вторник, јуни 18, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Мај, месец на љубовта! А јуни, јули, август...?

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Мај, месец на љубовта! А јуни, јули, август…?

Тој убав Втори Јуни, 2017 година, беше создаден само за прошетка и кафенце на омилено место. Марта тоа и го стори без размислување, иако според првичниот план тргна од дома да плати сметки, зошто беа се насобрале и не трпеше да се одлага нивното плаќање. Беше многу аљкава и дисциплинирана во плаќањето, и ако не платеше кога наумила, ќе ја продолжеше или подзаборавеше таа идеја, и можеше сето тоа да се разводни да потера долго време, до следното текнување, и да плати и казни и камати, по обичај.

Она што до неа не допре како информација, затоа што веќе беше заморена да се вклучува во „разулавените“ со секакви вести медиуми, и да ја следи реалноста преку нив, беше тоа што тој ден беше неработен, а таа дозна веќе на пат кон центарот.

Кога стаса, искористи ситуација да се смести во средина на омиленото кафуле,  преполно со претежно семејни луѓе, чии мали деца весело трчкаа околу масите и ги допираа и цвеќињата со кои беше оградена терасата.

Радоста од убавиот ден, се чинеше дека ништо не може да ја намали, особено и по подарокот книгата „Утре почнува денес“ од Алф Лоне, што на улица ја доби од една милма женичка, чиј замолувачки допир на нејзиното рамо, да ја земе бесплатно книгата и да ја прочита, толку многу го почувствува што и ја живна телесната и духовна енергија.

Не беше место да се почне со читање на книгата, која на нестрпливата Марта и се виде многу интересна и длабока, а зборува за тајните на животот и доброто поведение, но ете, некој од гостите можеби би помислил во себе „па, богати, ова не е читална!“, и остана релаксирано и кулирачки да си го пие малото еспресо, по нејзин ќејф.

Се беше во препознатливиот тивок манир на кафе- ресторанот, се до моментот кога одеднаш низ влезот на терасата како фурија влезе двојка, за која, во неколкусекундниот поглед  Марта забележа дека станува збор за симпатична и модерна млада дама, до кај 30 тата година,  и маж кон 60-тите години, со просечен изглед, златен часовнк, златен ланец и златна белегзија.

Единствената слободна маса до Марта тие двајцата ја завзедоа без прашање на персоналот, и само што седнаа „нападнаа“ со голема галама. Првата реченица на мажот беше дека персоналот не е професионален, дека е никаков, затоа што кога влегол тој веднаш не притрчале, а немаше ни цела минута откако седнаа.

Разговорот го почна бучно. Всушност, тие влегоа размуабетени. Тој се постави како лидер и почна да зборува со подвикување и заповеднички.

-Ти знаеш дека Универзумот препознава чесни луѓе? Има, не дека ги нема.  Ме препознава мене! Јас кога бев во Дубровник… ја почна својата приказна средовечниот човек.

Марта не сакаше да ги смести во својот видик овие нападни гости, затоа се премести и го завзеде столчето со кое им беше свртена со грб, патем и не е културно да се прислушкуваат туѓи разговори,  ама тоа и не беше разговор. Како на мегафон да зборуваше штотуку пристигнатиот гостин.

Девојката, елегантно но ефтино облечена, со бела кошула, црни панталони, и црни потпетици,  со тенка фигура, и симпатичен лик, и лежерно собрана коса, седна задоволна од средбата (или запознавањето), ама уште веднаш како да се сепна, и секој одговор го даваше се потивко и потивко, и секогаш со културна дистанца својот придружник го именуваше со „господине“.

-Знам за Универзумот, му одговори, се се враќа!

Во следните десеттина минути тој толку брливо скокаше од една ан друга работа, што  дури и во една иста реченица мешаше разни неповрзани теми, па така од Универзумот веднаш се префрли на демократијата во Шведска, Данска, Финска, Норвешка, со посигурен тон во зборувањето (од што можеше да се извлече заклучок дека живее некаде таму), а ги обвини Германија и Франција дека се лицемерни во својата демократија, дека таму и нема воопшто демократија, а дека овде па…

– Не ме интересира политика, нервозно возврати девојката, сладејќи се со нарачаниот сладолед во порција  и се сладеше со него, додека тој пиеше рујно вино.

-Како може да не те интересира политика, мораш да си информирана за околината во која живееш. Не може да се оградиш и изолираш. Како ќе функционираш?

Тој командуваше со разговорот, и на секој одговор на девојката на неговите рафални и вкрстени прашања, и возвраќаше отсечно: „Не си во право! Не си во право!“ и ја наметнуваше својата замислена тема на разговор.

Според слободната проценка на Марта, стануваше збор за човек кој решил да стапи во авантура, и за девојка со истата намера, но таа тоа го правеше толку колебливо, како да беше принудно решена да направи нешто по прв пат, ама и во исто време како да бараше да се створи причина сепак тоа да не го направи.

Откако таа му се пожали за мобингот на работно место и  стро ја нападна некоја жена, најверојатно нејзината колешка, со секакви погрдни зборови, но и некој друг човек, тој почна да ја прашува што знае за тој човек (да речеме, можеби шефот или работодавецот).

– Што знаеш за тој човек, што знаеш за тој човек се кажи ми. А и од каде ти тоа го знаеш?

Девојката подголтнуваше кнедли, малку молеше па одговори:

-Јас можам за секого да дознам, дури и за тебе, ако сакам. Ама, јас само сакам некој да ме почитува и прифати ваква каква што сум! Ништо друго!

Во следните неколку минути, кога веќе виде дека по малку изнервирана, го спушти тонот и и рече:

-За она што си ми толку лута, извини ако нешто сум те навредил, јас сум постар не се сеќавам, ти си помлада сигурно памтиш повеќе од мене. Ајде да не зборуваме сега за неа, ние сме двајца среќни луѓе, што имаме ние со неа? Неа ќе ја елиминираме и остануваме само ние. Ние сме среќни и нема потреба да се мешаме со луѓе кои не се среќни, констатира со уште позаповеднички тон.

Марта веќе се предаде, не можеше да насети за каков тип на пријатели станува збор, дали се знаат, дали се запознале на фб, дали имаат соработка, или што и да е друго во прашање, но се гледаше само дека нешто е во фаза на отпочнување и дека, не е баш надежно. И не се излажа.

Во тој момент човекот се надвоврза на нивниот муабет повторно со заповедање:

-Ајде сега да зборуваме за работата! Мене ми се допаѓаш, ти си културна и интелегентна, ама не е добро тоа што знаеш премногу!

-Добро е, му влезе во збор девојката.

-Не е добро, повтори тој. „Колку плата земаш?“, праша гласно и заповедно.

Таа нешто му дошепна, а тој  тогаш кабадајски, одговори, пиииххх, дека тоа не е ништо, дека неговата „пријателка“ земала неколку илјади евра, а пак неговиот син, вработен во администрација во Македонија, зема висока плата и 50 евра од ден за празник, ама само нему му исплаќале толку висока дневница, на другите не, додаде за да се направи уште поважен и позначаен.

Видно засилен и уште толку охрабрен, следното што ја испраша беше како е нејзината мајка, на што таа тивко  и емотивно рече дека нејзината мајка има проблеми со нозете и мора да се оперира.

„Господинот“, во улога на врвен хирург, уште неслушната дијагнозата, констатира:

-Аааа, оперирањето е околу 5.000 евра, а ти од каде ќе ги најдеш тие пари, а?

-Не , 5.000, над 16.000 евра, со горчина му одговори девојката, која сега веќе ја кренала десната ногата и со коленото ја потпрела на масата, го изела сладоледот и се раскомотила како да е на пикник, а и косата веќе и беше уште полабаво растресена.

Темата за парите не го дочека своето финале.

Девојката, видно растревожена, одеднаш ги спушти нозете и растреперена и дрско му соопшти:

-Мене ми е лошо. Јас си одам! Знаете, некои луѓе со својата енергија лошо влијаат врз мене. Ве напуштам!

Стана и си замина со брзи растрчани чекори.

Тој остана вчудоневиден од ваквиот пресврт, покоментира остро само едно „Добро!“, и остана на масата.

По неколку минути ги вртеше клучевите закачени на гломазниот приверзок и ги бришеше насолзените од јад очи, ама и понатаму остана со нечувствителен и строг израз.

Како да не му беше доволно што ја повреди девојката, особено во делот каде беше највулнерабилна- за нејзината мајка, нејзиното здравје и финансиите, за кои Марта помисли дека сигурно се главната причина што оваа беспомошна млада убава девојка, сака да се впушти во игра која не и прилега на нејзиниот карактер, и на нејзината душа.

Лошиот човек, иселеник дојден на одмор во Македонија, кој за себе сметаше дека припаѓа во кругот на среќните луѓе, кои не треба да се мешаат со оние другите, побара сметка. Тука повторното стапи на сцена неговото изживување со женскиот свет. Уште пред да му ја донесат сметката се напнуваше да реагира, сумата можеби воопшто и не му беше важна,  важно му беше да се доисрака со некого, а кога му ја донесоа и официјално почна нервозно да вика дека е многу голема, и побара ценовник да се увери дали е така и во ценовникот .

-Оставете ме, ова е моја маса, настрни се, и остави ме, ќе ви докажам дека прескапо ми наплаќате и ме ограбувате, незадоволно и се обрати на келнерката.

Неколкуте финти со кои сакаше да се наметне како авторитет над сите, а пред тоа и како надежен швалер, уште толку ја намалуваа неговата и онака слаба машка вредност. Овој човек во само десеттина минути покажа толкава омрза кон жендкиот род, почнувајќи од девојката која му се допаѓа, па до сите други кои му излегоа пред очи, просто да се чудиш на очите и ушите, мислеше Марта, затечена од оваа што, несакајќи, го слушна и виде.

Ги извади двата стари модели на мобилни телефони и следните десеттина минути нешто пресметуваше. Пак ја викна келнерката и пак почна да подвикнува на сет глас, чиниш го освоил светот.

Не беше издржливо да се слуша повеќе, беше дури и токсично за мозокот. Марта стана и си замина.

На излезот, освен цвркотот на птиците, го слушна и муабетењето на двајца млади тинејџери, „Мај беше нашиот месец на љубовта, а сега сме јуни“, рече тинејџерката, а нејзиното момче надополна: „ И јуни, и јули, и август и сите месеци потоа ќе бидат наши месеци. Месеци на љубовта!“

„Нека остане момчево такво, мило и слаткоречиво, нека не се промени и никогаш да не поприми манири како овој мизогин и мизантроп, што го видов во кафулето“, си помисли Марта, алудирајќи на негативното однесување на човекот, кој од Универзумот се спушти на кавга за шишенцето вино, што го испи во друштво на, наизглед прекрасна, а можеби и внатрешно прекрасна жена, доведена во очајна животна ситуација!

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ