четврток, мај 30, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ : Мајката е светица! (прв дел)

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ : Мајката е светица! (прв дел)

(Расказот „Мајката е светица“, награден на на 22. годишна средба на просветни работници- литературни творци на Репубика Македонија, во 2014 година, премиерно го објавуваме, во две продолженија)

Осум топчиња со волница држеше во своите раце, стегајќи ги, чиниш некој со залет сака да и ги дрпне. Беше септември, пред самиот почеток на зимата, а од волницата што беше ја купила во сино-зелена боја, прво сакаше да си сплете џемпер за себе, потем се предомисли.

-Ахаа, ќе му сплетам убаво шарено џемперче на внучето. На мојата прва радост. Нека го стопли кревкото бебешко тело. Нека му остане за спомен и кога ќе порасне, да се фали-еве го дарот од баба. Ионака немам што друго да му купам. Ќе му ги дадам и двете мали куклиња кои ми и донесе сосетката Марна од манастирот Света Петка, што ми се за нови, нека му бидат за среќа и благослов. Па и јас баба да станам, и мајка истовремено- полугласно радосно Милица си шепотеше сама со себе.

Несвесно, пред соседите зборуваше како претчувствува дека староста ќе и биде топла и спокојна, иако младоста и била мачна и страдалничка, а од друга страна како да имаше претчувство дека оваа есен е нејзината последна и иако е здрава и има 58 години, нема да ја дочека пролетта. Купи само половина кубик дрва за греење, со намера да си прикупи другиот месец, кога ќе и стигне социјалната помош и нешто од продажбата на плетените работи.

Во моментите на очај само ќе помислеше на својата ќерка единица, Валета, и наеднаш чувствуваше топло околу срце и околу душа. Се подготвуваше за најавената средба.

Со страв.

Поминаа долги години пред прв пат да ја види, порасната мома, пред едно десеттина години. Оттогаш нејзиниот живот доби голема смисла, од ден на ден се повеќе се радуваш на запознавањето со неа, и заборави на сите претодни патила што ја тиштеле со години. Гревот ја изеде во срцето.

Ванета за својата вистинска мајка дозна многу доцна. Откако почина помајката која беше ја збрала во кошницата оставена пред врата и нејзиниот потатко и кажа дека е прибрана и дека треба да се врати кај вистинската мајка, зошто уште тогаш се расчу дека оставеното бебе е на продавачката на обувки која се занела со оженетиот месар. Од дома тогаш ја избркаа Милица, за да не го носат срамот од непосакуваното дете.

Ванета ја чуваа двајцата богати апотекари во малекото гратче, но кога помајката отиде во вечноста нејзиниот потатко се препушти на љубовната игра со многу помладата сосетка, и веќе немаше место за Ванета во неговиот дом. Се смена комплетно. Нивниот однос стана неподнослив и таа ја прифати варијантата да земе од него 10.000 евра и да замине од домот.

-Те израснавме, те образовавме, стекна диплома за апотекарка, биди благодарна на сето тоа, еве ти ги парите и сега можеш сама да се снаоѓаш, беа неговите ладни зборови.

Само што дојде кај мајка си во предградието, не можеше да се помири дека неа ја пречека згужвана и грбава ситна жена, притаена, сомничава, зачмаена, неука, а добродушна и молчалива, со тркалезно лице и долга коса фатена во коњско опавче. Само сините ситни очи одвреме на време подигруваа загрижено.

Сето тоа помина како во магла. Тие неколку дена повеќе молчеа и збунето се гледаа двете. Милица ја гледаше Ванета и не ја препознаваше, ја остави да спие на каучот, додекатаа спиеше на подот, во сиромашната и чиста одаја, каде живееше под кирија.

Не се чуствуваа. Не беа ниту зародени, ниту одродени. Непознати, туѓи, далечни, збунети. Крупната и црномурна модерна девојка, Ванета, не личеше на татко и, а на кого од неговото семејство Милица не можеше да препознае, никогаш не ги ни сретнаа тие луѓе.

-Ќе ме сфатиш кога ќе станеш мајка,само тоа и рече на Ванета кога почнаа да зборуваат на горливата тема.

Очајна огорчена и речиси лута, без поздрав таа набрзо си замина во Копенгахен, да работи во пржилница на риби.

Животот таму набрзо уште еднаш си поигра со неа. Среќната врска и задничкото печалење со шармантниот Бахат од Сирија, завршија со кражба на газдарицата и бегство од негова страна. Преку ноќ се и се преврти на глава, таа се најде пред многу испитувања, се додека не се докажа дека немала никакви сознанија што планирал Бахат.

Потоа скиташе низ Европа од земја во земја, од работа на работа, за по неколку месеци се скраси во Холадија. Познанството и љубовта со десетгодини постариот британец Џон и донесе нови главоболки. Тој беше опседнат со своите филмови, а врската им беше ладна и неодредена. Траеше единаесет месеци. Од немајкаде беше со него.

На мајка си се потсетуваше во моменти на слабост и бескрајно ја осудуваше што ја оставила.

-Знам дека од неа мојата судбина зеде погрешен тек. Не мораше да ме остава во кошница, да ме растат други,а сега да шетам како балон на ветер, по бел свет, каква е таа мајка? ја мачеше ова прашање.

Милица, пак, не можеше да ја преболи, ама големата сиромаштија секогаш ја потсетуваше дека е најдобар потег што ја оставила кај богати луѓе, неротка и нејзиниот сопруг, апотекар.

Почна да ја бакнува по сто пати на ден фотографијата со Валета, што ги фотографира сосетката во оние неколку денови кога избезумена престојуваше кај неа.

Вистинскиот татко на Валета одамна беше починат, апансас, без воопшто некогаш да праша што се случи со неговото вонбрачно чедо, а и со жената која ја остави бремена.

(Продолжува)

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ