноември (вторник), извонредното португалско/шпанско дуо Лина и Раул Рефре, коешто испорачува осовремено и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници. Сеќавањата на големата португалска пејачка легенда Амалиа Родригез (1920-1999) ќе бидат освежени, не само со овој концерт, туку и со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, посветен на култната кралица на фадото.

Мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на словенечкото трио „Широм“, во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист/композитор и воедно еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика Кико Динучи, ветуваат, на 11 ноември (четврток), исклучително концертно доживување од највисок ранг.

Конечно, на 13 ноември (сабота), величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански автори „Блик Баси“ (Камерун / Франција) ќе ја пресретне неодоливиот шарм, визија и поезија на нашиот „Пијан Славеј“, новиот проект на Бранислав Николов – фронтменот на Фолтин. Сите концерти на годинешниоте ОФФ-Фест ќе бидат одржани во Националната опера и балет.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ